ЗЕНици

Граѓаните можат – нова „Лице в лице“ дружба

Време на читање: 2 минути

Што се случува кога страста се спојува со целта?

Нашите волонтери периодов организираа низа настани и дружења со продавач(к)и на „Лице в лице“.
Споделуваме за дружбата со Горде и Анабела, продавачки на „Лице в лице“ од „Порака Неготино“ од Волково, кои беа дел од скопскиот волонтерски настан:

Текст, видео и фотографии: Теодора Мијакоска и Марија Зотиќ

Следејќи ги додека ги споделуваа своите искуства, од најсмешните купувачи до најголемите предизвици – ви откриваме дел од нашата дружба.

Дружењето со Горде и Анабела ни даде сосема нова перспектива за нивната работа и влијанието на самото списание.

Со фокус на менталното здравје и неговата важност, списанието не е само информативно – туку исполнето со забавна и интерактивна содржина која ги одржува читателите заинтересирани секој месец.

Продавачките работат наутро и попладне, искористувајќи ги сончевите денови за да го донесат списанието пред што повеќе луѓе. За нив, ова не е само продажба, ова е можност да разговараат, да споделат корисни информации и да создадат вистински поврзаности со луѓето низ градот!

– Навистина уживаме во нашата работа – таа нè прави среќни и исполнети секој ден. Секој месец го читаме списанието, бидејќи има одлична содржина и многу интересни теми. Обично го продаваме во најпрометниот дел од градот, што е одлично за запознавање со нови луѓе и водење разновидни разговори – изјавија Горде и Анабела, надополнувајќи се една со друга.

Овие прашања ги проследивме со разговор за нивните секојдневни активности и интереси:
-Во слободното време сакамe да волонтираме на различни места и да поминувамe време со пријателите. Еден од незаборавните моменти за мене беше кога гостував на телевизиската емисија „Брза кујна“ и победив –ни раскажа Анабела.

Горде се надоврза:
– Уживаме да им раскажуваме на минувачите за списанието.

Сега кога настанот е реализиран, возбудени сме да се осврнеме на сè што ние како волонтери научивме и воедно да ги споделиме нашите лични мисли за тоа како овој настан остави траен впечаток на нас.

Менталното здравје е нешто на што му посветувам многу внимание, па волонтирањето во овој настан беше многу значајно за мене. Беше прекрасно да видиме како содржината на списанието одекнува кај многу луѓе, и навистина сум благодарна што имав шанса да помогнам во ширењето на оваа порака. Не е секојдневно да имате можност да комбинирате нешто што го сакате со малку забава!

И, искрено, разговорите за ментално здравје додека се смееме заедно, покажуваат дека не треба да бидат секогаш сериозни за да направат вистинска разлика.

Волонтирањето во ова списание ме исполнува бидејќи помагаме да се подигне свеста за важни и често занемарувани теми. Учеството во овој настан ми даде прекрасна можност да се поврзам со Горде и Анабела кои несебично ја споделија својата страст и посветеност. Заедничкото придонесување за создавањето на поддржувачка средина во нашата заедница е она кое ми го направи овој ден поинаков од другите.

Се надеваме дека овој блог и на вас ќе ви донесе искрена насмевка во денот, како што ни донесе нас и најважно, на Горде и Анабела!

Напишете коментар