Доза вести

Ѓунер и Миленко – со љубов и почит ги кршат предрасудите

Брачната двојка Филипов живее во брак полн со љубов, хармонија и разбирање, кој спои две традиционални семејства од различни вери, каде различностите се вредност која се почитува

Соња Рилковска  

Љубовта не разликува ниту вера, ниту националност. За ова ни сведочи семејството Филипови од Охрид. Четириесет и две годишната Ѓунер е Турчинка, а нејзиниот сопруг, 55 годишниот Миленко, е Македонец.

Бевме гости во нивниот дом, од каде тие ни раскажаа дека разликите, кои произлегуваат од нивните религии, исламот и христијанството, не се пречка на патот кон љубов и хармонија, по кој чекорат веќе седум години.

Велат, различностите ги зближуваат, им ја збогатуваат врската. Не ги ни забележуваат. Се сакаат, се почитуваат и се прифаќаат.

Семејство Филипови: Ѓунер, Саваш и Миленко – Фото: Соња Рилковска

Љубов на прв поглед

Љубовната приказна им започнала пред седум години. Било љубов на прв поглед. После две годишна врска стапнале на „лудиот камен“. За да си искажат меѓусебна почит, се венчале и во црква и во џамија. Внимавале на сите верски обреди, кои произлегуваат од двете религии.

Имаат дете –  четиригодишниот Саваш. Го носи името на баба му Сава, но му додале „ш“ за да има и „нешто“ турско во неговото име.

За двајцата ова е втор брак. По разводите, обајцата ја загубиле вербата во љубовта, но, животот носи чуда, велат, и не верувале дека ќе им се случи нова љубов. Ѓунер од претходниот брак со Турчин има две полнолетни деца, исто и Миленко, кој бил оженет со Македонка.
Првата средба била случајна, во детска градинка додека Ѓунер била на приредба кај внука ѝ, а Миленко таму е вработен.

– Ни се сретнаа погледите. Не верував, но, сега верувам во љубов на прв поглед – вели Ѓунер.

На почеток имало предрасуди и сомнежи, особено во семејството кај Ѓунер. Брак со личност од друга националност не се случил претходно во нејзиното семејство. Но, со меѓусебната љубов и почит, тие ги кршат стереотипите. По негодувањата, родителите на Ѓунер ѝ дале поддршка.

– Јас сум растена и воспитана во традиционално муслиманско семејство, а и голем верник сум. Наидов на големи негодувања кај моите дома, посебно кај мајка ми. Ми беше непријатно и од брат ми, но добив благослов од татко ми. Тој ми беше најголемата поддршка – вели Ѓунер Филипов.

Венчалниот прстен, Миленко ѝ го дал во манастир. Ја запросил во црквата „Света Петка“ во охридското село Велгошти.
Верските и националните различности во ова семејство се причина за зближување.

– Во едно семејство кога има љубов и почит, тогаш има сѐ. Тогаш имаме успешен брак. Меѓу нас нема разлики. Веруваме во еден Бог. И во едната и другата вера, Бог е еден. Ние сме побогати сега оти имаме две вери – вели Миленко.


Синот сам ќе ја одбере својата вера

Неодамна направија сунет за синот Саваш. Објаснуваат дека тоа не било од верски побуди, туку од медицински причини. На своето дете не му наметнуваат религија.

– Сѐ уште не е крстен, иако често одиме во црква. Сме биле и кумови на блиски пријатели. Сакаме Саваш сам да избере вера. Кога ќе е доволно зрел, ако сака нека биде муслиман, ако сака нека биде христијанин – вели Ѓунер.

Додаваат дека го воспитуваат да биде верник, да ги спознае обичаите од двете религии. Ги гледаат сличностите, не разликите помеѓу двете религии.
– Молитвите се речиси исти и во двете вери. Ние го воспитуваме да знае да се моли и во црква и во џамија. Но, кога ќе биде зрел и полнолетен сам ќе донесе одлука која вера ќе ја избере- вели Миленко.

Семејството Филипови слават и Велигден и Божиќ, и Рамазан и Бајрам. Вапсуваат јајца, прават баклава. Ѓунер со многу љубов ги фарба велигденските јајца, на што соседите ѝ се восхитуваат.
– Мојата сосетка ми рече, „јас толку години христијанка не сум вапсала вакви јајца“. Тоа многу ме израдува – вели Ѓунер.

Се надоврзува и Миленко.
– Морам да ја пофалам, направи преубави велигденски јајца. Најчесто за Велигден одиме кај татко ми и роднинте во Кочани, па таму заедно славиме-  вели тој.
Нивниот брак, полн со љубов, хармонија и разбирање, спои две традиционални семејства од различни вери. Денес живеат како едно големо мултикултурно семејство.

– Моите деца, денес, може да кажам дека немаат очув, имаат вистински татко. Тој им помага, секогаш е тука за нив, за совет, за помош. Имаме голема семејна почит- вели Ѓунер.
Миленко посочува дека секогаш заедно ги слават и муслиманските и христијанските празници.

– Се дружиме, се почитуваме. Ние сме едно големо семејство. Со семејството на Ѓунер ги славиме и исламските празници. Постојано сме во комуникација и со нејзините браќа и сестри, и со моите сестри –  споделува Филипов.

За нас не постојат женски и машки работи

Ѓунер е вработена, и е сопственичка на салон за убавина во Струга. Со автомобил патува секојдневно на работа, а Саваш оди во градинка со неговиот татко. Грижата за домот и семејството е заедничка.
– Имаме современ брак, семејните обврски се поделени. Се надополнуваме. Не постојат женски и машки работи кај нас. Кој е слободен, ќе зготви, некогаш и заедно готвиме. Кој може ќе исчисти, ќе води грижа за Саваш. Често ги правам сите домашни обврски, а таа ми помага во бавчата- вели Филипов.
Ѓунер додава:
– На почеток мислев дека нема да можам да одам во црква, бидејќи така бев воспитана. Но, еве денес секаде одиме заедно, и во црква и во џамија.Миленко, пак, вели дека отсекогаш бил космополит.
-Ги сакам луѓето, без оглед на која вера и националност припаѓаат. Еве, јас во моментов се чувствувам и муслиман и христијанин. Ја почитувам секоја вера, но, тоа не ни е во преден план и не нѐ заморува. Едноставно сме побогати што во домот имаме две култури- вели Миленко.

Предрасудите постојат, но мултикултурата е основа за благосостојба

Четиригодишниот Саваш перфектно зборува македонски и турски. Важна им е религијата, па тој знае да се моли и во црква и во џамија. Со мајка му зборува на турски, со татко му на македонски. И Миленко научил турски.  

– Чест ми е што научив уште еден јазик. Сѐ разбирам, не умеам многу течно да зборувам, но знам убаво да се разберам – раскажува тој.

За Ѓунер, пак, било ослободување кога и од оџата добила одобрување дека бракот со христијанин е во ред, ако тој го прифаќа и исламот, и не ја спречува да се моли и да верува според својата вера. Бидејќи на таков начин ја прифаќа и неа.
– Љубовта е да се прифати човекот во целост. Ја почитувам нејзината различност и тоа ме освоило. Ние сме различни, но, сродни души. Себично е кога сакате некој, а се обидувате да го менувате. Ние не се менуваме, напротив ги негуваме разликите и така опстојуваме – вели Филипов.  

Двајцата едногласно нѐ испраќаат со пораката дека мултикултурата е вредност, таа е човекољубие, благосостојба и добивка. За нив, таа е национално богатство, иако предрасудите се присутни, посебно во мали средини како Охрид и Струга.

– За жал, гледаме случаи со етничка дискриминација, а етничките тензии се водечка причина за делби во општеството. Живееме еден покрај друг, а не еден со друг. Токму затоа на почетокот и  ја криевме  врската, но одлучивме да бидеме храбри да се водиме од љубовта и да победиме – вели Ѓунер. 
Мултукултурата е основа за просперитет и благосостојба, додаваат тие.
– Потребно е поголемо почитување и толеранција на различните културни вредности – порачаа нашите соговорници.

Фото: Кристина Затуроска

(Сторијата е подготвена во рамки на проектот „Лице в лице со различностите“ во соработка со „Порака Нова“ од Струга, со финансиска поддршка од Европската унија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Европската унија.)

Датум на објава: 01.06.2022

Напишете коментар