Доза вести

Четврто издание на изтражувачкиот филмски фестивал Скопје ја носи темата „Солидарност“

Четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје (ИФФС) започнува денес, 20-ти октомври и ќе трае до 15-ти месецов, а првпат во целост ќе се одржува онлајн.

Темата на годинешното издание е „Солидарност”, а фестивалската програма е бесплатна и отворена за сите заинтересирани гледачи кои ќе проследат интересни документарци, меѓу кои и една светска премиера, и ексклузивни гости од медиумската сфера. 

Фестивалот го отвора дискусија за Новинарството во време на пандемија, каде ќе ги слушнеме искуствата и ставовите на директорката на Европската федерација на новинари, Ренате Шродер, и основачката на Коалицијата за жени во новинарството, Киран Назиш. На оваа тема од перспектива на македонската медиумска сцена на 21.10. ќе зборуваат Христина Беловска и Дарко Дуридански, додека пак на 24.10. ќе се дискутира за соработката на новинарите и граѓанското општество во земјава.

Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се теми што не смееме да си дозволиме да ги одминеме, и неопходно е да бидеме солидарни со секој кој е директно засегнат. Во периодот кога се одбележува тригодишнината од убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, на ИФФС гостува нејзиниот син, Метју Каруана Галиција кој ќе зборува за борбата за правда во сè уште нерасветлениот случај.
Конструктивното известување насочено кон решенија е клучен сегмент од современото новинарство, а како тоа може да се искомбинираа со техниките за мобилно новинарство ќе покаже гостинот од Би-би-си, Дугал Шо (21.10, 12 часот).

Претставници од Центарот за комуникации од јавен интерес при Универзитетот во Флорида, ќе зборуваат за научно изведени заклучоци што откриваат за што се грижат луѓето при изборот на информации, а ќе одржат и работилница каде заинтересираните новинари ќе ги усвојат клучните начела за создавање ефектни приказни.
На 25.10. во 12 часот е закажан разговорот со наградуваната новинарка Миа Малан, основачка на јужноафриканскиот медиум Бекисиса, светол пример за темелно и одговорно известување за пандемијата со КОВИД-19.
ИФФС и годинава нуди богата филмска програма, вклучувајќи ја и светската премиера на „Човекот кој премногу знаеше”. Автор е британскиот независен документарист Мајкл Освалд, кој гостуваше и на првото фестивалско издание, а на 25 октомври ќе покаже Како се прави филм без буџет.

Исклучок е прикажувањата онлајн е „Социјална дилема”, актуелниот документарец од Нетфликс, кој со македонски превод ќе се прикажува за затворање на фестивалот, на 25 октомври во 20 часот. Останатите остварувања што може да се погледнат on demand во текот на шесте фестивалски дена се: „Коронација” на кинескиот уметник Ај Вејвеј, кој е снимен „од дистанца”, користејќи материјали од жителите на Вухан; „Пештерата”, документарец номиниран за Оскар кој ја портретира отпорноста и женската солидарност; документарната истрага „Криминал од солидарност”; „Амазонија: Будењето на Флорестанија” за еколошките проблеми и конзумеризмот; „Солидарност” за работничките права; „Моја драга самопослуго” и „Запознајте ги цензорите”.

Четвртото издание на ИФФС го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.

Напишете коментар