„И јас сум тука“ – преку уметноста можеме да упатиме едноставни, но силни пораки во борбата со предрасудите
Сите херои во книгите „И јас сум тука“ и „Не престанувајте да се гушкате“, се важни. Приказните и поуките што ги испраќаат до сите нас патуваат надвор од Шведска, преку светот стигнаа и во Македонија – рече литературната критичарка Александра Јуруковска синоќа на промоцијата на овие две дела што се одржа во Кинотеката.
За собирањето на тие приказни и пораки разговараа авторите на книгата со автопортрети „И јас сум тука“, Сребра Ѓорѓијевска и Тоше Огњанов и Ануки Стуруа, менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“. Тие ни доближија што значи да се биде дел од ваков проект и како тие приказни треба да стигнат до секој од нас.
Ѓорѓијевска рече дека насловот на книгата многу природно дошол на крајот на проектот.
-Ги најдовме приказните, се сретнавме и запознавме со сите луѓе, со децата и нивните семејства, се дружевме. Сето тоа на компјутер изгледа на еден начин, а во вакво издание е нешто друго. И насловот си дојде многу природно. Тоа ми беше чувство после секоја средба, разговор, заминување од местото каде се среќававме, колку беа радосни и среќни луѓето. Насмевката на сите овие луѓе е нешто заедничко што зрачи од фотографиите, со тие насмевки заминувавме од сите тие средби. Подаривме малку љубов, малку внимание – рече Ѓорѓијевска.
Фотографот Тоше Огњанов дополни дека ова беше патување на кое тргнал малку наивно, со чекор полека и по секоја средба тој чекор бил сè посигурен.
-Зачекоруваме во свет којшто цело време бил тука, покрај нас, ние сме немале предрасуди кон него, но со секој следен чекор завлегуваме подлабоко и тој стана дел од нас. Она што мене ми остана е комуникацијата. Бариерата беше спуштена и успеавме да комуницираме со нив, но не само вербално, туку на секој можен начин. Насмевките и прегратките е тоа што ми остана долго и не заврши со тие средби, туку продолжи уште долго, додека ги подготвував фотографиите. Цело време се дружев со тие насмевки, но кога ги видов одеднаш изложени видов како зрачат со енергија каква што тие ја носеа со себе додека разговаравме. Таа е движечка енергија што може да излезе низ вратата од Кинотека и да продолжи да се движи низ нашето општество – рече тој.
За тоа како се разви партнерството со театарот „Глада Худик“ и како се роди проектот „Никогаш не престанувајте да се гушкате“ зборуваше Ануки Стуруа. Таа рече дека е почестена и среќна што е во Скопје и особено ѝ се заблагодари на Ѓорѓијевска за извонредната работа која ја направила околу книгите и настаните, како и на Тоше Огњанов за прекрасните фотопортрети. Особена благодарност упати и до Амбасадата на Шведска во Скопје, Шведскиот институт што го поддржува проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ и фестивалот „Литера“, како и до основачот на театарот „Глада Худик“, Пер Јохансон, којшто е движечката сила зад овие активности.
Таа го раскажа краткиот историјат на театарот „Глада Худик“, претстави неколку нивни проекти и прочита неколку нејзини омилени изјави од книгата „Никогаш не престанувајте да се гушкате“.
-Целта на проектот е да се подигне свесноста за луѓето со интелектуални попречености и да се избришат стигмите и предрасудите за овие лица и да им се помогне да се интегрираат целосно во општеството и да се избегнат оние институонализации и изолации коишто се уште се присутни во некои земји – истакна Ануки.
Ѓорѓијевска истакна дека ја охрабруваат реакциите на публиката во изминатите два дена, на луѓето кои биле вклучени во самиот проект и токму нивната реакција ѝ била најважна.
-Се разбира дека сме само на почетокот. Ова не е единствениот проект кој се работи во земјава и треба да ги има што е можно повеќе. Како човек којшто ја сака културата и живее за неа и од неа, преку уметноста можеме најдобро да допреме и до децата и до возрасните. Ако сакаме да постигнеме едно поголемо влијание на нашето општество тоа треба да биде на едноставен начин да пренесеме силни пораки – рече таа.
Огњанов рече дека не очекуваат дека проектот преку ноќ ќе ги смени работите, но му е драго што поттикнува размислување, поттикнува движечка енергија за да се промени свеста. Кај нас веќе бариерите се уриваат, за лицата со различни потреби има поголема свесност, но понатаму мора да се продолжи, да не се застане тука. Се надева дека изложбата ќе ја видат други деца и луѓе и ќе поттикне други креативци да се фатат за работа и да направат проект со кој ќе ги уриваат тие бариери.
-Пер Јохансон често вели дека не сме тука да критикуваме некого или да морализираме за нешто што не е направено или е направено погрешно, туку да инспирираме, да правиме емотивни импресии и да ја одржуваме и развиваме надежта дека работите можат да се променат, дека може да се подобри иднината. И јас сум лично оптимист дека преку ваквите настани и го правиме тоа – инспирираме и менуваме – заклучи Ануки Стуруа.
По промоцијата беше прикажан филмот „Модна ревија: Од Глада Худик до Њујорк“, кој на програмата на Кинотеката ќе се прикаже и на 18 и 19 ноември.