CTRL+ALT+Defend – Скини ги синџирите на онлајн насилството

Родово-базираното насилство има добиено ново лице – онлајн! Во време кога интернетот сè повеќе станува алатка за дискредитација, заплашување и контрола, Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ даде свој одговор во форма на нов ресурс: Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор.
Авторка на прирачникот е проф. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а истиот е изработен во рамки на регионалниот проект „Defend the right to be yourself“.

Прирачникот содржи теоретски рамки и дефиниции за новите форми на насилство во дигиталниот свет, како и конкретни примери од праксата: од сајбер-вознемирување до одмазничка порнографија, алати за препознавање и самозаштита, како и насоки за институции, родители и млади како да реагираат и кому да се обратат.
Жените и девојчињата често се изложени на лажни информации кои се обидуваат да ги омаловажат нивните ставови, да ги дискредитираат нивните активности и да ги ограничат нивните права. Воедно сведоци сме на сè повеќе случаи на дигитално родово-базирано насилство кога во нашето секојдневие, децата и младите се веќе изложени на една култура на нормализација на насилството и надмоќ на една личност врз друга каде не се почитува согласноста и телесната автономија. Последните случаи на малолетничко сексуално насилство, но и не само тие, го отвараат прашањето како онлајн опасностите, мажосферата и инцел културата влијаат врз младите момчиња и носат до катастрофални последици- велат од „Стела“.
Од таму додаваат и дека прирачникот има за цел да понуди јасни механизми за заштита и пријавување, но и да отвори дијалог за тоа како заеднички можеме да создадеме побезбеден дигитален простор.
Фотографија: Жарко Чулиќ
„Лице в лице“ изработи прашалник за да слушне повеќе за искуствата од дигитално насилство врз новинарки. Пополнете го овде.