Дознајте повеќе за пионерите на промената кон поинклузивен пазар на труд
Кога купувате „Лице в лице“ директно од продавачите или онлајн со нивните кодови, знаете дека половина од средствата одат за нив. Во кој фонд ги насочуваме средствата кога нарачувате списание онлајн? Повторно се насочени кон продавачите, но овој пат преку фондот на „Лице в лице“ наменет за социјално менторство.
Неодамна објавивме за првите 10 ментори за работна интеграција (социјални ментори) од регионов, а овде ќе објасниме и за двете социјални менторки кои се грижат за личниот и професионален развој кон можности на пазарот на трудот на продавачите на „Лице в лице“.
Магдалена Чадиноска Кузманоски и Ема Тодоровска се меѓу првите 10 социјални ментори во регионот и работат со продавачите на уличното списание кои важат за тешковработливи лица. Запознајте се со овие прекрасни и талентирани пионерки, нашата надеж кон еднакво и инклузивно општество.
Како би ја опишале вашата работна задача во една реченица?
Ема: Откривање неконвенционални и креативни решенија, пристапи и начини да се дојде до промени кон инклузија на ранливата група граѓани на пазарот на труд.
Како дојдовте до социјалното менторство?
Магдалена: Сосема случајно. Долго време живеев надвор од Македонија и откако се вратив, беше тешко да најдам нешто што навистина ќе го работам со љубов. Овој тип работа е комплексна творба од емпатија, љубов, разбирање, одговорност, посветеност, постојана борба, но, борба за некој друг, па потребни се и професионални, но и човечки квалитети. Откако ја разбрав мисијата на програмата, но и на самата организација, како и тоа што сме пионери во ова работа, без двоумење се приклучив.
Зошто е социјалното менторство вашиот повик?
Ема: Затоа што дава можност и најранливите сограѓани да бидат прашани кој е нивниот „повик“, која е нивната работа од соништата, а немале поддршка да го изодат тој пат.
Најголем предизвик?
Магдалена: Најголем предизвик е она што сме го научиле во програмата да го спроведеме во пракса. Тоа што сме прва генерација на социјални ментори со себе понесе и еден вид на активизам, да го претставиме она за што се залагаме пред пошироката маса, бизнис ентитетите, институциите, па и пред самите менторирани лица. Со соодветно залагање од наша страна успехот полека доаѓа, но со целокупна поддршка од сите клучни актери во процесот, успехот е загарантиран.
Како се станува социјален ментор и кој може да го носи ова звање?
Ема: Многу е важно да постои теренско искуство и работа со ранливи сограѓани, отворен ум и срце и капацитет за длабоко слушање. Најсуштинските работи се под површината.
Од неодамна верифицирана е нова работна позиција – ментор за работна интеграција. Нашата генерација е пионерска и навистина е голема честа да се учи од професионалци, како моите колеги од тука и од регионот. Обуката содржи пет модули преку кои се учи за алатките, системите на поддршка во нас, преку јакнење на нашата личност и отворање кон бизнис секторот.
Каков резултат се очекува од социјалното менторирство?
Магдалена: Потребно е време, и кај менторираните лица за успешно да ја насочиме поддршката, но и кај бизнисите, за да ја увидат потребата и заемната корист од вклучување на овие лица во работна интеграција. Кога работите со ранливи граѓани, секое поместување е успех, секоја ново научена и применета навика е исто така успех. Постојано ги мотивираме, им укажуваме на грешките и така, заедно учејќи градиме меѓусебна доверба која е клучна во процесот.
Споделете интересна случка од неодамнешна средба со менторирано лице.
Ема: Прво на памет ми дојде интервјуто кое го подготвувавме за актуелниот број на „Лице в лице“, со Алмир, а беше многу интересно! Запеа ромски песни, црташе и кажуваше рецепти за готвење :))))
Што се надевате дека ќе се постигне со социјалното менторство?
Магдалена: Ова прашање ќе го преформулирам во: што се надевам и за што навивам да се постигне?
Се надевам дека со нашата стручна поддршка, луѓето кои се вклучени во програмата ќе ја постигнат примарната цел на процесот – вработување и задржување на работното место. А, навивам социјалното менторство да се препознае како социјална услуга, придобивките ќе бидат големи за сите.
Што е потребно да промениме за да може непречено да се спроведува социјалното менторство?
Магдалена: Потребно е разбирање и поддршка и од останатите засегнати страни – институции, бизниси… Ни фалат професионални ментори, тоа се сензибилизирани лица кои би го презеле менторираното лице откако ќе се вработи и во континуитет би му биле поддршка на самото работно место. Ни фали поголема свесност и од бизнис секторот. Ние ја даваме поддршката, но тие ја даваат шансата. Само со заедничка работа можеме да придвижиме вакви работи!
Ги повикувам да ни се приклучат во процесот. Ние сме прва земја во регионот со ваква програма, па ете пионерски да испишеме историја :)!
Ема: Би додала дека многу е важно да потсетам дека со купување на списанието „Лице в лице“, читателите на списанието инвестираат во одржив фонд преку кој ги јакнеме микро-претприемачите од нашето соседство. Свесни сме дека системот во нашето општество е ригидно поставен и не сите имаме соодветни можности за да бидеме дел од отворениот пазар на труд. Токму на оваа група сограѓани им е потребна поддршка преку работната интеграција да излезат на отворениот пазар на труд. Читајте „Лице в лице“ и бидете дел од промената! 🙂
Прочитај повеќе за социјалното менторство во 45 број на „Лице в лице“