Доза вести

Розев октомври: Аукција на ексклузивна мода за борба против ракот на дојка

По повод октомври, месецот на свесност и борба против ракот на дојка, концепт продавницата „URMA“ и модниот бренд „Terzyia“ организираат хуманитарна аукција на ексклузивни дизајнерски парчиња насловена „Розев октомври“. Настанот се одржува во рамките на фестивалот „Култиватор“, а ќе биде на 2-ри октомври во кафулето „Bonobo hi fi“ во Скопје, со почеток во 18.30 часот.
Организаторите велат дека целта е да ја обединат стилската енергија со солидарноста и поддршката за женското здравје.

Ги спојуваме модата и хуманоста во една вечер со срце. URMAХTerzya организираат хуманитарна аукција, каде топ македонски дизајнери донираат уникатни парчиња, а ти наддаваш и правиш разлика – велат организаторите.

На едно место ќе се соберат врвни македонски дизајнери и брендови, кои донираат по едно уникатно, ексклузивно парче. Посетителите ќе имаат можност да се натпреваруваат во надавање и притоа да бидат дел од иницијатива која директно придонесува во борбата против ракот на дојка.

Сите собрани средства од аукцијата ќе бидат донирани на здружение кое активно работи за поддршка и унапредување на женското здравје.

Организаторите ветуваат вечер исполнета со стил, срце и смисла – вечер која ја слави убавината, но и моќта на заедништвото.

Напишете коментар