Детскиот фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ – од 6 до 8 јуни во МКЦ
На 6 јуни (понеделник) започнува деветото издание на тридневниот меѓународен театарски фестивал на сенки за деца, „Сонот на облачето“ што ќе се одржува во Младинскиот културен центар.
Фестивалот ќе биде отворен со промоцијата на креативниот сет „Театарче за игра со сенки”, а веднаш потоа на сцената Фросина од 19:30 часот ќе се претстави театарот од Италија Unterwasser со мултимедијалната претставата „Лавиринт”.
На вториот ден од фестивалот ќе се одржи работилницата “Заробени реки” под водство на Доротеј Нешовски каде преку мозаична игра со фолија во боја, со помош на светло и сенки децата ќе раскажат една поинаква приказна за зачувувањето на животната средина, со фокус на водата и реките. Потоа следува интерактивната претстава „Заборавените принцези на српскиоттеатар „Le Studio“. На крајот ќе биде претставен ликвид перформансот “Флудо” на плато МКЦ од страна на театарот „Сенки и облаци“.
Последната фестивалска вечер ќе започне со работилницата на Караѓоз мајсторот, Џемал Фатих Полат од Турција, каде децата ќе имаат уникатна можност да ги применат традиционалните техники за изработка на Караѓоз кукли за сенки стари над 650 години, а крајот на фестивалската програма ќе се забележи со претставата „Колку е часот“ во 19:00 часот во изведба на театарот „Сенки и облаци”.
„Сонот на облачето“ е единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион што успешно придонесува кон меѓународната и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика.
Организатор е Театар „Сенки и облаци“, а фестивалот е реализиран со поддршка на Министерството за култура на С.Р.М., Градот Скопје, МКЦ, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко- свест“, Амбасадата на Италија во Скопје, Српскиот културно информативен ценатр СПОНА и Институтот „Јунус Емре“ во Скопје ќе ѝ овозможат на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.
Учеството на работилниците е бесплатно со задолжително претходно пријавување. Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ по цена од 250 денари, како и онлајн на следниот ЛИНК.