Доза вести

Центар Јадро е суштинска децентрализација на моќта во културата

Време на читање: 5 минути
НОВИОТ КУЛТУРНО СОЦИЈАЛЕН ПРОСТОР КОЈ СЕ ОТВОРА ВО СКОПЈЕ ДЕНЕСКА, НАСТАНА ОД ПОТРЕБАТА ЗА МЕСТО, ФОКУС, КАДЕ ШТО СЛОБОДНО ЌЕ СЕ ИЗРАЗУВА УРБАНИОТ ЖИВОТ, СОВРЕМЕНИТЕ СОЦИОКУЛТУРНИ ПРАКТИКИ, ПРОСТОР ШТО ЌЕ СОЗДАВА AВТОНОМНИ, САМООРГАНИЗИРАНИ СОДРЖИНИ, СОДРЖИНИ ШТО ЌЕ ГО АРТИКУЛИРААТ НАШИОТ УРБАН, ИНТЕЛЕКТУАЛЕН, КРИТИЧКИ И ТВОРЕЧКИ КАПИТАЛ.
- банер -

Културната сцена во Скопје со отворањето на Културно-социјалниот простор „Центар – Јадро“ (КСП „Центар-Јадро“), кој официјално се отвора денеска, добива пионерска институција на цивилно-јавно партнерство.
На отворањето ќе се обратат првите луѓе на институцијата, а публиката ќе може да го проследи и концертот на Хана Корнети и да го види муралот „Патување“ на ликовниот уметник Сали Ертунч изработен на фасадата на КСП „Центар-Јадро“.

КСП „Центар-Јадро“ е резултат на заложбите на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, која од своето основање во 2012 година како непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа, се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократизација во културата и пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор.
„Идејата за КСП „Центар-Јадро“ настана од потребата за место, фокус, каде што слободно ќе се изразува урбаниот живот, современите социокултурни практики, простор што ќе создава aвтономни, самоорганизирани содржини, содржини што ќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал.  Физичкиот простор во материјалната структура на градот секогаш претставува важна точка на секое културно и уметничко настојување. Тој има исклучително значајна улога на симболичко рамниште, односно во создавањето и комуницирањето на значењата што циркулираат во динамичната промена на општествените и политичките текови“, велат од центарот.

Појаснуваат дека овој модел е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт, Општина Центар, и „Јадро“, а претставува суштинска децентрализација на моќта и единствен пат кон создавање организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата, во рамки на граѓанскиот сектор, но и пошироко.

Во продолжение, објавуваме интервју со мултимедијалниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, програмски координатор на Центарот.

- банер -

Концептот на јавно-цивилно партнерство е првата ваква установа на полето на кулутрата кај нас. Во овој контекст, ве молам појаснете на кој на чин, со КСП Центар Јадро се овозможува долгопосакуваната децентрализација на моќта на културните (и не само на тие) институции?

– Новиoт модел на институцијата е од значење за културниот развој, но и за образованието, развојот на критичката култура и новите облици на создавање социокултурни заедници. Ваквиот вид установи на нов начин му пристапуваат на просторот и на начинот на неговото користење, неговото програмирање (разноликост, инклузивност, а не единственост, униформност и ексклузивност) и, пред сè, тие промовираат нов модел на управување, кој подразбира соработка, заедништво, јавна одговорност, а кој води кон предзнакот на демократски управувачки модел. Овој модел е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и граѓанската мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи. Вака настанува суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија. Тоа е единстевниот пат кон создавање организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата во рамки на граѓанскиот сектор, но и пошироко. Тоа што е особена важост за нас да создадеме институција што ќе покаже стабилна и автономна константа на развиток.


КСП 
Центар Јадро е долгопосакувана иницијатива на Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“. Ве молам објаснете како се развиваше и што сè беше потребно да се помине/надмине во овој процес?

– ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, во 2015 година ja отпочна иницијативата за формирање на мешовита установа која настана од потребата за место каде што слободно ќе се изразуваат урбаниот живот, современите социокултурни практики, простор што ќе создава автономни и самоорганизирани содржини и што ќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал.. Со оваа иницијатива всушност сакавме да иницираме и процес на редефинирање на економските, политичките, културните и останатите потреби на секторот, но и функциите и структурите инхерентни на промената на политичкиот дискурс, кој гарантира поголем демократски капитал. Од 2015 па сè до 2019 година траеа припремите за формирањето на институцијата. Долг период во кој што требаше да се отпочне со преговори со општината, да се изготви статутот и другите потребни документи за регистрацијата на првата од овој тип на иституции  на јавно-цивилно партнерство кај нас и втора во регионот по „Погон“ од Загреб. Би сакал да ја истакнам и несебичната помош на нашите колеги од Хрватска – Теодор Целаковски и Емина Вишниќ, извонредни професионалци кои несебично ни помагаа во сите чекори од реализацијата. Паралелно со подготовките на просторот во Скопје низ серија на презентации го промовиравме моделот на цивилно-јавно партнерство и во неколку други градови во Македонија и со радост можам да кажам дека наскоро со работа ќе започне да работи и КСП Подиум- Јадро во Кавадарци.
КСЦ „Центар-Јадро“ како институција беше основана во октомври 2016 година, а во 2019 година започна со работа во просториите на Месната заедница „Дане Крапчев“ во Општина Центар.

Во општество во кое речиси сè е неизбежно политизирано, здравата мисла, особено онаа, на уметниците е клучна за културниот развој. Зошто е важен еден ваков простор за културната и уметничката сцена и за локалната заедница, воопшто?

– Важен е од повеќе аспекти. Прво, затоа што овозможува на уметници од различни области да ги реализираат своите проекти без паричен надомест. Во време во кое е особено тешко да се фукционира како културен работник, постоењето на ваков простор значително ќе ја олесни реализицијата на разни културни содржини. Од друга страна, постоењето на ваков простор ќе придонесе во плурализацијата на идеи, концепти, прогласи и содавањето на релеванти културни соджини кои на жив начин ќе го артикулираат, промислуваат и ќе се конфронтираат со  комплексниот современ општествен контекст во кој што живееме.
Мултутимедијалниот аспект на  КСП Јадро ќе придонесе и за отварање на нови перспективи и можности за за соработки помеѓу авторите од разни области на уметноста, филозофијата  и социологијата.

Опфаќате широк спектар на интереси, од современа уметност и култура, преку едукативни програми за развој на заедницата, но и на капацитетите на граѓанските организации. На кој начин ја конципирате програмата, каков е интересот кај засегнатите страни?

– Во разговор со поширокиот културен и граѓански сектор се обидовме да ги лоцираме проблемите и потребите со кој се соочуваме и оттаму да излеземе со  конципирана програма што во иднина ќе ја реализираме. Тоа што беше важно за нас е да промовираме пракси и методи на работа кои не се присутни кај нас а кои произлегуваат од големото искуство на членовите на асоцијацијата и тимот на културниот центар. За нас ќе претставува особен предизвик да ги искористиме глобалните пракси и искуства  и да ги пренесеме во локалниот контекст.

Како ќе се финансира центарот понатаму, кои се плановите и во однос на програмата, функционирањето, промоцијата?

– Конкурираме на разни конкурси во земјата и во странство. Tоа се нашите основни извори за финансирање на центарот.  Покрај поддршката за нашата годишна програма  што ја добивме од Министерството за култура,  добивме и едногодишен грант од Швајцарската амбасада преку кој оваа година релализиравме програми од областа на ликовната уметност и дизајнот, осумесечен курс за аудио продукција, театар и перформанс како и обука на аудио и сценски техничари. Сепак тоа што за нас е особено важно е дека сакаме да работиме на поддршка на локалната уметничка сцена и затоа сме целосно отворени и ги охрабруваме  предлозите на уметниците кои ќе можат да нè исконтактираат и да добијат можност на реализација на своите проекти. Направивме една корисна алатка на отворен календар на нашиот веб сајт на кој што сите заинересирани ќе можат преку краток прашалник да резервираат простор и бесплатно да ги користат капацитетите на „Јадро“.

Напишете коментар