Европски ден на органодонорствотo: Подари повеќе од приказна, подари живот
Трансплантацијата не може да се случи доколку не постои актот на органодарување. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. И токму тие семејства се вистинските херои на оваа приказна за животот. Денешниот ден, Европскиот ден за донирање органи и трансплантација, Европа им го посветува на овие семејства, со сета почит за нивната хуманост. Да се подари органи, значи да се подари некому втора шанса на живот.
Европскиот ден за донирање органи и трансплантација во земјава се одбележа со панел дискусија во Делегацијата на Европската Унија, која што покрај Амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, министерот за здравство, националниот кооридинатор за трансплантација беа присутни и приматели на органи, претставници на сите клиники кои учествуваат во трансплантацијата, претставници на Здружението на млади лекари и на Здружението на студенти. Настанот е организиран во рамки на проектот на Европска Унија за „Поддршка на системот за трансплантација“, а во соработка со Министерството за здравство и Делегација на Европска Унија во Северна Македонија.
Настанот кој се одржа во просториите на Europe House Скопје, го отвори амбасадорот на Европска Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир.
– Донирањето органи претставува тема што ги допрела животите на безброј луѓе. Тоа е чин на несебичност и надеж. Втора шанса за живот.
На Европскиот ден на донирање и трансплантација на органи, Европската Унија е горда на поддршката што ѝ ја дава на Северна Македонија со цел понатамошно јакнење на капацитетите за трансплантација, согласно најдобрите стандарди на Европската Унија. Ова е во интерес на сите нас – во Северна Македонија и во Европска Унија, рече Гир.
Преку симболично засадување на младо растение како синоним за нов живот кој треба да се негува, присутните оддадоа почит на сите 19 донори и на нивните семејства, благодарение на кои во последниве три години 67 лица добија орган и шанса за нов живот. Педесет и седум годишниот Иван Огњановски е еден од тие 67 лица. Во мај 2020 година му беше трансплантирано срце од починат донор. Тој е првиот пациент во земјава кај кого беше направена трансплантација на срце. Три години подоцна Иван живее нов, подарен живот.
-Треба да сме свесни дека понекогаш некој крај значи и нов почеток. Нов живот. За нас како пациети тоа е нов почеток, за семејствата е можеби утеха дека дел од нивните најблиски продолжува да живее. За сите останати е надеж и верба во добрина во ова малку тешко време кое го живееме. Денес, три години по трансплантацијата, семејството на дарителот е мое ново семејство. Постојано имам покани за дружби во Дојран. Тоа за мене значи и нов живот, и нови пријатели. Тешко е на тие средби кога се навраќаат и на најблиските кои не се веќе живи, ама во исто време, зборуваме и за она што значи иднина – вели Огњановски.
На панел дискусијата беше присутен и Дарко Голубовски кај кого беше направена трансплантација на срце.
-Среќен сум со новото срце. Го дочекав. И се заблагодарувам на фамилијата. Благодарен сум на сите, ми дарија нов живот. Тоа е за мене благослов. Моето срце го изгубив, ама ова ќе го чувам. Верував кога ми викааа дека ќе ми биде подобро – вели Дарко.
Процесот на трансплантација од починат донор во Северна Македонија започна во 2015 година по донесените законски измени кои ја дефинираат оваа материја. Најголем напредок е направен во 2020 година со започнување на мултиорганската трансплантација или трансплантацијата на повеќе органи од еден донор. Таа година е направена и првата трансплантација на срце, следната се направени првите трансплантации од коскени ткива, а минатата 2022 година за прв пат е направена трансплантација на црн дроб. За период од 3 години, 19 семејства дале согласност за донирање и трансплантирани се 67 органи и тоа 34 бубрези, 3 црни дроба, 9 срца и 20 коскени ткива.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, беше еден од учесниците на панел дискусијата „Градење функционален систем за дарување органи и трансплантација“, заедно со Националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Мијовска и г-ѓа Даница Авсек, тим лидер на проектот се осврна на досегашните чекори во полето на трансплантација и укажа на следните чекори кои се неопходни ако сакаме да ја подигнеме свеста за важноста на органодарувањето.
– За релативно краток период од само три години успеавме од речиси нула донори да стигнеме до мултиорганска трансплантација. Денес на нашите клиники се работи трансплантација на срце, црн дроб, коскени ткива и бубрезии сето тоа успешно. Со гордост можам да кажам дека во Северна Македонија постои систем во Министерството за здравство, кој е клучен предуслов за успех во трансплантациите на органи и ткива. Постои одличен систем за следење на органите и нивна распределба во склоп на “Мој термин”. Имаме транспарентни листи за чекање и софтвер за избор на реципиенти – објасни министерот Меџити, нагласувајќи дека трансплантациите се реализирани преку Програма за трансплантација од страна на Министерство за здравство.
Тој изрази благодарност до сите семејства кои се согласија во најтешките моменти да ги донираат органите на своите блиски и со тоа спасија многу животи.
– Токму семејствата на донорите, ја подигнаа јавната свест за органодонорство во земјава, со што ќе се спасат уште многу животи. За тоа сме им бескрајно благодарни – рече Меџити.
Министерот за здравство упати благодарност и до сите лекари и медицински пероснал кои учествува во процесот на трансплантации.
– Со вашата стручност и посветена работа направивте многу, додаде тој.
Она што е можеби поважно од бројките е хуманата димензија на трансплантцијата и токму неа ја одблежуваме денес. Денот кој го посветуваме на сите дарители на органи. За Националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Миовска, процесот на трансплантацијата има огромна човечка димензија.
-Трансплантацијата сама по себе спасува животи, но, за да еден живот биде спасен треба да постојат семејства кои даруваат. Кога во најтешки разделби од блискиот се дарува, тоа е најмоќниот чин во човековото живеење. Човечка љубов која нема димензија. Го чествуваме овој ден со голема почит кон сите донори и нивните семејства со едноставна порака: „Вие спасивте животи“ – вели Националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска.
Денешниот ден е посветен на сите 19 семејства кои подарија живот на 67 семејства. На сите нас ни подарија надеж и верба.