Доза вести

Хановер, ИНСП Самит 2019: уличниот печат е „противотров“ на ураганот од бес и дезинформации!

„ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ УЧЕСТВУВАШЕ НА ГОДИШНИОТ ГЛОБАЛЕН САМИТ НА УЛИЧЕН ПЕЧАТ, КОЈ ОД 17-ТИ ДО 21 ЈУНИ СЕ ОДРЖА ВО ХАНОВЕР, ГЕРМАНИЈА. ЗАЕДНО СО 120 ПРЕТСТАВНИЦИ НА 50 УЛИЧНИ СПИСАНИЈА И ВЕСНИЦИ ОД 25 ЗЕМЈИ, НАШЕТО СПИСАНИЕ БЕШЕ ДЕЛ ОД СПОДЕЛУВАЊЕТО БРОЈНИ ИДЕИ, ИНСПИРАЦИЈА И ИНОВАТИВНИ АКТИВНОСТИ ЗА РАЗВОЈ НА ДВИЖЕЊЕТО НА УЛИЧНИОТ ПЕЧАТ, КОЕ НА ГЛОБАЛНО НИВО СЕ БОРИ СО СИРОМАШТИЈАТА, СОЦИЈАЛНАТА ИСКЛУЧЕНОСТ, БЕЗДОМНИШТВОТО, ВООПШТО - СО НЕЕДНАКВОСТИТЕ.

„Лице в лице“ учествуваше на годишниот Глобален самит на уличен печат, кој од 17-ти до 21 јуни се одржа во Хановер, Германија.
Заедно со 120 претставници на 50 улични списанија и весници од 25 земји, нашето списание беше дел од споделувањето бројни идеи, инспирација и иновативни активности за развој на движењето на уличниот печат, кое на глобално ниво се бори со сиромаштијата, социјалната исклученост, бездомништвото, воопшто – со нееднаквостите.
Инспиративните дискусии беа во насока на иновативни решенија во поддршка на општествените и социјалните предизвици, како што се специјалното издание со augmented reality на „Биг Ишју“ од Велика Бртитанија, мобилните апликации и безготовинските решенија на „Хус форби“ од Данска и „Биг ишју Австралија“, понатаму, користењето на вештачка интелигенција за брз одговор на прашањеата на публиката на „Биг Ишју Јужна Кореја“, подкаст активностите, најчесто предводени од самите продавачи на „Ми Валедор“ од Мексико.

Првиот ден беше отворен со интервјуа со Мел Јанг, првиот претседател на одборот на Меѓународната мрежа на улични списанија (ИНСП) и коосновач на Светското првенство за бездомници, и со Феј Селван, извршна директорка на „Биг ишју Норт“, едно од водечките улични списанија во светот. Тие зборуваа за посебностите и импактот на ИНСП, за значењето и вредностите кои ги носи движењето на уличниот печат низ светот, споделените искуства, знаења, содржини, меѓусебната поддршка и поттик.

Освен неизбежните теми околу лажните вести, расизмот, популизмот, Трамп, Брегзит, несигурноста, акцентот беше ставен и на квантифицирање на вредноста која ја носи работата на уличниот печат низ светот. Оваа година, ИНСП, како и „Асфалт“, уличното списание на градот домаќин – Хановер, слават 25-годишнина од основањето, па тоа беше дополнителен повод за прослава.
Меѓу говорниците на Самитот беше Орит Копел, социјална претприемачка, основачка на „Глас воисес“ (социјално претпријатие кое овозможува тренинзи на жени за јавно говорење), и ко-основачка на платформата „Вики трибјун“ заедно со основачот на „Википедија“, Џими Велс. Таа зборуваше за состојбата во меинстрим медиумите и причините зошто луѓето ја изгубиле довербата во нив
– Политичарите ги делегитимизираат медиумите, па сите живееме со филтрираните информации кои ни доаѓаат на социјалните медиуми. Така, имаме, „еднобојни“, филтрирани вести. Не дознаваме за она што се случува во светот, добиваме само рефлексија на нашите сопствени погледи и не можеме да бидеме сигурни за фактите – сподели Копел.
Раскажа и за предностите на граѓанското новинарство, проверувањето на факти од професионални новинари, модел кој го има нејзиното „Вики трибјун“:
– Нашата цел е да пренесуваме единствено факти, што е навистина тешко кога медиумите се толку пристрасни. Уличниот печат е како алтернативен извор, може да биде „противотров“ на ураганот од бес и дезинформации кои пробиваат низ интернетот.
Реј Серато аналитичар на социјалните медиуми, кој исто така беше меѓу говорниците, зборуваше за тоа како социјалните мрежи се користат за ширење дезинформации и нарушување на демократските процеси.
Една од темите кои се провлекуваа низ разговорите беше и мигрантското прашање, а повеќе улични списанија споделија дека имаат предизвици да одговорат на потребите на новите продавачи – емигранти кои доаѓаат во различни земји мигрирајќи од своите матични држави.
Беа споделени и податоци од „Фреш сајт“, консултантска агенција која ја водат студенти од Универзитетот во Единбург, која ќе работи на мерење на импактот на мрежата и на уличниот печат низ светот. Според првичните проценки на „Фреш сајт“, сервисот за вести на ИНСП овозможи вредност од околу 730.000 евра за членовите кои ја користат мрежата.
Меѓу активностите беше и доделувањето на годишните награди, а целиот список е на овој линк.
Организатор беше Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), со седиште во Глазгов, заедно со домаќинот, уличното списание „Асфалт“ од Хановер, Германија. Глобалниот самит на уличен печат е годишен настан кој се претставува уникатен форум на идеи, споделување искуства и партнерства со сите чинители поврзани со движењето на уличен печат низ светот.
Следното издание ќе се одржи од 23 до 25-ти јуни во Милано, во партнерство со италијанското улично списание „Scarp de ‘tenis“.

Напишете коментар