Блог, Одговорна иднина

ДРЖАВ(Н)А ЛОТАРИЈА

Време на читање: 3 минути

Ирена Јакимова

Ништо од ова што ќе напишам нема да ве изненади и сепак го мерам секој збор, заради читателите од странство.

Во оваа земја живеат и добри, чесни, вредни и креативни луѓе. Не заслужуваме да бидеме под истата капа кога се зборува за нас, како народ, како жители…

Многумина напишаа свои погледи на тоа каква ни е државата, како се чувствуваме во неа, овој пат јас ќе ја споредам со лотарија, со коцка.

Во државата повеќето од нас „уплаќаме“ преку нашиот труд, преку нашето знаење, однесување, уплаќаме давачки… но, може да ти се „падне“ лоз со добивка, а често може да ти се „падне“ и руски рулет.

Последните години сè почесто гледаме „руски рулет“ – на улица, на автопат, во болница, во училишта, сега во диското, насекаде…

Има одредена група луѓе на коишто редовно или повремено им се „паѓа“ добивка, седмица, добитна грепка…

Со внимавање да не се загребе многу под површината.

И ние ова го трпиме, живееме, поддржуваме, секој на свој начин. Некои со користење на системот на лотарија, некои со молчење, некои со „уплаќање“ грепки преку служење на партијата, а не на државата и на своите вредности…

Сакам да се осврнам и да ја зголемам свесноста за две работи во нашата свест, во нашите навики на живеење.

1) Верувам повеќето го видовте видеото каде очајниот татко што го загубил 21-годишниот син-единец во пожарот во Кочани, вели:

„На ГОЛЕМЦИТЕ, се знае на кого, на ГОЛЕМЦИТЕ е диското…“

За ГОЛЕМЦИ, со децении (па и пред осамостојувањето), ние нарекуваме луѓе што имаат политичка и/или економска моќ.

Лица на коиште НИЕ сме им ДОДЕЛИЛЕ одговорност, задача да водат и управуваат со државните, со општествените работи, ние им припишуваме и им одобруваме ОГРОМНА МОЌ. Поради функцијата којашто е минлива и променлива.

Тие луѓе, воопшто не мора да се ГОЛЕМИ, голем дел од нив и не се, туку само алчно ја користат својата позиција.

Модерното време нуди некои поинакви ГОЛЕМЦИ.

Луѓе што создаваат, што спасуваат, што даваат, наместо само да земаат.

Општествената функција постои затоа што така сме се поделиле, така (за сега) функционираат општествата:

некој ќе произведува, некој ќе тргува, некој ќе лечи, некој ќе подучува, некој ќе ги работи административните работи и ќе креира политики.

Тоа е. Не зборуваме за власт, кралство или сопственост над државата и над нашите животи. Минлива улога, задача, еве не мора ниту да се нарекува служење…

2) Вториот аспект на којшто сакам да се осврнам (а, ќе видите дека извира од истата „лотарија“) е аспектот на – жалење, плачење, колнење, пцуење, „кукумјавчење“ – „видете какви сме“, нема да нè биде“ и слично…

Или, пак, НИЕ СМЕ КРИВИ.

НЕ СМЕ сите криви, ама сме ОДГОВОРНИ, иако често се чувствуваме немоќни. А, моќта е во НАШАТА БРОЈНОСТ, како и во коцката, моќта е во бројките. И за тоа не сме доволно свесни.

И двата доаѓаат од неразвиеното чувство на ВРЕДНОСТ и дозвола да побараме повеќе. Да побараме повеќе одговорност, повеќе стандарди, повеќе безбедност, повеќе култура, повеќе здравје, повеќе економија… повеќе радост.

Нам ни се „паднала“ грепката да почнеме да буткаме кон менување (што нема да оди брзо) и на оваа владејачка гарнитура ѝ се „паднала“ грепката да живее и менува нешта, со нашиот притисок.

Тоа е. Нам ни се паднала и грепката да бараме оставки и промени и во опозицијата, да мериме постапки, способности и квалитет, а не припадност.

Нам ни се „паднал“ и лозот на којшто пишува:

„Имате право да извлечете нова грепка“.

Имаме право.

Но, имаме ли желба, храброст, истрајност да влечеме нови грепки, да ги смениме сите грепки, да ја менуваме играта?

А, кој друг избор имаме освен да ја менуваме?

Авторката е коуч и обучувачка за лидерство.

*Блогот е оригинално објавен на профилот на авторката на „Фејсбук“. „Лице в лице“ го објавува со дозвола од авторката.

Напишете коментар