Доделени наградите на СЕММ и ОБСЕ за најдобри новинарски трудови со инклузивно известување во време на КОВИД-19
Советот за етика во медиумите (СЕММ) денеска, преку видео-обраќање на Фејсбук, ги соопшти наградите за најдобри новинарски стории за инклузивно известување за различностите во време на Ковид-19.
Прво место, според едногласната одлука на 3-членото жири, освои сторијата на тема „Децата за кои не почна новата учебна година” на авторката Ирена Каревска од редакцијата на 360 степени. Сторијата опфаќа мошне релевантна и содржајна тема поврзана со онлајн образованието за граѓаните под социјален ризик. Во нејзиниот фокус се системските аномалии коишто ги разоткри кризата, С и алармирањето на државата да ги преземе неопходните мерки во оваа сфера. Сторијата се одликува со силен новинарски и тимски ангажман, висок квалитет и урамнотеженост.
Втората награда на годинешниот конкурс на СЕММ ја oсвои сторијата со наслов „Коронавирус – борба низ иглени уши за работничките права”, на авторката Христина Ѓорѓиевска, а објавена на платформата „Види вака”. Со значителен новинарски и снимателски ангажман, мултимедијалната приказна на јавноста ѝ покажува со што се соочуваат текстилните работници и работнички за време на Ковид – кризата.
Жирито одлучи на годинешниот конкурс трета награда да добие сторијата на тема „Трошна училница од 5 метри квадратни” на авторката Арбана Ќерими, емитувана на ТВ 21. Новинарката, на едноставен, разбирлив и приемчив начин, го обработува прашањето за условите во коишто учениците со попреченост ја следат наставата, повикувајќи ги институциите на соодветен одговор.
Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и две пофалници. Првата пофалница се доделува за сторијата со наслов „Самохраните мајки во пандемијата” на новинарката Ана Зафирова, објавена на Дојче Веле. Жирито одлучи пофалница да ѝ додели и на новинарката Катерина Топалова, за сторијата „Штипјанец им гради куќи на сирмашните”, емитувана на МТВ.
Со жирито претседаваше Љуљзим Хазири, а негови членови беа и Билјана Петковска и Драган Секуловски.
„Ги повикуваме сите медиумски професионалци да станат сојузници при бранењето на човековите права, спречувањето понатамошна стигматизација, ставањето крај на ширењето дезинформации, разбивањето на гласините и стереотипите и охрабрувањето квалитетно и објективно известување за различноста, истакна Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која.
„Инклузивноста подразбира да им се даде глас на сите во медиумското известување Доколку публиката се препознава во известувањето таа ќе ја зголеми довербата во медиумите”, рече Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ.
Јавниот повик на СЕММ беше отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои стории во медиумите во Македонија, во периодот од 1 мај 2020 до 1 мај 2021 година. На годинешниот конкурс се пријавија вкупно 41 новинарска сторија од 20 автори.
Наградите се доделуваат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.