Доза вести

Балканскиот медиумски камион пристигнува во Скопје: Квизови, игри и разговори за вистинитите информации

Balkan News Truck Скопје

По возбудливата турнеја низ Битола, Гостивар и Штип, Balkan News Truck пристигнува во Скопје на 13 ноември 2025 година, на паркингот пред Општина Центар, каде што, од 11 до 15 часот граѓаните ќе можат да учествуваат во квизови, игри и дискусии за вистинитоста на информациите што ги примаме секојдневно.

Balkan News Truck е патувачка платформа што ја промовира медиумската писменост и критичкото размислување, претворајќи го јавниот простор во место за учење, игра и дијалог за тоа како се создаваат, проверуваат и доживуваат вестите.

Програмата во Скопје ќе опфати повеќе активности, меѓу кои квизот „Препознавање на дезинформации како супермоќ“, дискусија „Провери ги фактите“ со Владимир Петрески и Матеј Тројачанец од Вистиномер.мк, како и интерактивната игра „Гласај за желката“ — симболичен пример за тоа како се шират дезинформациите.

Во рамки на работилницата Social Media Blender, учесниците ќе можат да создадат своја мапа на извори на информации и да размислат како ги филтрираат содржините што секојдневно ги консумираат. Фацилитатори ќе бидат Деспина Ковачевска од Фондацијата „Метаморфозис“ и Марио Спасевски, новинар на „Мета.мк“.

Настанот во Скопје е дел од предпрограмата на Деновите на медиумска писменост (17–24 ноември 2025), во организација на Фондацијата „Метаморфозис“. Целта на Balkan News Truck е да го поттикне критичкото размислување, разбирањето на медиумските процеси и отпорноста кон дезинформации преку едукативни и забавни активности достапни за сите граѓани.

Целата програма и распоредот по градови се достапни на: balkan-voices.com/BALKAN-NEWS-TRUCK

Напишете коментар