Автори од 30 држави на Зрно-фестивалот на алтернативна фотографија
Со 120 дела на автори од 30 земји од светот ќе се одржи Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија во Македонија. Изложбата ќе биде во Мултимедијалниот Центар – Мала Станица, во Скопје, на 16 јуни во 20 часот.
„Ова е единствена можност кај нас да се видат неверојатно храбри, експериментални и естетски издржани дела од најразлични фотографски техники, од едноставни цијанотипии до оригинални колодиумски стакла од огромен формат и многу различни експерименти измеѓу“, велат организаторите.
-Низ целата селекција провејува еден модерен, ведар и луциден дух на современата светска фотографија, ослободена од вештачки наметнатите стеги на медиумот, од минатиот век, додаваат од „Зрно“.
Програмата предвидува изложба на два неверојатно специфични автори.
„Едниот е Жозеф Мариа Рибас Прус – најнаградуваниот шпански ФИАП фотограф. Сериозно име во светот на фотографијата, со неверојатна вештина од темната комора. Наспроти него, Зрно го изложува Дамиан Диаконеску фотограф од Темишвар, алхемичар, мајстор на бројни аналогни, алтернативни процеси со невидена естетика. Крајно непознат за јавноста вон Темишвар и крајно вреден за светска слава“, смета тимот на Зрно кој верува дека промовира и нови ѕвезди на современото фотографско небо. Дијалогот на многу нивоа на овие два автори, ќе биде во КИЦ, на 20 јуни, во 20.30 часот.
Во делата на второто издание на Зрно-фестивал ќе уживаат битолчани. По премиерната изложба во Скопје делата од отворениот повик се селат во Битола, во Офицерскиот дом. Но, оние кои сакаат на поинаков начин да ја доживеат алтернативната фотографија ќе имаат можност од 8 јули да бидат дел од работилниците за седум алтернативни фотографски процеси кои ќе одржуваат во село Цапари, во просториите на уметничката колонија Де Ниро, од 10 до 16 јули.
„Пријавените учесници на работилниците се една прекрасна шарена комбинација од најразлични вљубеници во фотографијата ширум Европа и една учесничка од САД. На 14ти јули, во Кино Манаки во Битола, на отворениот ден на фестивалот, во 20 часот, професорот Роберт Јанкулоски ќе одржи претставување на делото на браќата Манаки, изложба на нивни фотографии, а потоа ќе биде прикажан и филм за нивниот живот и дело“, најавуваат организаторите.
Програмата на Зрно-фестивал 2023 ќе заврши со изложување на дел од делата кои ќе настанат на работилниците. Инаку, Зрно-фестивалот на алтернативна фотографија, кој своето прво издание го имаше лани, за една година прави голем исчекор во квалитетот и квантитетот на содржините кои ги нуди.
Селекцијата за овогодинешното издание ја правеше осум члено меѓународно жири.