Доза вести

Ако живееш за игри, ова е твоето место – „Game Dev Rev 2025“ ја стартува првата македонска гејминг конференција

Македонија го добива своето прво големо собирно место за сите кои сонуваат, создаваат и живеат игри. Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри, МГИ Скопје ја најавува Првата конференција за развивање игри во Македонија, насловена „Game Dev Rev 2025“ (GDR25), која ќе се одржи на 16 октомври 2025 година во Македонскиот народен театар, со почеток од 10 часот.

Конференцијата не се фокусира на една единствена тема, туку на концептот „Почетокот“.

– Тој симболизира создавање, раѓање, каписла и револуција. Конференцијата има цел да отвори ново поглавје на македонската сцена за развивање видео игри. Како сè уште недоволно истражен регион за креативност и талент, Македонија има огромен потенцијал, а GDR25 е дизајнирана на студентите, младите креативци и професионалците да им обезбеди мотивација, насоки, контакти, па дури и самодоверба за да се впуштат и напредуваат во индустријата за развивање видео игри – сподели Гораст Цветковски, претседател на МГИ Скопје.

Конференцијата ќе биде збогатена со бројни предавања, панели и работилници посветени на продукцијата, креативните процеси и растот на екосистемот за видео игри. Најавено е дека се очекува посебна атракција да биде делот „Indie Zone“, во кој над 30 независни студија ќе ги претстават своите проекти, најавувајќи го следниот бран на македонски и регионални креативци.

На настанот ќе присуствуваат врвни говорници, меѓу кои и Јари-Пека Калева, претседателот на Европската федерација за развивање на видео игри, како и бројни регионални и европски експерти. Очекувањата се дека конференцијата ќе собере повеќе од 250 посетители на трите сцени, што ја прави уникатна можност за вмрежување, размена на идеи и инспирација меѓу локалните и меѓународни девелопери.

Целосната програма и повеќе информации за говорниците, на овој линк.

Напишете коментар