Доза вести

Детска ликовна работилница по повод Меѓународниот ден на детето

Време на читање: 2 минути

По повод Меѓународниот ден на детето денеска Националната галерија ќе организира детска ликовна работилница во објектот Даут пашин амам во Скопје.

Преку ваквите едукативни програми, наведуваат од Националната галерија, се исполнуваат целите и мисијата на галеријата меѓу кои популаризација на ликовното творештво на Р.С. Македонија, доближување на ликовната уметност до најмладата популација, промовирање на културното наследство, запознавање на учениците со ликовните уметници, учење на нови техники на сликање, продлабочување на знаењата здобиени во текот на формалното образование, градење и развивање на свест за уметноста, за уметничките галерии и музеи, за предметот на нивната работа и нивната улога во општеството.

– Вклученоста во едукативните програми е независна од возраста, полот, верска припадност, социјална положба, физичка и/или ментална попреченост бидејки образованието има особено влијание врз градење на човековиот интелектуален капитал во борба за намалување на сиромаштијата, зголемување на социјалната кохезија и елиминирање на можност од социјална неправда и дискриминација. Јакнење на човековите капацитети, особено кај децата, за исполнет, продуктивен и достоинствен живот, се наведува во соопштението од Национална галерија на Република Македонија.

Меѓу останатото, стои во соопштението, овој датум, 1 Јуни, Меѓународниот ден на детето, е ден исполнет со бројни активности, ден на кој треба да се каже „не“ на насилството и злоупотребата на децата, а воедно обезбедување на благосостојба и правилен развој. Ден на кој децата низ игра и настани „гласно“ ги промовираат нивните права.

– Уметноста е мостот кој ги обединува децата, како на локално така и на глобално ниво, без оглед на меѓусебните културолошки разлики. Таа инспирира создавање на нешто ново, поинаква перспектива на поглед на Светот, подвлекуваат од Националната галерија.

Напишете коментар