Доза вести

(ИНТЕРВЈУ) Маргарита Василеска Маги: Колажот не е претенциозен во пресудата дали овој свет е прекрасен или одбивен!

Време на читање: 5 минути

Првите примероци на колажната уметност се направени пред повеќе од 100 години, кога Жорж Брак и Пабло Пикасо, во екот на нивната уметничка размена, навлегле во една сосема нова територија со нивните авагангардни колекции од хартија. Преклопувајќи различни текстури и материјали, двајцата уметници носеле нова, радикална димензија на животот рефлектиран во нивните дела. Од тогаш, голем број уметници, од различни движења, ја истражуваат и применуваат оваа техника. Овој колажен израз им овозможува на современите артисти да испратат најразлични пораки одразувајќи ги светот и животот, зачинети со хумор, бунт, сарказам, иронија… Нема тема или појава која не може да биде „на тапет“. Социјална, политичка, интимна глобална. Играта, пак, што ја овозможува колажот како медиум е бескрајна, исто како и иМАГИнацијата.



Маргарита Василеска Маги
 е академска вајарка која е една од првите асоцијации кај нас за овој тип уметност. Нејзините колажи се самостојни уметнички дела кои никого не оставаат ниту поштеден, ниту, пак, рамнодушен. Крајот на минатата година го заокружи со самостојната изложба во „Varta Battery Store“, насловена „Blue“. Оваа година, пак, нејзиното име стои и како автор на арт колажот во документарниот филм на сценаристот на режисер, Небојша Илијевски, „Како ја дефинираш ароганцијата?“, кој неодамна ја имаше својата премиера, (прочитајте овде за документарниот филм).

„Лице в лице“ со неа поразговара за концептот и интенцијата на колажот, за неговата улога во предизвикувањето промени, за (не)инспиративната општествена реалност, за неговото место во филмот…

Како ја гледате улогата на арт колажот во филм? Колку има потенцијал на дополнителен коментар? Дали повпечатливо ја илустрира поентата?
Каков ангажман бара од гледачот?

Кога се работи за поента на било каков жанр на уметност, таа е во очите на набљудувачот. Или тоа нечија мудра глава го кажа за вистината…? Па секој, како му е мило или драго, нека извлекува поенти. Како и да е, во услови кога плакатот како средство за визуелна комуникација повеќе не е доминантно, туку таа функција денес ја имаат дигиталните медиуми, не би му давала толкава важност. Едноставно е, имате четири херои со четири трогателни приказни, приказни за победи и порази, приказни за есенцијата на животот: тоа беше централно нешто во креирањето на овој првенствено плакат, а споредно и сето друго останато.

Како одеше креативниот процес за арт колажот за филмот „Како ја дефинираш ароганцијата?“. Од ваша перспектива, колку тој придонесе за засилување на пораките што ги праќа документарецот на Небојша Илијевски?

Процесот одеше брзо и едноставно. Сечеш, лепиш, многу му ја мислиш, и се расправаш со Небојша околу тоа „како ја дефинираш ароганцијата“. Колку што јас ја разбирам поентата на неговата поента – е тоа што има безмалку мал милион дефиниции, да не речам поенти, за тоа што е ароганција. Тоа е одлична можност зошто луѓето треба да го погледнат овој документарен филм и да си извлечат свои поенти. Ако ништо друго, луѓето ќе имаат можност да одморат малку од `хероите` од разните ријалити шоуа, серии и од широкиот спектар на таканаречените инфлуенсери што ја презедоа образовната улога на македонскиот општествен помладок. Ќе ги видат оние што чекорат меѓу нас со карактер и одбиваат да го прифатат нашиот колективен пораз.

Уметноста е комуникација и ни нуди можност за алтернативен дискурс на поглед кон светот. На вашиот инстаграм профил стои дека уметноста зборува, но колажот е (по)гласен. Како би ја образложиле оваа констатација? Каква техника е колажот, и која е неговата главна моќ?

Дефинирањето на она што е уметноста е субјективно прашање, ама ајде да кажеме дека тоа е активност, објект или збир на активности и објекти создадени со намера да се пренесат одредена емоција или идеја. Уметноста не е изолирана од животот, таа како и науката, филозофијата, производството на фабрчка лента, сексот, па и љубовта во утописка смисла… ѝ припаѓа на културата. Без културата и она што е значение на културата, уметноста и не постои.
Колажот е погласен затоа што ги обединува двата најзастапени правци во уметноста: високата уметност или нашата традиционална дефиниција на ликовната уметност и ниската уметност, онаа која се однесува на онаа направена за масовно производство или реклами.



Зошто се одлучивте за овој концепт? Кој беше главниот мотив? Што е во фокус на вашиот уметнички поглед?

Се одлучив затоа што колажот не само што ја расчленува или ја соголува културата од безброј аспекти, туку навлегува во субкултурните движења и револуции при што се бави и со третирање на мејнстрим митовите кои на некој начин го обликуваа денешниот свет, без претенциозно да пресудува колку е тој одбивен или е прекрасен. А изминатите години не беше толку прекрасен, нели? Дадаистите го користат како наратив контра суровоста и грдотијата на војната…

Дали нашата општествена реалност е инспиративна? Дали низ вашиот израз низ колажите се обидувате да ја артикулирате каква што е, или, пак, низ нив ја адресирате вашата перцепција и став? Кон што се стремите?

Искрено, се стремам да побегнам од неа, од т.н.р општествена реалност. Не знам колку е инспиративна, ама сигурно не многу инспиративна за илјадници млади талентирани луѓе кои фатија магла од неа. До толку им беше инспиративна.



Колку македонската уметност, според вас, се занимава со социјално ангажирани теми? Колку уметниците веруваат во промени кои може да ги донесат нивните дела? Имаат ли ангажиран пристап кон општествените и глобални теми?

Во нашето општество уметниците претежно имаат ангажиран пристап во политичките партии и нивните кафански кружоци. Оние малкумината кои се борат за минимум егзистенција и минимум достоинство, наидуваат на ѕидови од малограѓаштина и партиски политкомесари. Пазарот е мал и речиси и го нема, затоа и повеќето се насочуваат кон платформи за продажба во странство. Ако не веруваат во промени, тогаш не би се бавеле со уметност, а ако се оптимисти не би живееле и твореле во Македонија, туку во Норвешка или Данска. Но, никулец на отпор кон оваа ситуација мора да постои. Контрадикторностите во држава како нашата се дел од секојдневието.



Во време на дигитализација, колку колажот, како техника, бара начин да ѝ се доближи на младата генерација? На кого му се обраќаат вашите дела и каков тип промени проектираат да предизивикаат?

Дигитализацијата ја доведува уметноста до апсурд. Вие денес имате апликација со која можете да создадете било каков колаж или било која слика на Ван Гог или Гоген. Можете да го отсвирите било кој риф на Смешинг Пампкинс или да ја измените било која цинична фора на Рик кон Елза. Она што не може да го долови е чувството кога легнат на трева ги гледаш облаците ‘as time goes by’.



Имате ли порака до младите уметници? И што може да ѝ најавите на публиката врзано за вашите идни работни планови?

Да јадат спанаќ и да знаат дека постојат големи шанси ако уринираат „контра“ ветерот да се извалкаат. Нека не се грижат за тоа, важно е да се олеснат, важно е да чуствуваат дека им се може, важно е да им биде топло на рацете и срцата.

Напишете коментар