Доза вести

Инспекторатот за животна средина ги повикува граѓаните да пријавуваат загадувачи

Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС) ја промовираше платформата „Пријави загадување во два чекора“.

Граѓаните можат да пријават загадување до ДИЖС преку нивните социјални мрежи и е-адреси или на веб страницата на Инспекторатот, што значително го олеснува процесот на брзо добивање и евидентирање пријави и навремено реагирање од страна на инспекторите.

Платформата овозможува пријавите кои ќе пристигнуваат од граѓаните по различни електронски канали (Фејсбук, е-адреси, веб страници) да стигнуваат на едно место, да бидат поефикасно распределени до надлежните инспектори, полесно да се следат случаите на загадување и подобро да се координираат инспекторите при извршување на задачите, како и да им одговорат на граѓаните кои поднеле пријава дали и како постапиле по пријавите.

Пријавувањето е едноставно со испраќање порака преку Фејсбук страницата на Државен инспекторат за животна средина, е-адресата [email protected], веб-страницата www.sei.gov.mk и преку полето Пријави на е-Мапата на загадувачи www.mapanazagaduvaci.mk.

Во пријавата граѓаните треба накратко да го опишат проблемот кој го пријавуваат, да ја наведат локацијата каде забележале загадување, доколку можат да испратат слика или видео и да остават нивни податоци (име и презиме, телефонски број или е-адреса) за да можат инспекторите да ги исконтактираат.

Платформата за пријавување за загадување треба да ја подобри соработка на Државниот инспекторат за животна средина со граѓаните, да овозможи подобра координација при инспекцискиот надзор на државно и локално ниво и да обезбеди поголем увид во работењето на инспекторите на терен.

Платформата е изработена во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“, која е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

Напишете коментар