Доза вести

Денови на медиумска писменост 2025: Кажи НЕ на лажните информации

Денови на медиумска писменост 2025: Од 17 до 24 ноември, кажи НЕ на лажните информации

Од 17 до 24 ноември 2025 година во Северна Македонија ќе се одржат Деновите на медиумска писменост (ДМП), настан посветен на препознавањето и справувањето со лажни вести, манипулативни содржини, АИ-генерирани видеа. Оваа година, ДМП ја носат темата „Користење на критичкото размислување за справување со дезинформации од земјата и од светот“

Целта е да ја подигне јавната свест за важноста на критичкото размислување и медиумската писменост, со посебен акцент на тоа дека секоја лажна информација, ако не се препознае навреме, може да предизвика реални штети.

-Не оставајте лажното да помине тивко – утре тоа може да стане стапица за некого. Ако препознаеш лажна содржина, било објава, вест или содржина генерирана со Вештачка интелигенција – реагирај.  Ти знаеш. Друг не знае. Твојот коментар може да помогне – велат организаторите на настанот, Мрежата на медиумска писменост.

Сите заинтересирани граѓани се поканети да се вклучат и да учествуваат во работилници, предавања и интерактивни активности кои имаат за цел јакнење на дигиталната отпорност и свеста за медиумската манипулација.

За повеќе информации и програмата на Деновите на медиумска писменост 2025, посетете ја официјалната веб-страница: mediumskapismenost.mk.

„Гласови на инклузија“ – Работилница за креација и собирање медиумски содржини во Жеровјане

На 20-ти ноември 2025 година, од 15 до 17 часот, во просториите на ОУ „Лирија“ во тетовското село Жеровјане ќе се одржи работилницата „Гласови на инклузија“, организирана од „Лице в лице“ во партнерство со локалната организација „Нисма“.
Настанот е дел од официјалната програма на Деновите на медиумска писменост 2025 (17–24 ноември), посветена на користење на критичкото размислување за справување со дезинформации.

Работилницата ќе понуди интерактивни сесии каде присутните – новинари, активисти и локални жители – ќе учествуваат во креативен процес за развој на инклузивни медиумски содржини. Фокусот ќе биде на темите толеранција, родова рамноправност и меѓуетничка соработка, со примери од локалните заедници.

Учесниците ќе работат во групи на различни теми, ќе определуваат фокус, ликови, медиумски формати и пораки, а секоја група ќе презентира свое решение.

Настанот е отворен за учесници кои се заинтересирани да придонесат кон инклузивни и критички медиумски содржини.

Работилницата на „Лице в лице“ и сите ставови, мислења и материјали кои произлегуваат од неа се организираат со финансиска поддршка од Европската унија, во рамките на Reporting Diversity Network. Содржината е единствена одговорност на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Напишете коментар