Градиме одговорна иднина за младите со оштетен слух
Македонската дизајнерка Ирина Тошева, поддржувачка на „Лице в лице“ и професионалец кој редовно ја отвора темата за одржливост во модната индустрија, е дел од група ментори и професори, кои во наредниов период ќе учествуваат во реализација на нова програма за стручна едукација на младите лица со оштетен слух.
Учесници во проектот се учениците од државниот центар „Партенија Зографски” во Скопје, на кои со обуките за грнчарство и керамика, обработка на дрво, мода, сликарство, графички и продуктен дизајн, ќе им се понуди широк спектар на знаења и вештини за вработување во креативните индустрии.
Во соработка со професорот Љубиша Савески, дизајнерката Ирина Тошева е менторка на групата за мода, со која се иницираше спроведувањето на овие активности.
– Јас сум презадоволна од интересот и креативноста кои сите ученици ги покажаа на досегашните модни работилници. Најпрво цртавме со текстилни бои, создавајќи оригинални школски униформи за секого од нив. Ги разгледавме и оживеавме етноелементите на модерен начин, преку скици кои во текот на наредните месеци ќе ги развиваме во финални модели. Предвидено е учениците да изработат своја капсулна колекција, која ќе биде презентирана со виртуелна изложба на пролет – споделува дизајнерката Тошева.
Открива дека заедно со младите работат на вештини кои се однесуваат на визуелизација, цртање, внимание на детали, шиење, плетење, но, и знаења за одржливост, маркетинг и рекламирање, кои се од суштинско значење во модната индустрија:
– Накратко, ова значи максимална подготовка за отпочнување кариера во модната индустрија.
Часовите имаат акцент и на одржливоста, како важен аспект за секој елемент од нашето живеење, па ги запознаваат со различни методи за рециклажа на текстилниот отпад – употреба на фабричките остатоци за обновлив дизајн на парчиња облека и модни додатоци.
– Верувам дека едукацијата за одржливост е од посебна важност во градењето одговорна иднина за младите, бидејќи ќе им овозможи да се вклучат во актуелните локални и глобални движења, од кои и самата како дизајнерка сум дел веќе подолг временски период. Надежите и очекувањата ми се големи уште од самиот почеток. А, со поддршката што ја добивам како повратна информација од мноштво страни, тие сѐ повеќе растат. На добар пат сме да покажеме дека сите, независно од предиспозициите, имаме еднакви шанси за успех, доколку нештата се прават со љубов, посветеност и ентузијазам. И тоа ме прави особено среќна – вели Тошева.