Институциите мора да понесат одговорност за фемицидот во Велес

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост реагираа и испратија барања, по завчерашните убиства во Велес, во кое животот го загубија жена и нејзиниот татко, а сторителот се самоуби. Од таму споделуваат дека станува збор за фемицид и семејно насилство, кои се директна последица на несоодветното и ненавремено постапување на институциите.
Од Мрежата потсетуваат дека убиената жена повеќе пати го пријавувала насилникот во полиција, укажувала на сериозни закани и барала заштита, но и покрај тоа не била направена адекватна проценка на ризикот по нејзината безбедност:
„Жената јавно го изразила својот страв дека може да биде убиена, но институциите повторно ја оставија сама со насилникот,“ се наведува во реакцијата.
Тие посочуваат дека овој случај уште еднаш ја потврдува системската слабост: пријавите на жените жртви не се третираат со сериозност, а Министерството за внатрешни работи и центрите за социјална работа немаат развиени и ефикасни алатки за процена на ризик.
Мрежата и Платформата бараат итна и темелна истрага за тоа кои институции пропуштиле да постапат по пријавите, како и одговорност за сите надлежни лица кои не постапиле согласно закон. Дополнително, тие повикуваат на јакнење на капацитетите за процена на ризик во МВР и центрите за социјална работа, како и обезбедување финансиски средства за одржливи специјализирани услуги за жртвите на родово базирано и семејно насилство.
„Фемицидите не се ‘изолирани случаи’, тие се директна последица на игнорантскиот однос на државата кон насилството врз жените. Секоја непреземена мерка, секое игнорирање на пријава, секое одложено постапување чини живот. Животот на оваа жена можеше и мораше да биде спасен. Системот мора да понесе одговорност“, порачуваат од организациите.
Oд Мрежа „Стела“, која е и членка на Платоформата за родова рамноправност, споделуваат:
„Македонија во 2023 година ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинира и криминализира фемицидот, женското генитално осакатување, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот. Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите. Како Мрежа Стела и дел од Платформата за родова еднаквост изразуваме длабоко жалење за овие убиства кои можеа да бидат спречени и остро реагираме и бараме целосна истрага на затајувањето од институциите“.
Фотографија: Freepik