Да не остане само на хартија: Сите елементи на демократијата се одговорност и за самите граѓани

Колку сме свесни дека нашето учество – гласот, ставот, делувањето – го менува општеството? Професорката Јасмина Трајкоска Наумоска зборува за ризиците од симулирана демократија, за образованието што може да нè трансформира во активни чинители, и за улогата на младите во демократијата што не се препишува, туку се создава.
„Воодушевена сум од актуелното издание! Многу важна тема отворате. Јас имам доста работено на ова, ајде да соработуваме“.
Неретко добиваме вакви изјави од публиката на „Лице в лице“. Особено ни се важни поради повеќе аспекти: некои умни луѓе навистина нè читаат; граѓаните се активни чинители на промените во нашето општество и сакаат да влијаат на позитивните промени; читателите го препознаваат „Лице в лице“ како алатка која обединува и поттикнува соработки, акции…
Една од последните вакви повратни информации добивме од професорката Јасмина Трајкоска Наумоска од Универзитетот ФОН. Таа, заедно со Јосипа Ризанкоска и Гордан Георгиев е и авторка на книгата „Граѓанска и политичка партиципација“, што служи како учебник за политиколози, но и за студенти по дизајн.
Зошто е важна темата на граѓанска и политичка партиципација и како да не остане тоа само запишано во учебник, читајте во нашето интервју.
Зошто темата граѓанска и политичка партиципација е важна за одржливост на демократијата?
Демократија, колку гордо тоа звучи!
Демократијата е висока цивилизациска придобивка која значајно го подобрува квалитетот на животот во заедницата. Но, постојат многу заедници кои се квази-демократии и потребно е граѓанинот да биде обучен за да ги препознава. Суштинската демократија е важна кога се загрозуваат правата и слободите на граѓаните да може тие да реагираат, обратно од „Те тепаат и не ти даваат да плачеш”. Граѓанин како zoon politikon е основа на демократијата.
Граѓаните, за разлика од робовите имаат права и обврски во рамките на политичкиот систем со кои може да придонесат за развој или застој, дури и уназадување на заедницата. Граѓаните се одговорни за условите во кои се живее во одредена заедница.
Во учебникот, Јосипа убаво ги има наведено суштинските елементи на демократијата, како што се: Почитување на човековите права и слободи, гледање на граѓаните како еднакви, обезбедување на еднакви можности за граѓаните. На пример: На оглас за вработување да не се фаворизира „синот/ќерката на некој“, или „некој од партија“ туку да се избере тој што заслужува. Дополнителен пример е : „Да не е во право само посилниот“.
Слобода на здружување – кога граѓаните имаат можност да се здружуваат, тие разговараат и природно се сплотуваат за да најдат решенија за одредени јавни заеднички прашања или проблеми. На пример, без правото на здружување, лицата со ретки болести немаше да имаат можност да направат активности преку кои ќе ги направат видливи нивните потреби за лекови кои им се неоипходни.
Поделба на власта, одржување на периодични фер и слободни избори со општо и тајно гласање како израз на волјата на граѓаните, плуралистички систем на политички партии и организации, ова се елементи кои се спротивставуваат на апсолутната власт која апсолутно корумпира. Затоа се организираат периодични избори на кои потребно е граѓаните да имаат избор/алтернатива од повеќе опции кои откако ќе се стекнат со доверба на граѓаните за да ги водат јавните работи потребно е да се има свест за децентрализирано одлучување. Тоа наједноставно значи да не е само еден главен, туку моќта на одлучување да е децентрализирана. Тоа обезбедува кочница и рамнотежа на моќта со поделба на власт.
Слобода на изразување и мислење е клучна за граѓанинот да може да изрази свое мислење и став. Притоа треба да се нагласи дека никој не може да има став за сè. Секогаш е потребно ставовите да се аргументираат. Пристап до власт и нејзино остварување во согласност со владеење на правото – со ова граѓанинот се стекнува со право не само да избира претставници на избори, туку и самиот да има можност да биде кандидат.
Во автократските заедници се знае дека одлучувачките позиции кои значат моќ им следувале по наследна линија. Во демократските општества, замислено е јавните позиции да се достигнуваат преку мерит системот, односно системот на заслуга. Останатите елементи на демократијата како што се транспарентност и отчетност на јавната администрација, слободни, независни и фер медиуми, независно судство се исто така клучни за подигнување на квалитетот на живот во заедницата на секој граѓанин. Потребно е и граѓанинот да е едуциран, еманципиран и социјализиран и на тој начин би можел да е демократски ресурс во рамките на политичкиот систем. Сите елементи на демократијата се одговорност и за самите граѓани.

Зошто пак, беше неопходен ваков учебник во овој момент во македонското општество и образовен контекст?
„Политичките науки постојат за да ги научат граѓаните дека не се само потрошувачи”.
Ова го слушнав на една научна конференција и секогаш го употребувам за да доловам колку е потребна едукација за граѓанска и политичка партиципација. Сите зборуваме дека сакаме демократија, активни граѓани, проактивна младина, но освен во предмет граѓанско општество, никаде не се на едно место обработени: видовите демократии, политичкиот процес и јавните политики кои го организираат секој сегмент од животот на граѓаните, политичката социјализација, политичката култура и социјалниот капитал, актерите на граѓанското општество, граѓанска и политичка партиципација, механизми за директна и партиципативна демократија и применети механизми за граѓанска и политичка партиципација на делиберативна демократија – формите на минијавност.
Граѓанска и политичка партиципација не е политиколошки предмет, туку е предмет кој треба да се изучува на сите насоки. Без разлика на професија, секој граѓанин е потребно да биде едуциран за да придонесува во рамките на заедницата. Затоа што граѓаните, со нивните капацитети се ресурси, а капацитети, знаеме дека се градат.

Од Вашето искуство како професорка, што знаат младите за овој концепт? Што пак, е потребно да ги научиме, односно, да им посочиме, да кокреираме со нив?
Се сеќавам на почетоците, кога во 2014 година ги мотивирав студентите да размислуваат на оваа тема. Правевме една вежба за тоа кои изрази ги слушаме најчесто кога сакаме да искажеме јасно мислење или став за да критикуваме нешто. Тогаш студентите искажаа најчести реченици:
„Не си ти тој што треба да промениш нешто!”, „Каде сите, таму и ти”, „Не си ти најпаметен за да кажуваш!”.
Друг пример кој никогаш нема да го заборавам, се однесува на студентка која живеела тогаш во студентски дом и таму имало огромни стаорци. Незнаејќи каде да се обрати и неспомнувајќи дека има за тоа одговорни лица, како на пример директор, било кој одговорен, се јавила дома и нејзините родители ѝ рекле:
„Издржи уште две години и веќе нема да го трпиш тоа”.
Ова покажува колку не сме свесни за одговорност, за јавен интерес, за заедничко добро, и за индивидуална општествена одговорност на секој граѓанин.
Денес состојбата за свесноста кај младите е поразлична, но сè уште има голем простор за едукација, посебно кај основците и средношколците. Младите се клучни за одржливост и подигнување на демократските капацитети.
Образовниот систем е тромав, тежок на промени. Од друга страна, дигитализацијата се движи „со брзина на светлината“. На младите, учебниците им се здодевни, а времето го мериме во часови пред екран. Како би можело образованието да го трансформира граѓанинот од пасивен набљудувач во активен учесник во демократијата?
Само со соодветно образование за делиберативна, партиципативна демократија, со конкретни алатки со кои може да се подобрува животот на микро ниво. Наједноставно, тоа значи дека е потребно да се учиме дека и ние сме одговорни за изгледот на училницата во која секојдневно учиме. Може да одгледуваме цвеќиња за кои ние ќе се грижиме, дворот е заедничка одговорност. Постојат примери во кои учениците имаат одреден број часови предвидени за општествено одговорни акции или за акции за јавно добро. Со сите овие акции се создава и јавна вредност.
Доколку учениците почнат да ја сфаќаат својата припадност, одговорност и улогата во заедницата од најмали нозе тие подоцна ќе се развиваат во одговорни и совесни граѓани. Технологијата е предизвик, но технологијата не обезбедува здрава животна средина, безбедна вода за пиење и здрава храна, што е основа за преживување на луѓето. Квалитетот на сите основни потреби на граѓаните како што се храна, вода, домување, образование, здравство и многу други, зависи од квалитетот на секој поединец во рамките на заедницата, посебно од оние кои имаат моќ да одлучуваат за јавните работи. Едукацијата не смее да е инстант, тоа бара вложување и темелност кои денес потешко се постигнуваат, но не се невозможни.
Споделете ни конкретни контексти и настани кои ќе илустрираат примери кога македонските граѓани пропуштиле да ја искористат својата партиципативна моќ. Како, доколку ја употребеле, би изгледале поинаку тие процеси?
Одговорноста на секој едукатор/учител/професор/ новинар е да ги едуцира граѓаните дека на долг рок граѓанската и политичката партиципација и јакнење на реални демократски капацитети се многу поголема добивка од партизацијата. Полека, и за жал доста трагично, увидуваме дека не е само докторската професија поврзана со живот или смрт. Сите професии кои се активни во рамките на заедницата имаат одговорност и се однесуваат на квалитет или неквалитет на одредена услуга. На многу крстосници не се поставени сообраќајни знаци и тоа може да доведе до животозагрозувачка позиција. Дали знаеме каде да се обратиме за да се постави правилна сообраќајна сигнализација која им следува на граѓаните и за која има платено јавна позиција за да управува и со тоа прашање?
Како се адресира предизвикот на недоверба во институциите – што е главна пречка за граѓанска партиципација?
Недовербата во институциите е токму поради немањето доволно демократски карактеристики за обезбедување на еднаквост на услуги кон граѓаните. Главната пречка за граѓанска партиципација е недоволната оснажнетост на граѓаните за да преземаат такви активности.
Кој е ризикот од „симулација на партиципација“, односно, граѓаните да се повикуваат да учествуваат во процеси, а нивното мислење да нема реална тежина? Како може тоа да се надмине?
Има многу примери за јавни средби за кои е потребно да постои записник и заклучоци, за потоа да се постапи според договореното. Пример кој би го издвоила е формирањето на Граѓанскиот парламент во општина Прилеп во 2017 година. Тогашниот градоначалник иницира и формира „Граѓански парламент“ во рамките на локалната самоуправа. На веб страницата на општината информациите упатуваат дека во „Граѓанскиот парламент“ може да учествуваат сите заинтересирани: здруженија на граѓани, граѓански иницијативи, неформални групи, организации и поединци кои сакаат да учествуваат во идеите и спроведување на политиките на локално ниво. Таму има и информации за собранието, изјава на градоначалникот во која тој истакнува дека: „целта е да ги кажеме сите своите заложби, идеи и проблеми…“ Во текот на целиот мандат се одржани осум средби, за кои има јавна информација достапна на веб страницата. Важен аспект во овој случај е да се препознае изостанувањето на формална одлука за формирање на „Граѓански парламент” на локално ниво. Дополнително се покажа и немање доволно капацитети во рамките на локалната самоуправа за реализација на иницијативата и ниски капацитети кај граѓаните за делиберативна демократија.
Карактеристично за општества во кои не е развиена делиберативната демократија, секоја јавна средба се смета за делиберација, но кога станува збор за локална самоуправа – неопходно е: било каква активност која подразбира средба со граѓани или посебно формирано тело, како што е граѓански парламент, да постојат записници од тие средби и да се евалуира на крај што е постигнато од нив. Потребно е средбите да се организираат на определени поединечни теми за кои граѓаните, коишто сакаат да земат учество, би биле информирани навремено. Во конкретниот случај, има граѓански парламент (трет по ред) на кој се информираат граѓаните дека ќе се разговара за буџетот. За четвртиот нема информации достапни на веб страницата, за петтиот граѓански парламент стои информација дека во фокусот ќе бидат проблемите со коишто се соочуваат здруженијата и граѓаните на општината. Ова повторно укажува на немање доволно знаење за делиберативна демократија, во ваков случај граѓаните одат на средби на кои разговараат за личните проблеми со кои се соочени, а не за прашања од јавен интерес на општината, за кои имаат одредени ставови и идеи за решавање. Тука, како што и Аристотел укажувал, е од клучно значење да се издвои личниот интерес од јавниот (заедничкиот).
Која е улогата на новите технологии и социјалните мрежи, дали тие се алатка за поголема вклученост или создаваат илузија на активизам без реална акција? Употребата на технологијата зависи од самите капацитети на граѓаните, доколку граѓаните се едуцирани во насока на граѓанска и политичка партиципација и суштинска демократија и преку технологијата ќе влијаат врз подобрување на заедницата. Веќе постојат развиени концепти на е-влада, е-демократија, е-партиципација кои се секако надоградба над основниот концепт кој е неопходен да биде совладан.
Како може граѓанското учество да стане системски дел од креирањето јавни политики, а не само реактивен одговор на кризи или неправди?
Граѓанската и политичката партиципација е системски дел во нашата заедница. Постојат бројни начини за учество на локално ниво на граѓаните кои многу ретко се употребуваат. Постојат и начини за учество на граѓаните на централно ниво кои со реално тешки услови предвидени како процедури кои ги исцрпуваат граѓаните за да го остварат процесот. На пример, за давање предлог закон до Собрание од страна на граѓаните е потребно 10.000 потписи и комплицирана процедура. Постои Проценка на влијание на регулативи во кои задолжително е вклучување на засегнати страни и граѓани. За овие механизми да бидат активни потребно е граѓаните да се едуцирани и оснажнети. Нашата книга „Граѓанска и политичка партиципација“ е само еден мал, но значаен придонес кон тоа.
Делиберативната демократија – облик на демократија во кој одлуките не се носат само преку гласање, туку преку внимателна, аргументирана јавна расправа меѓу граѓаните. Се заснова на идејата дека најдобрите одлуки се резултат на колективно размислување, дијалог и размена на ставови, каде што секој учесник има можност да изрази мислење, да слуша други и да влијае на исходот.
Целта е да се зголеми учеството, отчетноста и квалитетот на донесените одлуки, а не само формално да се исполнат демократските процедури. Делиберативната демократија ги охрабрува граѓаните да размислуваат за општото добро, наместо за личен интерес.