Демократија под закана: План за справување со дезинформациите на Западен Балкан

Фондацијата „Метаморфозис“ и Антидезинформациската мрежа за Балканот (ADN-Balkans), преку сеопфатен консултативен процес со меѓународни и регионални партнери, го изработија документот „План за заштита на демократијата од информациски закани“.
Во фокусот на овој документ е справувањето со системската злоупотреба на информацискиот простор преку дезинформациски кампањи, кои сериозно ја поткопуваат довербата на јавноста и доведуваат до криза на демократскиот систем. Особено е потенцирана ранливоста на Западен Балкан, како еден од најпогодените региони во Европа, каде отсуството на регулатива усогласена со европските институции ја зголемува заканата по демократските институции и процеси.
Во својата суштина, документот нуди визија за обединета и системска реакција на целото општество. Тој ги повикува сите релевантни актери на заедничко делување за изградба на отпорност кон манипулативни содржини и странски влијанија, со цел граѓаните на регионот да можат да носат информирани одлуки во транспарентен и демократски амбиент – посочуваат од „Метаморфозис“.
Како клучни елементи од Планот за заштита на демократијата се наведени:
Сеопштествен пристап: Вклучување на државните институции, медиумите, граѓанскиот сектор, академската заедница и приватниот сектор во заедничка и координирана акција за заштита на демократскиот поредок.
Координирано дејствување: Национални, регионални и европски активности кои се темелат на блиска соработка и размена на информации меѓу сите демократски чинители.
Пропорционално буџетирање: Обезбедување финансиски средства соодветни на ресурсите што ги вложуваат антидемократските актери.
Стратешко и паметно делување: Аналитички пристап кон разбирање на целите и стратегиите зад манипулативните кампањи, со фокус на прецизна реакција.
Заедничка регионална стратегија: Формулирање и спроведување на единствена стратегија за справување со информациски закани на ниво на Западен Балкан, во согласност со евроатлантските интегративни процеси.
Овој пристап, како што наведуваат од „Метаморфозис“, треба да придонесе за реализација на долгорочни приоритети како што се јакнење на изборниот интегритет, регулација на дигиталните платформи кои треба да носат одговорност за штетна содржина и заштита на корисниците, особено на малолетниците, но, и намалување на финансирањето на деинформациските извори и поддршка на етички медиумски практики.
Документот произлегува од меѓународната конференција „Заедно за вистината: Сеопштествен пристап за заштита на демократијата“, одржана во април 2025 година во Скопје.
Илустрација: freepik.com
Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија. Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.
