Ирена Јакимова: Важна лекција е да побараме помош и водство
Јас сум ова што сум и што ќе бидам, не заради созревањето, туку затоа што сум си овозможила и дозволила да ме подучат и водат силни жени, професионални коучеви, вели таа.
Maкедонската обучувачка, коуч и тренер Ирена Јакимова е коавторка на книгата „Мило ми е што ме остави“, која на денот на лансирањето се најде на првото место на бестселери во сегментот духовност и инспиративна духовност на „Амазон“. Ирена е дел од авторките кои придонесуваат кон оваа книга, кои пишуваат вкупно 88 приказни за поддршка, солидарност и надеж. Неодамна пак, таа беше и дел од тимот кој ја организираше конференцијата „Женски економски форум – Балкан 2024“, а е и дел од тимот обучувачки на Лидерската програма за жени со влијание (WILP), која е напредна програма за зајакнување на лидерските капацитети кај жени кои прават промени во општеството.
Како се најдовте во збирката „Мило ми е што ме остави“? Кои се останатите авторки, за што зборува вашата приказна, како ја напишавте, која беше инспирацијата, како книгата стана бестселер?
Во мојата интернационална едукација и активност во минатава деценија, запознав многу други жени од светот, кои се тренери, коучеви, советнички, жени со свои бизниси… За оваа интернационална книга ме препорача една колешка од Франција, со којашто одржуваме комуникација и си даваме поддршка. Книгата беше компилирана и издадена од „Соул Паблишинг“, компанија основана од жена. Во книгата се сместени вкупно 88 приказни од авторки од целиот свет, на различни теми. Приказните се вистинити и обработуваат различни ситуации кога секоја авторка нешто напуштила, оставила, била напуштена, испратила нешто што повеќе не ѝ требало… Објавени се разни приказни, тешки и лесни, тажни и надежни…
Јас имав различни идеи. Напишав приказна којашто е лесна и опишува процес на телесна трансформација преку соработка со телото и промена на начинот на размислување. Верувам дека може да биде инспиративна за многу жени. Од денот кога беше поставена за продажба на „Амазон“, книгата брзо стана бестселер! Се продадоа голем број примероци од е-формата, веројатно поради големиот интерес и добрата промоција на сите 88 жени кои сме дел од изданието. Деновиве веќе е пуштена во продажба и хартиената, печатена верзија. Чувството е прекрасно и продолжувам со довршување на мојата лична книга.
Aктивно работите и на полето на женското лидерство. Зајакнувате жени, менторка сте, обучувачка, коуч за личен развој… Која е најважната лекција која ја имате научено од овие искуства?
Покрај обемната меѓународна едукација за оваа област, голем дел од знаењето ми доаѓа од личното искуство. Некои од најважните лекции ми се дека од нас самите зависи што ќе си дозволиме да биде возможно за нас, која личност ќе се реализираме да бидеме, како и дека многу од работите можеме да ги научиме, не знаеме сè и не размислуваме правилно за сè. Секогаш има и друга перспектива. Токму таа перспектива може да биде поповолна и охрабрувачка за нас.
И да, важна лекција е да – побараме помош и водство. Јас сум ова што сум и што ќе бидам, не заради созревањето, туку затоа што сум си овозможила и дозволила да ме подучат и водат силни жени, професионални коучеви.
Преплавени сме од луѓе кои ги нудат своите услуги за баланс во животот, за унапредување на нашето ментално здравје, има разни апликации за подобар сон, за грижа за себе итн. Иронично, светот и покрај ова, не бил во полоша состојба. Како да препознаеме кој е вистинскиот коуч и ментор/ка за нас? Има ли рецепт за ова? На што да внимаваме?
Во наша моќ е да решиме нешто да преземеме. Во наши раце е и изборот што ќе го направиме. Во различни периоди ни се потребни различни совети, техники, знаења и вид поддршка. Прво тоа треба да го препознаеме. Потоа, да дознаеме малку повеќе за личноста што би ја избрале за коуч/ментор/тренер – какви знаења има, какви лични искуства, ставови и во што верува. Треба да препознаеме дали се тие слични со она што нам ни треба. Можеме и да се распрашаме, да побараме препорака од некого што успеал нешто, да прашаме за совет за тренер, коуч, ментор, за помош…
Честопати сте говорничка и модераторка на настани овде и во светот, каде зборувате за родовата рамноправност во бизнисот и воопшто, во општеството. Што прават жените различно? Зошто, според вас, женското лидерство е меѓу најважните теми во светот?
Ова е важна тема, затоа што не се зборувало за ова во минатото и не постоеле многу примери. Постојат некои разлики во начинот на којшто жените се лидери, како и во начинот на којшто се доживуваат себеси и другите. Жените знаат да бидат построги со себе. Тие повеќе се сомневаат во себе, знаат да не си даваат дозвола на самите себеси, да ги ставаат сите други и нивните потреби пред своите.
На светот му се потребни вистински лидери, со свои различни стилови, и мажи и жени. Кај мажите тоа е природно да се очекува, кај жените не е. Голем дел и поради историската и општествена условеност, верувања и очекувања.
Како мајка на дете со нетипичен развој, која е вашата порака до сите родители кои се борат за унапредена инклузија во нашето општество?
Животот ни носи да го проживееме она што ни е задача и мисија. Една од нив е да научиме прво да вклучиме себеси во оваа тема, за да ја прифатиме и разбереме, како и да се зајакнеме во живеењето и справувањето со ваквите предизвици. Воопшто не е лесно да се расте дете со нетипичен развој. Oсобено, бидејќи и во нетипичноста има и многу нетипичности. Не се сите исти, нема еден рецепт! Ова бара голема сила во одредени моменти и важно е да научиме да излеземе од позицијата на жртва. Важно е и да научиме да си дадеме време, внимание и енергија и себеси, како и тоа да зборуваме, пишуваме и бараме уште повеќе на оваа тема. Во нашето општество има добри примери и треба уште многу, многу да се работи за инклузија. Тоа е мисија на сите нас, родители на деца со нетипичен развој.
Да ве вратиме на Вашите почетоци. Доколку сега започнувавте бизнис, кој би бил најважниот совет/лекција, која би сакале да ја знаевте тогаш?
Бидејќи тогаш имав претходни искуства со водење други фирми, и бев искусна во одредена област, кога започнав со сопствен бизнис – очекував да биде пострашно отколку што беше и да биде полесно отколку што беше. Би сакала уште порано и уште повеќе да побарав стручна помош од жени менторки со успешни глобални бизниси.
Кој би бил пак, советот од вас, како претприемачка, до сите идни млади жени кои планираат да почнат сопствен бизнис?
И мојот совет би одел во таа насока – ако се решени да започнат свој сопствен бизнис – би им порачала дека не е толку страшно и не е толку лесно. Што порано да побараат помош, водство, поддршка од ментор/ка, коуч, да бараат и ангажираат помош/соработници, да инвестираат во себе, во потребни вештини, но и во својот начин на размислување, начин на носење одлуки, во својата енергија. Да не ги преценуваат своите знаења и да не ги потценуваат својата способност и соодветност.
И, секако, најважниот совет: да бидат трпеливи и истрајни, да менуваат кога треба нешто, но, да не се откажуваат!
Фотографии: WILP
- Една трансплантација чини колку една годишна дијализа
- Менторството како мост за промена: Од несигурност и страв кон самодоверба и самостојност
- Со „Лице в лице“ честитките множиме добрина, делиме радост
- Донаторска акција „Стопли детско срце“ – во Startup Club Skopje
- Хуманитарен настан во организација на ХЕРА: Промоција на креативноста на младите девојки и поттикнување на општествена солидарност