Доза вести

Дигиталните платформи – арена за напад, етикетирања, злоупотреба

Време на читање: 16 минути
- банер -

Во ерата на дигиталното поврзување, еден сеприсутен феномен интензивно ја фрла својата сенка врз групи и/ли поединци ширум светот -дигитално родово базирано насилство, (ДРБН). Оваа анализа има за цел да навлезе во последиците врз менталното здравје на различните групи кои се соочиле со ДРБН и има тенденција да ги разгледа и предочи неизбришливите психолошки лузни на жртвите. 
Во оваа насока е направен преглед на дел од студии кои фрлаат светло врз емоционалната и менталната состојба на жртвите на дигиталното насилство, и во исто време за последиците, како: анксиозност, депресија, посттрауматско стресно растројство, намалена самодоверба. Зборува и проф. др. Софија Георгиевска, психолог и системски семеен психотерапевт, од Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет при УКИМ.

За надминување на овој сеприсутен предизвик, неопходен е колективен напор за подигнување на свеста, промена на политики и промовирање инклузивни и безбедни (дигитални) средини кои ја штитат менталната благосостојба.  Важноста на аспектите за влијанието на дигиталното родово базирано насилство врз менталното здравје – не смее да се остава во сенка, посебно затоа што последиците се протегаат многу подалеку од дигиталната област. Постоењето наратив за последиците, како јавен дискурс, е од клучно значење не само за засегнатите поединци, туку и за креаторите на политиките, застапниците и општеството како целина.

Со подигнување на свеста за ова прашање, се преземаат значајни чекори кон создавање на поемпатично и поинклузивно општество, кое го почитува менталното здравје и достоинството на сите, без разлика на пол или идентитет. 

- банер -

Црвен аларм за менталното здравје

На овој тип насилство може да бидат изложени сите кои се дел од  дигиталната заедница, но, сепак, најчесто жртви се жени и девојки. 
Дури 85 отсто жени ширум светот пријавиле дека сведочеле насилство на социјалните мрежи, а речиси 40 отсто од нив и го искусиле, вели студијата на Economist Intelligence“ oд 2020 година. Насилството над жените и девојките претставува кршење на човековите права, без оглед дали се случува во физички или виртуелен простор. 

Она што е алармантно и загрижувачки е што од ден во ден дигиталното (виртуелно) насилство во голема мера влијае на квалитетот на реалното живеење и стварност. 

Последиците од дигиталното насилство можат дури да бидат и потешки од оние кои се причинети од еден акт на реално насилство. Сајбер насилството брзо се шири, јавно е, тешко се избегнува, и со оглед на тоа што најчесто насилникот е анонимен, и неговото спречување може да биде долг и тежок процес. 

На насилство во дигиталниот простор посебно се изложени жени кои јавно ги изразуваат своите ставови, но, многу често тоа не мора да бидат само жени видливи за јавноста, политичарки или жени на функција, или претставнички на академската заедница, активистки или блогерки, туку и „обични“ жени, кои во јавноста не се видливи во толкава мера.

Овој тип насилство ретко останува само во интернет просторот. Тоа влијае на менталното здравје на жените кои се мета, но, и на членовите на нивните семејства и на нивното опкружување. Дигиталното родово базирано насилство може да донесе сериозни психички, емоционални и физички последици за жртвата. Станува збор за постоење широк спектар на чувства, од вознемиреност, напнатост и бес, до чувство на срам, губење на интерес, безволност, или лоша концентрација. Дигиталното насилство предизвикува и физички последици кои подразбираат промена на ритамот на спиење, присуство на ноќни мори, променет апетит или чувство на исцрпеност и поспаност.

Кога се, пак, во прашање социјалните последици, жртвите се соочуваат со повлекување, изолација, избегнување одење на школо или на работа, заради нарушена репутација, или заради потенцијално отфрлање од средината во која се живее.

Сето ова може да има долгорочно негативни последици врз менталното здравје и врз самодовербата, предизвикувајќи анксиозност и депресија кај лицата што се соочиле со овој вид насилство.


Сѐ уште чувствувам возмениреност кога го отворам мојот „инбокс“

Во Србија, маж бил пријавен во полиција затоа што тајно правел интимни фотографии на жена низ прозорецот од нејзиниот дом додека таа се соблекувала, и ги објавувал на интернет.

Скопјанец отворил лажен профил на Инстаграм и објавил интимни фотографии од својата поранешна девојка.

Група ученици од основно училиште од Белград ги злоупотребиле фотографиите од нивната наставничка и соученичките, монтирајќи ги на порнографска содржина.

Во Босна и Херцеговина, на интернет беше споделена фотомонтажа на голо тело на жена уметник и придружена со сексистички и мизогински навреди и потсмев, направени не само директно од сторителот, туку и од неговите бројни следбеници.

Озлогласената група Телеграма каде што корисниците објавуваат и споделуваат експлицитна сексуализирана содржина за жени и девојки е повторно активирана во Македонија

Заканите по дигиталната безбедност стануваат сѐ подоминантни во време на широка употреба на социјалните мрежи. Но, сето ова, во исто време, значи и дека дигиталното насилство ги спречува жените и девојките целосно да ги уживаат своите човекови права и да ја постигнат родовата еднаквост.

Истражување на Фондот за население на Обединетите нации, УНФПА,  носи наоди дека 85 отсто од жените доживеале или забележале насилство на интернет врз други жени, а дури 57 отсто од жените изјавиле дека нивните видеа или слики биле злоупотребени или искористени на Интернет.
Разоткриените групи на Телеграм во 2020  и 2021 година шокираа со сознанијата дека илјадници корисници споделуваа експлицитни содржини и лични податоци на жени, со што целосно беа загрозени нивните дигитални права, но, и физичка безбедост и сигурност. И сето ова придружено, со сериозна закана по нивното ментално здравје.

Според податоците на Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE), се проценува дека една од десет жени има доживеано одредена форма на насилство на интернет уште од 15-годишна возраст, кои може да вклучуваат различни форми на вознемирување, како закани за силување, убиство, физичко насилство, добивање слики и видеа со сексуална и вознемирувачка содржина, споделување лични фотографии, одмаздничка порнографија итн. Како сторител може да се јави партнер или поранешен партнер, колега, пријател, но, најчесто се случува да е лице што жртвата воопшто не го познава.

Податоци, пак, од истражување на Хелсиншкиот комитет за човекови права од 2021 година, покажа дека 78 проценти од испитаниците се изјасниле дека биле жртви на вознемирување во дигиталниот простор. Од нив, најголем број се жени и припадници на ЛГБТИ заедницата, категории што се воедно и најчести жртви и во физичкиот простор. Посебно загрижувачки е што 11 испитаници изјавиле дека имале суицидни мисли откако биле подложени на овој вид вознемирување.

Сајбер насилството, демнењето и заканите – може да имаат исти и поголеми последици како и  традиционалните форми.
Студиите пренесуваат наративи на жртви кои кои зборуваат за импликациите по нивното  психолошко здравје, и при тоа нагласуваат дека тоа треба да биде момент за загриженост и кај професионалците задолжени за безбедност, и кај оние за менталното здравје, особено заради непостоењето соодветен одговор на овој вид поново насилство.

Омаловажување на личната интимност

Вознемирувачките ретроспективи и сеќавања може да остават несогледливи штети по емоционалното здравје. Тоа го потврдува и една студија во која се артикулирани изјавите на лица кои се соочиле со дигитално насилство, (Victims’ Voices: Understanding the Emotional Impact of Cyberstalking and Individuals’ Coping Responses / Гласовите на жртвите: Разбирање на емоционалното влијание на кибернетското следење и одговорите на поединците за справување). Лицата пројавуваат знаци на срам, страв, депресија, вознемиреност, беспомошност, параноја, панични напади, анксиозност, песмизам, лошо расположение, пострауматски реакции, имаат мала контрола врз животот, нарушена самодоверба, безнадежност, чувство безвредност, дефокус, губење на социјални врски…

Целиот мој живот запре, затоа што живеев во страв.
Почнав да имам фобија од сѐ.
Сѐ уште чувствувам возмениреност кога го отворам мојот „инбокс“.
Не престануваат нападите на анксиозност кога ќе го слушнам звукот на мобилниот телефон.
Целата ситуација ми ги окупираше мислите.
Тогаш сфатив дека губев контрола над сѐ, ја губев и самопочитта…
Бев беспомошна да се одбранам.
Се чувствував премногу засрамено.
Тоа беше најлошто искуство во мојот живот. Напуштив неколку работни места од висок профил.

Професорката Софија Георгиевска вели дека „кога една личност станува жртва на ДРБН, често се јавува остра емоционална реакција, вклучувајќи страв. Чувството на загрозеност и беспомоштво ја опкружува, креирајќи еден виртуелен свет полн со непријателство. Самиот чин на виртуелни напади може да предизвика длабоки чувства на несигурност и неспособност за заштита“.

„Со продолжителни напади, жртвите можат да доживеат депресија и анксиозност. Изложени на непрекинати онлајн напади, тие често се чувствуваат изолирани и неразбрани. Виртуелната средина може да стане арена на понижување и омаловажување на личната интимност, што резултира во намалување на самопочитувањето и самодовербата како и со нарушување на сликата за себе. Освен тоа, жртвите на ДРБН се соочуваат со предизвикот да започнат да избегнуваат виртуелни платформи. Ова влијае на нивната социјална интеракција и може да генерира социјално повлекување и изолација. Губењето на доверба во другите и чувството на несигурност стануваат реалност, дополнително поттикнувајќи ги емоционалните предизивици. Жртвите доживуваат трауматско искуство, кое може да трае долго и да влијае на секој аспект на нивниот живот“, вели нашиот психолог.

Во виртуелниот свет, каде што луѓето се конектираат и комуницираат без граници, анонимноста на напаѓачите станува значаен фактор. Оваа анонимност креира несигурност за жртвата, бидејќи не може да го идентификува напаѓачот. Отсуството на лице во кое може да се стави одговорност може да го зголеми стравот и чувството на беспомошност на жртвата.Самиот виртуелен простор креира атмосфера на немоќ и невозможност за избегнување, вели Георгиевска, а најранливи се младите жени. Затоа, според неа, промовирањето безбедна и позитивна дигитална култура е клучно за заштита на емоционалното и психолошкото здравје на младите лица, обезбедувајќи им потребни стратегии за носење со негативните последици на навредливите содржини.

„Жртвата е изложена на напади кои се трајни, бидејќи дигиталните записи можат да останат достапни и после нападот. Овој перманентен карактер на насилството може да ја зголеми траумата, бидејќи жртвата е постојано потсетувана за инцидентот. Исто така, жените како таргет група стануваат особено ранливи на дигиталното насилство. Општествените стереотипи и родовите очекувања често ги ставаат во положба на поднесување на поголема количина насилство, вклучувајќи го и дигиталното. Дигиталното вознемирување предизивикува трауматични влијанија преку својата интраверзна и невидлива природа. Таргет групата најизложена на овие трауми се младите жени, чие само-идентификување и изградба на сопствена доверба се во фаза на формирање. Нивната ранливост е поради анонимноста и неограничениот достап на дигиталните форми на насилство“.

„Сѐ додека не сте физички повредени – полицијата не дејствува“

Темата на онлајн родово базирано насилство е многу малку покриена со истражувања и анализи во нашата земја, но, погоре споменатото онлајн истражување од 2017 година на J. Worsley, J. Wheatcroft, E. Short и R. Corcoran – вели дека лицата кои се соочуваат со дигитално насилство изразуваат силно незадоволство кога е во прашања одговорот од професионална поддршка на жртвите.

Повеќето жртви, учесници во студијата, истакнуваат дека не биле сфатени сериозно од страна на органите на редот.

Полицијата не го сфати ова доволно сериозно и се чувствував навистина глупаво и понижено. 

На некои полицајци ситуацијата дури им беше комична. 

Мислам дека луѓето кои го спроведуваат законот треба да го сфатат сајбер вознемирувањето посериозно отколку што го разбираат во моментот. Треба да се посвети поголемо внимание на ова прашање. 

Полицијата никогаш не ме упатила кај некоја организација за поддршка. 

Честопати ги прераскажував сите информации на различни службеници.

Поголема поддршка од полицијата ќе беше навистина корисна. 

Сѐ додека не сте физички повредени, полицијата не дејствува.

Не верувам дека ќе се разболев доколку полицијата преземеше ефективни активности во многу порана фаза за да се заштитам себеси и моите деца.

Полицијата рече дека е моја вина што ги ставив информациите онлајн.

Ваквите негативни искуства со органите за спроведување на законот може да ги зголемат чувствата на ранливост кај жртвите. Така, жртвите може да се чувствуваат дополнително обезвластени од овој очигледен недостаток на ефикасна поддршка и како последица на пријавување на тешкото искушение во полиција без ефективен одговор, тие може да  чувствуваат, парадоксално, дека сајбер насилството е легитимно.

Студијата укажува дека за да се минимизира чувството на ревиктимизација, полициските службеници треба да покажат соодветна емпатија како што е прикажано во процедурите поврзани со традиционалното следење. За таа цел, треба да се обезбедат работилници и курсеви за обука за спроведувачите на законот за да се зголеми свесноста за степенот на психолошката штета претрпена од жртвите и важноста на сериозно третирање на прекршоците на сајбер-следење. Генерално, процесот треба да кулминира со упатување до соодветни центри за поддршка кога тоа е потребно.


Стратегии за самопомош – интегрален дел од процесот на зајакнување на жртвите

Георгиевска е децидна дека превенцијата и поддршката се клучни во надминување на емоционалните последици на ДРБН. Вели дека образовните кампањи и свесноста за овој вид насилство треба да се поддржуваат, а жртвите треба да добијат поддршка преку различни канали.

„Создавањето на заедница која е свесна и поддржување на жртвите ќе може значително да помогне во намалување на емоционалните последици и во изградба на здрава виртуелна средина“, нагласува професорката.

Непостоењето на соодветна поддршка, често жртвите ги тера да изнајдат свои механизми на „заштита“ и справување, што не значи дека проблемот е решен. Туку само заобиколуван. Поточно, избегнување или игнорирање на сторителот.
Жртвите ја ограничуват својата активност на  социјалните мрежи, избегнуваат одредени веб страници, ја менуваат е-поштата, или поставките за приватност – сѐ со цел да се ограничи пристапот на сторителот.
Овие чекори на справување го намалуваат квалитетот на животот, но, во одреден момент значат прекин на несаканите упади. Но, во исто време ова значи дека се дава поголема слобода и доминација на сајбер напаѓачот.

Но, ова „безбедносно“ однесување, со тек на време го зголемува чувството на изолација. И самоцензура.

Го напуштив форумот и сите мои блогови. На социјалните мрежи имам само поставки за приватност за пријателите.

Игнорирањето беше веројатно најдобриот одговор бидејќи секој одговор од мене се чинеше дека или го разгорува или го прави среќен. 

Игнорирањето и нереагирањето ако е можно, е доста ефикасно.

Психологот Георгиевска вели дека справувањето со психолошката вознемиреност предизвикана од дигиталното родово базирано насилство може да биде многу тешка за жртвите. Тие можат да применуваат различни стратегии за подобрување на својата психичка состојба и излегување од трауматичното искуство. Жртвите, првично, често бараат поддршка од блиските луѓе во својот живот – пријатели, членови на семејството.

„Отворен разговор за искуството може да биде основа за изразување на емоции и добивање на поддршка што им е потребна. Професионална помош од психолози или терапевти се покажува како значаен дел од процесот на опоравување и зајакнување. Тие им помагаат на жртвите да го истражат искуството и да изградат стратегии за надминување на траумата. Терапијата може да им помогне да го вратат чувството на контрола и да ги изградат ресурсите за подобрување на психичкото здравје“.

Но, и не само тоа.

„Самозаштитните стратегии, како што се усвојување на безбедни онлајн практики и постепено повторно изградување на довербата во виртуелниот свет, може да биде исклучително важно. Жртвите можат да разгледаат различни начини за самоуправување на стресот, вклучувајќи медитација, физичка активност или насочување на вниманиете кон позитивни аспекти во нивниот живот. Важно е за жртвите да осознаат дека не се сами во овој процес и дека поддршката, како и стратегиите за самопомош, можат да бидат интегрален дел од процесот на зајакнување“, нагласува таа.

Виртуелниот свет – место за конекција или извор на социјален страв?

За младите личности во фаза на самодентификација и изградба на самодоверба, повторена или продолжена изложеност на дигитално родово базирано насилство може да остави длабоки и долготрајни последици врз нивното ментално здравје и самопочитување.„Претставете си тинејџерка што активно е вклучена во онлајн заедницата, каде што го истражува својот идентитет и ги изградува своите интереси. Она што почнува како обид за социјално прифаќање, може да заврши со изложеност на дигитално родово базирано насилство. Долготрајните последици на ова искуство можат да бидат широки и длабоки. Првично, може да се појави трауматско искуство, кое може да предизвика посттрауматски стресен синдром. Долгорочните последици на дигиталното родово базирано насилство можат да се опишат како психолошки рани што влијаат на менталното здравје. За младите личности, во фаза на самодентификација, овие последици можат да вклучуваат искривување на само-идентитетот и намалување на самодовербата, слично како и траумите што ги остава психолошката немоќ. Статистиката за една од десет жени стари над 15 години, кои доживуваат онлајн насилство, го истакнува сериозниот обем на ова проблем“, образложува Георгиевска.

Неоспорен факт е и дека дигиталното родово базирано насилство има длабок и често разорителен ефект на социјалните врски и односите на жртвите.

Што се случува кога една млада девојка која влегува во онлајн просторот со намера да го изгради своето виртуелно присуство и конектирање со други – станува жртва на ДРБН?

За неа искуството на онлајн напади и злоупотреба прераснува во социјален кошмар, нагласува Георгиевска.

„Првично, таа можеби ќе ги скрие своите мисли и чувства, стравејќи од осудување или срам. Но, потоа, поради страв почнува да се оттргнува од онлајн заедницата. Ги избегнува социјалните мрежи и онлајн интеракции, намалувајќи ја својата видливост. Виртуелниот свет, што требаше да биде место на конекција и самопотврдување, сега станува извор на страв и социјална изолација. Со време, оваа млада личност почнува да ги избегнува и реалните социјални ситуации. Стравот и траумата од ДРБН ја носат во изолација, каде се чувствува посигурно. Таа ја губи доверба во луѓето околу неа и станува преплашена од можни нови напади. Оваа социјална изолација не само што штети на нејзините меѓулични односи, туку и на нејзината самопочит и самоценка. Последиците, иако скриени, се длабоко врзани во нејзината ментална и емоционална благосостојба“, појаснува психологот. 

Страв од осуда – бариера за барање психолошка поддршка

За жал, слично како што поединците може да се срамат да признаат физички повреди, истата стигма може да се пренесе и на барањето помош, велат психолозите.
Надминувањето оди постепено. Многу луѓе избираат искуството со онлајн насилство да го зачуваат за себе, од загриженост дека семејството, блиските, пријателите, институцииите – нема да им веруваат. Стравот од осудување и неприфаќање од страна на другите може да ги натера девојките да го негираат она што им се случува и да се однесуваат како да нема никаков проблем.

Лицата кои се соочиле со дигитално родово базирано насилство (ДРБН), и кои ќе побараат      поддршка за своите емоции и трауми, се соочуваат со бројни бариери кои ги брануваат нивните внатрешни борби.

„Првата бариера со која се соочуваат е стравот од осудување. Чувството на страв и несигурност за тоа како ќе го гледаат другите може да ги задржи во изолација, што дополнително ја загорчува борбата. Втората бариера е поврзана со интернет културата. Жртвите на онлајн злоупотреба често може да се чувствуваат непрепознаени или игнорирани, бидејќи некои луѓе може да ја потценуваат сериозноста на виртуелното насилство. Овие жртви понекогаш имаат тешкотии да ги објаснат своите проблеми на луѓето околу нив, што ги поставува во ситуација на уште поголема изолација и недоразбирање“, појаснува психологот.

Вели дека иако се забележува одреден напредок во разбирањето и прифаќањето на проблемите поврзани со ДРБН, стигмата и табуата сѐ уште се пречки што треба да се надминат. И затоа, клучно е системот да ја разбере важноста на создавање безбеден и сензитивен простор за разговор и поддршка.Недостигот на координација меѓу институциите, образовни и правни системи и недостаток на обука во областа на дигиталното насилство ги прави нашите механизми недоволно ефикасни. Потребата од промена во правец на интегрирани системи, со едукација и поддршка на повеќе нивоа станува сѐ поголема. Добрите пракси, каде што се воведени современи и комплексни механизми за поддршка, треба да бидат воведени како патоказ кон еволуција и на нашиот систем.

Технологијата  – и закана, и излез

Во намерата да се постигне успех во борбата против дигиталното родово базираното насилство, потребен е координиран пристап на сите релевантни институции – со цел да се обезбеди ефективна заштита на жртвите. Тоа значи работа на развивање на механизми      за поддршка и реинтеграција, но, и иницијативи кои ќе значат добиена битка против стигматизациите, подигнување доверба во правните институции, едукација за сопствените човекови права.    

Професорката Георгиевска предлага можни механизми и приоди што можат да го подобрат системот на поддршка. Еден од нив е постоење специјализирани тимови за третман на случаи на ДРБН.

„Постоењето на вакви ентитети во правосудните и полициските институции, составени од стручњаци во областа на ДРБН, може значително да го подобрат третирањето на случаите. Овие тимови треба да бидат обучени за работа со жртвите на виртуелно насилство и да применуваат соодветни техники за истрага и поддршка“.

Вториот предлог се однесува на потребата од засилена едукација во системот, како на полициските службеници, така и на правосудни работници, со цел – разбирање и ефикасно обработување на случаите на ДРБН. Ова вклучува разбирање на технолошките аспекти и социјалните динамики поврзани со виртуелното насилство.

Друг чекор  е обезбедување лесен пристап до психолошка поддршка. Тоа би значeло постојано унапредување и распространување на информации за постоењето на психолошка поддршка за жртвите на ДРБН. Ова може да вклучува креирање на линии за поддршка, воведување онлајн ресурси и апликации за психолошка помош, како и обезбедување обука за професионалци во здравствените и социјалните услуги за работа со овие случаи.

Но, не помалку важна е и соработката со технолошки компании. Целта е да се подобри  безбедноста и заштитата на корисниците од потенцијални форми на ДРБН. Тоа вклучува брза реакција на пријавите и работа за справување со онлајн злоупотребите.

Технологијата, која може да биде извор на наси лство, може да има и обратен правец, поточно да биде корисна во обезбедувањето на поддршка кај жртвите на ДРБН.

Дигиталните платформи за онлајн поддршка, како и алатките што ја зголемуваат самосвеста и ја подобруваат емоционалната интелигенција, можат да бидат исклучително важни. Слично како што технологијата може да се користи за дијагностика и терапии во физичкото здравје, истото може да биде постигнато и во областа на менталното здравје.

Професорката Георгиевска потенцира дека треба да се има предвид позитивната страна на технологијата како алатка за одговор на ДРБН.

Постојат различни дигитални платформи и алатки кои се разработени со цел да им помогнат на жртвите да се справуваат со последиците на овие форми на насилство.

„Онлајн терапијата и консултирањето е една од можностите. Различни онлајн платформи обезбедуваат различни услуги кои се особено корисни за жртвите кои можеби не можат физички да пристапат до психолог или терапевт. Платформи како BetterHelp и Talkspace обезбедуваат безбеден виртуелен простор за разговор со лиценцирани професионалци“               споделува Софија.

Тука спаѓаат и онлајн заедници и форуми каде што жртвите можат да споделуваат свои искуства и да добиваат поддршка од други во слични ситуации. Така, стратешки дизајнирани платформи, како RAINN’s online hotline и националните линии за поддршка можат да пружат информации и помош.

Во овој ред на механизми на поддршка спаѓаат и мобилни апликации за ментално здравје како Headspace или Calm, кои обезбедуваат вежби за релаксација и медитација, што може да помогне во справувањето со стресот и траумата.

Важно е да се знае дека достапните ресурси онлајн треба да се промовираат како едни од можните начини на справување со ДРБН, особено онлајн курсеви и веб страници како: LoveisRespect.org, кои пружаат информации за здрави односи и дигитална безбедност.


Но, исто така, важно е да се знаат и безбедните апликации за пријавување на насилство, кои овозможуваат жртвите да ги документираат инцидентите и да ги споделуваат со роднини, пријатели или правни инстанци.Сите овие технолошки алатки се важни да го помогнат процесот на оздравување на жртвите на ДРБН, нагласува психологот Георгиевска. 

Почесто да се „гугламе“ себе си

Клучните наоди од тематскиот извештај „За кого интернетот е безбедно место? Родово засновано насилство во онлајн просторот“ подготвен од   истражувачките Неда Петковска и Васка Лешкоска во 2021 година покажуваат дека меѓународните стандарди не поставуваат експлицитна правна основа за дигиталното родово-базирано насилство, иако постои и е дефинирано во поновите прописи, како што се Истанбулската конвенција и генералната Препорака 35 на CEDAW.

Во нашата земја, случаевите како „Јавна соба“, се само еден пример каде се злоупотребува експлицитна содржина без согласност, се уценуваат и таргетираат жени и девојки.

Деталната анализа на „Јавна соба“ покажа дека токму отсуството на хармонизирана законска рамка и дефиниција на дигитално родово-базирано насилство придонеле кон неказнување на сторителите на ваков вид насилство. Сите жртви на „Јавна соба“ се жени и девојки. Сите сторители се мажи. Сепак, во институциите „Јавна соба“ не беше третирана како отелотворување на родово-базирано насилство. Оттука, и казнувањето на сторителите е несоодветно, споро и сè уште неспроведено.

Истражувачките укажуваат на интересни примери за заштита од дигитално родово базирано насилство. Во Португалија поставена е СОС линија, која ги насочува жртвите каде да се обратат и каде да пријават. Интересни водичи за самозаштита се направени и од повеќе невладини во Велика Британија.

„Водичите за самоодбрана нудат онлајн услуги на сајтови каде може да се проверат податоците кои се оставаат на интернет после секоја комуникација, но и сајтови каде може да се проверат личните податоци кои ги користат социјалните мрежи“, пишуваат      истражувачките.

Освен веб-страниците, во странските водичи за самозаштита е наведено дека треба почесто да се „гугламе“ себеси, за да видиме кои информации се јавно достапни за нас.

„Дигиталната писменост е неизоставен дел од повеќето стратегии, па оттаму колку повеќе се посветиме на дигиталната писменост, толку позаштитени ќе бидат најранливите категории на луѓе“, повикуваат Лешовска и Петковска.

                                                                      ————–

Во Северна Македонија во јули 2023 година беа направени и измени на Кривичниот законик, со што демнењето „со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација“ стана казниво со затвор. 

Со тоа, секој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Ова на хартија значи намалување на степенот на  неказнивост, но, во реалноста, велат активистите, климата, за жал, е сосема поинаква. 

За крај, во светот каде што дигиталната технологија напредува со галопирачко темпо, ризикот (заканата) жртвите на дигитално родово базирано насилство, да понесат изразито тешки последици по своето ментално здравје, останува. Овие лица, поминувајќи низ сериозни епизоди на сајбер напади, често искусуваат долготраен и длабок атак врз нивната емоционална состојба. Последиците, пак, понекогаш, вклучуваат и психичка траума која долго време може да биде дел од секојдневниот живот.  

За успешно справување со овој предизвик, потребна е колективна општествена ангажираност, но, и напори за подигнување на свеста за последиците и за начините на превенција – преку адаптирани образовни програми кои ќе придонесат во создавањето поддржувачка средина каде жртвите ќе можат да ја најдат потребната професионална помош. Само преку интегриран пристап, кој вклучува и правна и психолошка интервенција, можеме да креираме средина која ги заштитува жртвите и ги поддржува во процесот на зајакнување и опоравување по преживеаното дигиталното родово базирано насилство.

Комплексноста на овој проблем ни покажува дека лузните што ги остава дигиталното родово насилство несомнено се протегаат и надвор од виртуелната област. Тоа, пак, значи дека и решенијата мора да се прошират надвор од техничките лекови, опфаќајќи ги при тоа сите чекори кои подразбираат создавање систем кој  стреми кон креирање дигитална средина во која свое  доминантно место ќе имаат емпатијата, вистинската инклузија, еднаквоста, свесноста за човековите права во дигиталниот простор.

(Содржината изворно е објавена во публикацијата „Надвор од екранот: Разоткривање на дигиталното родово насилство низ критички осврт“ на Мрежата СТЕЛА, во 54. број на печатеното издание на „Лице в лице“ и на порталот: mollekuqja.mk)


Photo: Freepik

Напишете коментар