Да се вклучиме во создавањето (нај)добра општина
АПЛИКАЦИЈАТА „МЗАЕДНИЦА“ ГЕНЕРИРА ПОДАТОЦИ ЗА 16 ТЕМИ КОИ СЕ ОД ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ, СО ШТО ОПШТИНАТА ВО СЕКОЈ МОМЕНТ МОЖЕ ДА ИМА УВИД ВО ПРИОРИТЕТИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ, КРИТИЧНИТЕ ТОЧКИ, ДИНАМИКАТА НА ВКЛУЧЕНОСТ НА ГРАЃАНИТЕ НО И ТИПОТ НА КОРИСНИЦИ НА САМАТА АПЛИКАЦИЈАТА. ОВИЕ ПОДАТОЦИ ГО ПОДОБРУВААТ ПРОЦЕСОТ НА НОСЕЊЕ НА ОДЛУКИ, ТРАНСПАРЕНТНОСТА И ОТЧЕТНОСТА НА ОПШТИНИТЕ, А СО ТОА ЈА УНАПРЕДУВА И ДОВЕРБАТА НА ГРАЃАНИТЕ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ.
Граѓаните во секоја општина се соочуваат со скршени клупи, корпи за отпадоци, улични светилки, уништени паркови и отпад кои се во надлежност на општините. Понекогаш овие проблеми стигнуваат до соодветните сектори на општина со задоцнување, и повеќе средства се трошат за нивно санирање. Oд неодамна, постои мултифункционална дигитална платформа, „мЗаедница“, која им овозможува на општините да ги дигитализираат јавните услуги и да воспостават двонасочна комуникација со граѓаните во утврдување на приоритетите на заедницата.
Граѓаните, на ваков начин, ги поддржуваат своите општини во детектирање на проблемите на терен, секојдневно пријавувајќи предизвици до соодветните сектори во општината. По поднесената пријава, секторот го известува тековно граѓанинот за статусот на истата, вклучувајќи го и известувањето кога проблемот е решен. Оваа дигитална алатка овозможува и поднесување на предлози како на пример, нови паркови, места за млади, паркинг простори и други.
Во последната година, општините ја користат „мЗаедница“ и нејзината опција за поднесување на предлози во процесот на собирање граѓански предлози за општинските буџети. Животната динамика често нѐ спречува да отидеме во општината и да пријавиме проблем со кој се соочуваме или пак да учествуваме во форумите за подготовка на општинскиот буџетот за наредната година. Оваа алатка го овозможува тоа.
Засега е интегрирана во работата на општина Карпош, Валандово и Кочани, а наскоро и ќе биде достапна во уште две општини.
Платформата им овозможува на општините да го дигитализираат процесот на аплицирање за субвенции со што се надминуваат физичките бариери и потребното време кое граѓаните го трошат за да ги остварат своите права. Преку неа граѓаните можат да аплицираат за добивање на субвенции за велосипеди или еднократна финансиска помош. Прилагодлива е на различните политики и приоритети кои ги имаат општините и може да овозможи дигитализација на различни програми за субвенционирање на граѓаните.
Јакнење на чувството на припадност во заедницата
Зад „мЗаедница“ стои Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“, која, меѓу другото, овозможува јакнење на чувството на припадност во заедницата овозможувајќи дигитален простор каде граѓаните можат да ги споделат своите визии за општината, да дадат конструктивни предлози, но, и да пријават проблеми кои сметаат дека општината треба да ги реши. Апликацијата овозможува следење на активностите на општината во решавањето на граѓанските пријави, поддршка на акциите предложени од другите корисници и споделување на социјални медиуми.
Од друга страна пак, „мЗаедница“ ја олеснува и унапредува работата на самите општини. Апликацијата генерира податоци за 16 теми кои се од интерес на граѓаните, со што општината во секој момент може да има увид во приоритетите на граѓаните, критичните точки, динамиката на вклученост на граѓаните но и типот на корисници на самата апликацијата. Овие податоци го подобруваат процесот на носење на одлуки, транспарентноста и отчетноста на општините, а со тоа ја унапредува и довербата на граѓаните во институциите.
Редефинирање на концептот на граѓанско учество
Законските одредби им го даваат правото на граѓаните да учествуваат во работата на општините со цел да ги споделат своите идеи и визии за подобра заедница. Бројни истражувањата на национално ниво велат дека тоа учество е многу мало. Граѓанското учество во локалното владеење е многу ниско или воопшто не постои. Според истражувањето на International Republican Institute (IRI) во голем број на случаи кога граѓаните иницирале или биле вклучени во локалното владеење, нивните обиди биле неуспешни и локалните власти го демотивирале граѓанското учество. Платформата пак, овозможува редефинирање на концептот на граѓанско учество со воведување на нови и иновативни начини преку кои граѓаните ќе можат да влијаат во локалната заедница поради што ја доби и Европската награда за млади во категоријата „Активно граѓанство како дигитално решение со влијание врз општеството“.
Дигитализацијата е тренди, модерна и предизвикувачка. Дигиталните алатки се нашата нова реалност, со очекување дека тие уште утре ќе бидат заменети со вештачка интелегенција, имерзивни технологии и други нови технологии кои ќе влијаат на општеството. Резултатите од нив допрва ќе ги разгледуваме и дискутираме.
Апликации за општествено добро
Во првата половина на 2021 година на App Store биле достапни преку два милиони апликации, а на Google Play 2,2 милиони апликации. Статистиката покажува дека апликациите одземаат скоро 20% од времето кое луѓето го поминуваат на медиумите. Глобалните корисници сега поминуваат во просек 4.2 часови по ден користејќи апликации на нивните паметни телефони, што е зголемување за дури 30% од претходните две години. На некои пазари, овој процент е дури и поголем и стигнува до повеќе од пет часа. Замислете што би можело да се случи доколку за време на тие часови корисниците ги користат апликациите за општествено добро, на пример за да им помогнат на општинските власти во градењето на општина во која секој граѓанин би сакал да живее?
(Авторите се дел од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“)