Доза вести

И твитерџии со силна поддршка на „Лице в лице“ продавачите – во одбележување на неделата на продавачи на уличен печат!

Расте поддршката на продавачите на „Лице в лице“ во одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат (1 – 7 февруари).
Викендов, на терен, ќе им се придружат и претставници на македонската твитер заедница, и тоа: @ashe_wdc @Vlatko_Werder и @jburgundi.
Тие, заедно со продавачите на „Лице в лице“, во сабота, на граѓаните на Скопје ќе им го понудат актуелното издание на списанието, посветено на тема: иднината на човековите права.
Главното место за средба, дружба и фотографирање ќе биде Градскиот парк, кај Куќарката на Рент а бајк Скопје, (позади Школка, на местото на поранешна кафана „Езерце“), со почеток во 12 часот.

– Твитер отсекогаш се стремел да биде коректив на нашето општество, или, барем јас така сум го перципирал, и токму затоа и несебично сум се вклучувал во многу акции посредно или непосредно поддржувајќи ги. Преку #твитернагради сум имал среќа да ги запознаам повеќето чинители што ме прави особено горд дека може да речам: Да бе, се знам со тие од #ретвитниоброк или со екипата од #твитеркрводарители или еве #ДонирајКомпјутер, или, пак, еве малку подзаборавените #твитерелка #твитеркалендар, итн. Повеќето од твитерџиите низ годините биле дел од акциите токму на „Лице в лице“ и сега, ете, дојде ред на нас помладите и тие што се чувствуваме така – да ја продолжиме таа традиција на почит и да ја одбележиме Меѓународната недела на поддршка на продавачите на уличен печат, со наш мал придонес, како онлајн, така и на “терен”, таму каде што вистински значи! – вели твитерџијата Јован Димитров, (@jburgundi), автор и организатор на популарните твитер награди. 

Овогодишното дружење во рамки на Неделата на продавачи кај нас, се реализира под слоганот „Биди фит – вежбај го умот“.

Изминативе денови главната поддршка на „Лице в лице“ продавачите пристигна од ракометарите на машката супер лига од ракометните клубови во Скопје – РК „Металург“ и РК „Пролет“, Струга – РК „Струга“, Прилеп – РК „Прилеп“, Охрид -РК „Охрид“ и Битола – РК „Еурофарм Пелистер“.

Инаку, за прв пат оваа година, заради пандемијата, Меѓународната недела на продавачи на уличен печат нема официјален глобален предзнак, туку се одбележува по иницијатива на уличните списанија, членки на Меѓународната мрежа на уличен печат со седиште во Глазгов. Нашата земја, овој настан, кој ја слави работата на продавачите, ќе го одбележи по 9-ти пат, при тоа, почитувајќи ги сите протоколи на заштита.
Граѓаните кои ќе ги пропуштат овие дружења, поддршката може да ја изразат и онлајн, станувајќи дел од „Лице в лице“ заедницата.

Напишете коментар