Доза вести

Да се ослободиме од стереотипите дека постои еден правилен начин на живеење

ПРИНЦЕЗИТЕ КОИ ТРЕБА НЕКОЈ ДА ГИ СПАСИ ДОМИНИРААТ ВО ПРИКАЗНИТЕ ОД МНОГУ КУЛТУРИ И, СО САМОТО ТОА ШТО НЕМА РАЗНОВИДНОСТ ВО НИВНИТЕ ЖИВОТНИ ПРИКАЗНИ, СОЗДАДЕНА Е ЦЕЛА ИДЕОЛОГИЈА ОКОЛУ ТОА КОЈА Е ЕДИНСТВЕНАТА ПРИФАТЛИВА УЛОГА НА ЖЕНИТЕ. ВО ТАА СМИСЛА, ПРИКАЗНИ СО ДЕВОЈЧИЊА И ЖЕНИ КОИ СЕ ОБИДУВААТ НА РАЗЛИЧНИ НАЧИНИ ДА ГО ОСТВАРАТ СВОЈОТ ПОТЕНЦИЈАЛ СЕ МНОГУ ВАЖНА ПРОТИВТЕЖА ЗА ПОДРИВАЊЕ НА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ НОРМИ, ВЕЛИ КАЛИНА МАЛЕСКА, ПИСАТЕЛКА, ПРЕВЕДУВАЧКА, ПИСАТЕЛКА

Скопски прозен времеплов низ кој читателите ги следат трансформациите на урбаното, но и промените на навиките, сфаќањата, меѓучовечките односи, менталитетите, вредносните системи, светогледите на скопјани. Вака, професорот Владимир Мартиновски, накусо ја опишува новата збирка раскази на македонската писателка, преведувачка и професорка Калина Малеска, која, овој период е актуелна со „Скопје во високата зона“, издание на „Или-Или“. Два раскази кои се дел од оваа збирка пак, се претставени и во збирка раскази, инспирирани од бајки, на која учествуваат автор(к)и од 25 земји. Малеска беше и уредничка на овој меѓународен проект, кој се работеше на иницијатива на „УН Вимен“, како активност за поттикнување на родова еднаквост.
Во период кога светот ја одбележува кампањата „16 дена активизам за запирање на насилството врз жени и девојки“, разговараме со Малеска за зајакнувањето на децата, разбивањето стереотипи, за тоа какви приказни им раскажуваме на нашите деца, но, и како е да се биде писател и професор во време на пандемија.

Дел сте од збирка раскази „Awake not Sleeping: Reimagining fairy tales for a new generation“, која се одвива како активност за поттикнување на родова еднаквост. Преку моќта на раскажувањето, влијаете врз редефинирање на наративите на кои ги изложуваме децата, но и возрасните. Какво е искуството да сте дел од сето ова? Раскажете ни каков беше процесот, изборот на темите, премиерата во Истанбул.
– Во рамки на оваа иницијатива, беа организирани неколку работилници. На работилниците се дискутираше за бајките, се анализираа нормите, идеологиите, вредностите што имплицитно и експлицитно се изразуваат низ нив, како и за родовите стереотипи. Идејата беше секој учесник да одбере некоја бајка или фолклорна приказна од своето поднебје и да ја преобмисли од некој друг аспект. Учесниците потоа пишуваа свои приказни во кои или ја раскажуваат избраната бајка од поинаква гледна точка или ја изменуваат или пишуваат свои авторски приказни во кои има атмосфера или елементи на бајка. Притоа, се дискутираше за можноста да се раскажат приказни кои би изнеле на видело и би поткопале некои штетни традиционални норми. Во однос на темите немаше никакво ограничување, секоја авторка и автор бираа сами за што би пишувале, а идејата беше токму тоа: да се редефинираат наративите на кои се изложени децата, но и возрасните. Потоа, како една од уредничките на книгата, учествував во процесот на читање на пристигнатите раскази, селекција, уредување на текстовите во соработка со авторките и авторите. По повеќе од една година, процесот заврши со една преубава и професионално организирана промоција во Истанбул, на која имаше повеќе елементи: говори, читања на расказите, интервјуа, видео-приказ, панел-дискусија.

Прочитајте повеќе за видео изведбата на театарот „Сенки и облаци“ на еден од расказите на Малеска

Што за Вас значи овој придонес кон рушење на стереотипите за улогата на жените и девојчињата во општеството, за нивниот потенцијал како луѓе, но и за нивните права?
– Ова е книжевен проект и сакавме да биде книжевен проект, па постојано во рамки на уредувачкиот тим, како и во дискусиите со авторите внимававме расказите да не се претворат во трактат за рамноправноста или во дидактички приказни во кои ќе се подучува како да се рушат стереотипите. Најважната цел беше да се раскаже приказна, која ќе биде добро напишана од книжевен аспект. Идеите и вредностите може да бидат имплицитни и суптилно прикажани, а сепак да имаат потенцијал за уривање на стереотипите за улогата на жените и девојчињата во општествата, доколу приказните се впечатливо напишани, добро обмислени и доколку во нив има комплексни ликови со кои читателите ќе се поврзаат. Ова и беше целта на збирката – да опфати раскази кои низ интересно раскажани приказни ќе поттикне љубопитност и преиспитување на родовите стериотипи.

Зошто е неопходно да почнеме на децата да им раскажуваме приказни за девојчиња и жени хероини, наместо за „принцези“ кои треба некој да ги спаси?
– Неопходно е да се разбиваат стереотипите за да се ослободиме од привидот дека постои само еден правилен начин на живеење. Принцезите кои треба некој да ги спаси доминираат во бајките и приказните од многу култури и, со самото тоа што нема разновидност во нивните животни приказни, создадена е цела идеологија околу тоа која е единствената прифатлива улога на жените. Во таа смисла, приказни со девојчиња и жени кои се обидуваат на различни начини да го остварат својот потенцијал се многу важна противтежа за подривање на традиционалните норми.

Откријте ни што носи вашата приказна „Детето без златна коса“.
– Мојата приказна „Детето без златна коса“ е преобмислување на сказната „Прекрасната Илона“. Во неа, кралицата ветила дека ќе роди деца со златна коса, но тие деца се украдени од страна на љубоморната готвачка и заменети со кучиња поради што кралицата е казнета. На крајот, кога ќе се открие вистината, кралот сфаќа дека бил измамен и ја ослободува кралицата. Самиот тек на оваа сказна стои во одбрана на кралот и кралицата, претставувајќи ги како жртви на стереотипчно прикажаната љубоморна готвачка. Претпоставката која лежи во основата на сказната е дека кралицата не е виновна затоа што навистина родила деца со златна коса и дека, доколку родела деца без златна коса, кралот би бил во право што ја казнил. Меѓу многубројните проблематични точки во оваа сказна, оваа ми беше најпроблематичната и главното прашање од коешто тргнав беше: а што ако кралицата навистина родела кучиња или деца без златна коса? Мојот расказ се заснова на идејата дека кралот не е измамената жртва, туку во секој случај е претставник на суровиот патријархат. Затоа уште од првата реченица на расказот, со три елементи укажувам на тоа дека ова е преобмислување на традиционалните норми: со нараторката во прво лице (за разлика од вообичаениот наратор во трето лице во бајките што претендира да биде објективен), со именување на девојчето-раскажувач (наспроти честиот пристап во бајките најголем дел од ликовите да бидат дадени според улогите: кралот, кралицата, готвачката, итн.) и со најавата за промена (за разлика од ликовите во бајките кои се најчесто статични).

Ќе ја има ли збирката „Awake not Sleeping: Reimagining fairy tales for a new generation“ и на македонски јазик?
– За збирката има многу идеи, се дискутира за можностите да се преведува на повеќе јазици, се дискутира за создавање на втор том, како и неколку други можности, но тоа е подолготраен процес што допрва следи, па засега не сум сигурна што ќе се случува во однос на преводот на целата збирка. Инаку, расказот „Детето без златна коса“, како и другиот мој расказ што се наоѓа во збирката, „Собата со формули на ѕидот“, ги има на македонски јазик во мојата нова збирка раскази „Скопје во високата зона“, во издание на „Или-Или“.

Вашата нова збирка раскази пак, „Скопје во високата зона“, (од страна на професорот Мартиновски) е опишана како прозен времеплов на градов. Како е да се пишува и твори во време на пандемија, во време кога, наместо дружења со живи луѓе, повеќе се дружиме со екраните? Како пандемијата ви помага/одмага во писателската работа? Имавте ли предизвици во овој ангажман, но, и во ангажманот како професорка?

– Имав многу предизвици, верувам дека се слични како и оние со кои се соочија сите за време на пандемијата. Прво, тука е стравот од болеста, а потоа и изолацијата која паѓа многу тешко и остава последици. Во однос на писателската работа, поголем дел од расказите ги напишав пред пандемијата, но пандемијата влијаеше на некои од темите во оние раскази кои ги напишав откако таа почна – во сите нив, дури и кога не ја третираат експлицитно, може да се забележат траги од овој тежок период. Во ангажманот како професорка, со помош на видео-платформите успеваме да го покриеме материјалот и да имаме квалитетни дискуии, но дефинитивно наставата во живо е многу подобра и поефективна.

Напишете коментар