Четврти копродукциски форум во рамки на „МакеДокс“ од 22 до 24 август
Од 22 до 24 август ќе се одржува четвртиот МакеКоПроДокс форум, централен настан во индустрискиот сегмент на 13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“. Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји.
Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни здруженија, документарни професионалци и 11 проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик.
Сара Ферро, координаторка на МакеКоПроДокс форумот, истакнува дека и е особено драго што по две онлајн-изданија на МакеКоПроДокс форумот во пандемиски услови, годинава, на четвртото издание, најголем број од учесниците ќе присуствуваат во Скопје, а помал дел од нив ќе учествуваат онлајн.
– Годинава за делот Балканска филмска мрежа, кој го модерира Хеле Хансен, во Скопје ќе бидат присутни претставници од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот центар за кинематографија, Албанскиот центар за кинематографија, Бугарскиот национален филмски центар, додека центрите на Србија, Црна Гора и Грција ќе ни се приклучат онлајн. На 22 август, првиот ден од форумот, тие ќе ги презентираат шемите на финансирање пред учесниците и филмските професионалци. Потоа ќе имаме презентација на Ивана Мирчевска од МЕДИА деск МК. Денот ќе заврши со презентација на шесте проекти кои беа дел од работилницата за развој со Туе Стен Милер, објаснува Сара Ферро.
За вториот дел од форумот, односно пичинзите на проектите, годинава има разновидна селекција од 11 проекти кои се продуцирани или се снимаат на Балканот (Албанија, Косово, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Северна Македонија, Турција…). Авторите и продуцентите ќе ги претстават своите проекти на 23 август и ќе имаат „еден-на-еден“ состаноци со одлучувачите.
– Тешко е човек да не се вљуби во „МакеДокс“. Во неговата локација, филмовите и луѓето. По деветгодишното искуство како филмски застапник за документарни филмови во Данска и Норвешка, логично беше да го споделиме нашето знаење и среќна сум што ќе научам за начинот на кој функционира Балканот. Исто така, ја модерирам и мрежата составена од клучни фигури во балканските филмски агенции и центри, па привилегија е да се биде заедно со група која сака да разменува, иновира и работи во полза на создавање најдобри услови за филмаџиите и филмовите во иднина, истакнува модераторката Хеле Хансен.
МакеКоПроДокс форумот е реализиран во соработка со Агенцијата за филм, МЕДИА деск МК, Грчкиот филмски центар, Град Скопје, „Вардар филм“ и Младинскиот културен центар.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржува од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма на 13-тото издание ќе се прикажува на четири локации – во Куршумли ан, плато пред Куршумли ан, МКЦ и „Europe House Скопје“.