Доза вести

Доделена наградата „Пегаз“ за најдобриот необјавен роман

Време на читање: 2 минути
- банер -

Ракописот со наслов „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук е победник на првото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, беше соопштено на прес-конференција, што се одржа во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ во Скопје.

Конкурсот предизвика голем интерес кај домашните автори, за што зборува и податокот дека до крајниот рок во мај оваа година, на официјалната е-адреса на „Пегаз“ пристигнаа 77 ракописи.

За победникот одлучи тричлената стручна жири-комисија, во состав: Димитар Башевски (писател, издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).
Иван Шопов, од име на жири-комисијата, го претстави образложението за одлуката:
– Напишан во манирот на постмодернистичките книжевни практики, „Насон прочитана книга“ претставува онирична авантура чиешто поаѓалиште е една библиотека, како онаа добропознатата на Борхес, инаку во неговиот „поимник“ дефинирана како вселена. Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способности времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост. Авторката, преку заокружена приказна, внимателно осмислена структура и со раскошен стил, го поттикнува интересот за овие прашања на суптилен начин. Важна е и етичката димензија на романот, која сепак не преминува во некаква груба дидактика или морализирање – се вели во образложението.

Соња Манџук (родена 1966 година во Скопје) дебитираше со поетската книга „Воопшто без“, во издание на КММ, во 1989 година. Нејзини дела се и збирката поезија на српско-хрватски јазик „Земјовање“, новелата „Деан Кингер: сместен во смешна куќа“, збирката раскази „Стилски вежби“.

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Имајќи го предвид влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, Фондацијата „Славко Јаневски“ и „Арс Ламина“ го организираат изборот за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр.
– Дводецениското искуство со организирање и доделување на наградата „Роман на годината“ покажа дека овој вид манифестирање поддршка на романсиерското и воопшто литературното творештво е особено благопријатен за целата македонска култура. Низ и преку Фондацијата „Славко Јаневски“ циркулираат безброј идеи за она што ние го нарекуваме „промоција и унапредување на културните вредности“. За жал, Фондацијата не е економски моќна да ги реализира сите идеи што ги наумила, па затоа сфативме дека остварувањето барем на дел од нив е единствено можно во соработка со други субјекти што дејствуваат на ова поле. Една од првите соработки во оваа насока беше со „Арс Ламина“. Со нивното несебично залагање, меѓу другото, ја реализиравме и идејата за наградување роман во ракопис, односно наградата „Пегаз“. Од искуство знам дека голем број веќе напишани романи не добиваат поддршка од Министерството за култура, па постои сериозна опасност некој квалитет да биде превиден и никогаш да не ја види светлоста на книжарскиот излог. Затоа мислам дека оваа награда е важна, не само како потврда на нечија литературна вредност туку и како стимул за збогатување на нашата литературна ризница – изјави новинарот и автор Ѕвездан Георгиевски, кој e дел од фондацијата „Славко Јаневски“.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Победничкиот роман „Насон прочитана книга“ ќе биде промовиран на посебна свеченост до крајот на годината.

Наградата ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, со поддршка на Министерството за култура.

Напишете коментар