Дали делиберативната е единствената вистинска демократија?
Основата на делиберативната демократија се состои во апсолутноста и неприкосновеноста на ползувањето на слободата на мислата и изразувањето на граѓаните по однос на прашањата од јавен интерес. Ваква поставена, делиберативната демократија на граѓанинот му отвара можност да заземе став околу прашањата од јавен интерес кои се релевантни за него, и истиот слободно и без ограничувања да го изнесе и елаборира во јавната сфера.
Кога ќе го чуе поимот демократија, просечниот човек примарно размислува во насока на стандардната семантичка дефиниција, според која демократијата е владеење на народот. Ваквото поимање е толку широко што остава простор за голема креативност во однос на прашањата кои изникнуваат: што е народот? како ќе владее? со кого ќе владее? Поради ова, во јавниот и научниот дискурс, може да сретнеме стотици форми и облици на демократија, секако некои повеќе, некои помалку успешни и имплементабилни.
Демократијата не се врзува само со владеењето
Една од теориите е делиберативната демократија. Зачетоците на оваа теорија ги лоцираме во Античка Грција, (во многу порудиментарен облик од современата перцепција) и тоа преку Аристотеловиот идеал за делиберација при донесувањето на јавните одлуки. Сепак, делиберацијата била ограниченa на граѓаните, а граѓани, секако, биле единствено чистокрвните атински мажи, постари од 35 години, единствените достојни за место и збор во јавниот дискурс. Идејата за граѓанството, низ вековите се променила. Граѓанството (прилично бавно и тромо) се проширило, па како категорија денес, барем номинално, не е ограничено по возраст, пол или друга определба. Така, во атинскиот контекст, постоеле услови, граѓанството да учествува директно и непосредно, бидејќи и државите биле помали, и граѓаните биле малубројни. Со развојот на посовремените држави, тоа станувало сѐ поголем предизвик, поради што, постепено се прифаќа посредничката демократија, како единствен разумен и возможен начин народот да владее. Тоа подигнало дилеми околу тоа дали претставничката демократија е и de facto демократија, кога народот не владее, туку единствено гласа и избира кој ќе владее? Тука, логично е да се вратиме на почетната забелешка, дека демократијата, во никој случај не смее да ја врзуваме единствено со владеењето, туку, да ја гледаме низ призмата на одредени демократски вредности: почитувањето на човековите права, владеење на правото, учество во јавните расправи, независност и функционалност на институциите, рамноправност и сл.
Отворена, издржана, пристапна јавна расправа
Делиберативната демократија е минимално оптеретена со самиот чин на “владеењето на народот“ и формалните процедури низ кои тоа ќе се овозможи. Делиберативната демократија е изградена на темелите на концептот на делиберацијата. Традиционално, доколку тргнеме од семантичка точка, делиберацијата претставува јавна расправа, општо расудување околу некој проблем. Така, овааа демократија, претпоставува форма на владеење на народот, чија основа е поставена на учеството на граѓаните во јавната расправа врзана со прашањата од општо и јавно значење. Оттука, основната премиса на делиберативната демократија, можеме да ја сведеме на тоа, јавните одлуки да се донесуваат врз основа на издржана, отворена и пристапна јавна расправа. Како и сите останати политички теории, така и изградбата на теоријата за делиберативната демократија го должиме на низа политиколози, филозофи, па дури и правници, новинари и професори. Како најзначајни може да се споменат: Јирген Хабермас, Џон Ролс, Џејмс Фишкин, Џон Драјзек и низа други. Иако, секој од нив, има свои возгледи и различно го анализира концептот, може да се извлечат неколку суштински карактеристики на овој концепт: еднаков пристап кон дијалогот и можноста за делиберација, и дефинирањето на прашањата за расправа, еднаквост и меѓусебна почит на учесниците во јавната делиберација и незадолжителност на консензусот. Оттука, може да се утврди дека основата на делиберативната демократија се состои во апсолутноста и неприкосновеноста на ползувањето на слободата на мислата и изразувањето на граѓаните по однос на прашањата од јавен интерес. Ваква поставена, делиберативната демократија на граѓанинот му отвара можност да заземе став околу прашањата од јавен интерес кои се релевантни за него, и истиот слободно и без ограничувања да го изнесе и елаборира во јавната сфера. Сепак, истовремено го обврзува граѓанинот да постапува со почит кон ставовите на сите останати учесници, без притоа некој да биде принуден да се согласи. Теоријата на делиберативната демократија, не го “турка“ консензусот, туку самата расправа. Со други зборови, околу определени јавни прашања не може и не мора да се постигне консензус и согласност, така тие ќе останат и понатаму отворени за расправа и анализа.
Демократијата е жив концепт што постојано се менува
Самата делиберација или автентичната делиберација дава можност за индивидуална рефлексија во однос на клучните јавни прашања, проблеми и политики, на ненасилен и начин кој е достапен за секој граѓанин, независно од неговата позадина. Ваквата автентична расправа, го креира демократскиот притисок врз институциите или функционерите кои ќе ги донесат “финалните одлуки“ по отворените прашања, но врз основа на сублиматот и процената на јавното мислење, изразено од страна на граѓаните. Сепак, одлуката која институционално ќе биде направена, понатаму повторно може и ќе биде предмет на делиберација, преку која истата потенцијално ќе биде легитимирана од народот. Доколку во јавниот дискурс наиде на поддршка, значи дека одлуката е легитимна, а во спротивно, на народот му останува неприкосновеното право да критикува и да ја делегитимира истата. Оттука, процедуралниот дел на делиберативната демократија може да го сместиме во сивата зона меѓу посредната и непосредната демократија, каде граѓанинот не владее буквално, туку владее со институциите или политичката елита која треба да ја изнесе одлуката.
Демократијата е жив концепт, кој постојано се менува, надоградува и прилагодува. Во светот постојат стотици демократии и илјадници теории за демократијата. Сепак, делиберативната демократија е онаа која не се фокусира толку на перцепцијата на граѓанинот како номинална гласачка машинерија, туку како на реален и активен учесник во јавната сфера, кој има ставови, кои мора да бидат чуени и кои мора да бидат основа на одлуките и политиките од јавен интерес. Тоа, ја прави делиберативната, можеби и единствена вистинска демократија.
(Авторката е правник и студент по политички науки)