Блог, Блог на странец

Го зацврстив мојот идентитет на граѓанин на светот

Време на читање: 5 минути

Ритник Бисвас e волонтер на Мировниот корпус, кој доаѓа од Њујорк, САД. Тој последнава година е вклучен во активности на организацијата НОВУС од Струмица. Бевме љубопитни за неговата волонтерска работа, мотивите да дојде од „центарот на светот“ во многу помалата Струмица, па му предложивме да напише блог. Во продолжение го објавуваме неговото искуство со волонтерската работа во Македонија

Ритник Бисвас
Фотографии: приватна архива на Бисвас

Можеби сум далеку од дома, но сум благодарен и горд што служам за поголема кауза, за пријателство со народот на Северна Македонија. Се потсетувам на американскиот класик „Животот е прекрасен“ во кој протагонистот Џорџ Бејли се двоуми, од една страна има чувство на одговорност кон својата заедница, но, од друга, има сон да оди на колеџ и да го истражува светот. Неговиот ангел-чувар, Кларенс, го спасува Џорџ од несреќна одлука. Кларенс ги претставува сите оние луѓе, чиишто срца ги допрел Џорџ.
Растејќи, бев изгубен во барање кариера во која ќе најдам смисла. На колеџ го имав и синдромот на измамник. За среќа, во текот на моето чудесно животно патување, многу ментори и луѓе што не ги познавав ми влијаеа и ми го отворија патот. Тие ме инспирираа и го обликуваа мојот идентитет како граѓанин на светот. Мојата служба во Северна Македонија е можност да го негувам талентот на другите и шанса да споделам дел од мојот живот со колегите и со заедницата. Како што Џорџ Бејли ќе осознае во последната сцена: „Ниту еден човек што има пријатели, не е неуспешен“.

За мојата сегашна улога како волонтер на Мировниот корпус, ова се моите цели што се стремам да ги достигнам:
1. Поцелосно да ја истражам Северна Македонија и соседните земји – нашиот живот се испреплетува, но е и сосема различен. Постојат природни чуда што треба да се видат, храна што треба да се вкуси и музика на која треба да танцуваме.
2. Да ги чујам и тие што вообичаено не ги слушаме – да ја почувствувам еуфоријата кога дознавам како луѓето го живеат својот живот и како се одвиваат нивните приказни.
3. Да служам кон миротворец – избирам да водам живот што ќе носи исполнетост и добрина.
4. Да служам смело – не може секој да ја искористи оваа можност, додека истовремено учи за некоја нова култура и за нејзините луѓе. Ниту една плата не може да се спореди со сочувството што ми го покажуваат луѓето.
5. Сите ние сме луѓе – сакаме да бидеме сакани, да имаме сигурност, но и да ги исполнуваме нашите внатрешни цели за поголема кауза на човештвото.

Со младите читаме книги и учиме критичко размислување

Зошто да работите како волонтер? Како што им кажувам на младите со кои работам, волонтерската работа е начин да се вклучите во вашата заедница. Промената доаѓа однатре.
Не постои единствено искуство што може да се раскаже за Мировниот корпус. Поважно е тоа што ќе направите вие самите од тоа. Како што вели Џон Кенеди: „Од мажите и жените ќе се очекува да работат и да живеат заедно со државјаните на земјата во која се стационирани – да ја вршат истата работа, да јадат иста храна, да зборуваат на ист јазик“.  Така и јас сега сум заедно со Македонците делејќи оброци со нив, разговарајќи на нивниот јазик. Тоа е животот што го водам. Потребата за градење мир и соработка е поголема од кога било досега, а односите што ги формирам навистина го трансформираа моето искуство во Мировниот корпус.

Ритник со тимот на организацијата НОВУС


Се сметам себе за многу среќен што сум вклучен во НОВУС – Струмица каде што потребите се усогласуваат со моите интереси и искуство. Ја водам иницијативата за дигитална трансформација во оваа организација, чијашто цел е да ги подобриме нашите внатрешни способности и професионалната презентација. Во моментов, развивам стратегиски план, кој има цел да ја подигне нашата организација на ново ниво, а е во насока на приспособување на променливата динамика на граѓанското општество. Во партнерство со американското катче, пак, создадов литературен клуб за англиска книжевност. Се среќаваме на две недели за да разговараме за книгите и да ги споделиме нашите размислувања. Главна идеја со ова е поттикнување дијалог и подобрување на вештините за критичко размислување.

Откако ја прочитаа книгата „Да се ​​убие птицата подбивница“ од Харпер Ли, некои студенти напишаа:

Книгата содржи едни од најважните животни лекции за теми како стереотипи, расна неправда, храброст и емпатија. Но, една порака ми се издвојуваше и таа сè уште одекнува неколку месеци по завршувањето на книгата. Тоа се зборовите на Атикус: `Никогаш нема да можеш да разбереш некоја личност доколку не се обидеш да погледнеш на работите од нејзина гледана точка. Ако не им ја наметнеш кожата и не прошеташ малку во неа’. Во свет во кој стануваме поподелени од кога било, понекогаш се губиме во сопствените мисли и начин на живот. Забораваме на работите што ни се поблиски, на луѓето што нè обликуваа во тоа што сме денес. Многу е полесно да се осудуваат тие што изгледаат поинаку од нас, кои имаат различно потекло и верувања. Зборовите на Атикус нè потсетуваат дека треба да воспоставиме врски едни со други, да бидеме љубезни. Така ќе здобиеме поширока перспектива за светот околу нас и луѓето што ни се важни, Александра.

Една од главните работи што ги научив беше дека треба да ѝ вратиме на нашата заедница. И дека треба да дадеме сè од себе за да ја подобриме. Исто така, секогаш треба да се залагаме за правда и покрај последиците, исто како што прави и Атикус. Ми се допадна да бидам дел од целата дискусија за книгата и со нетрпение ја очекувам следната книга и разговорите што ќе ги водиме за неа, Ана.

Коментарите од овие луѓе го одразуваат потенцијалот на мојата работа да придонесе за засилување на младите и поддршка за актуализирање на нивниот целосен потенцијал.

Баба Злата ме научи да правам ориз

Имам искусено дека кујната на Северна Македонија е најдобро да се ужива во заедништво. Истражувањето на регионалната кујна ми создаде интерес за готвење. Поради тоа што сакав да готвам, се зближив со мојата комшика, баба Злата. Ѝ велам на македонски:
„Ако ме научиш да го правам твоето пилешко со спанаќ и ориз, секогаш кога ќе го јадам ќе ме потсетува на твојата добрина“.
Таа, пак, со нетрпение ми вели: „Важи!“
Следниот ден пристигнав во нејзината куќа. Како добар ученик, си понесов пенкало, тетратка и малку благо. Оттогаш, слободно можам да кажам дека не сум го изгорел оризот!

Нејзиниот глас продолжува да одекнува додека подготвувам ориз секоја недела: „Една чаша ориз, три чаши вода“.
Има денови кога ми е предизвик дека живеам и работам во странство. Но, моментите што можам да ги споделам се тоа што ќе го паметам натаму во мојот живот. Научив дека вреди да се борам за тоа ​​што ме прави среќен.


Авторот е волонтер на Мировниот корпус, кој е во служба на организацијата Центар за истражување и анализа НОВУС – Струмица.

Напишете коментар