Лице в лице интервју

Поезијата е мојот начин на борба и отпор

Време на читање: 3 минути

Често поставуваните прашања за тоа на каде движи културата во Македонија, што се создава и што се креира, се проследени со низа коментари дека никој ништо не прави, а младите се апатични како никогаш досега.
Повеќе млади ни докажуваат дека тоа и не е баш така. Ивана Јовановска е поетеса и културна работничка од Скопје, авторка на стихозбирките „На ракавот на градот“ и „Номадски затвори“. Таа не планира да запре тука…
Читајте го нашиот разговор за тоа како Ивана се чувствува на македонската пишувачка сцена и каква улога играат и другите млади.

Колку е важна самокритиката, односно сомнежот кога се создава, особено за младите автори?

– Не знам како поинаку, освен преку сомнежот во тоа што го правам. Тој навистина ме обликува и ми помага да работам колку што можам попосветено. Има толку многу книги кои треба да се прочитаат, толку многу работи кои треба да се научат, а влијаат текстот на еден автор да биде подобар. Mе мотивираат токму тие недофатни точки во моментов од каде се трудам да црпам и мотивација за моето пишување. Во постојаното преиспитување на тоа што го пишувам, наоѓам голем простор, не само за својот раст како авторка, туку и воопшто како човек. Тогаш се гледам себеси како една мала точка, ја осознавам својата неважност и таа ми помага да го гледам тоа што го правам со скромност. Да му посветувам поголемо влијание од тоа што сум го сработила претходно, да го критикувам и да се трудам со тоа лично и книжевно растење да му давам подобра форма во иднина. За сè ова, за одржувањето на овој сомнеж, всушност, ми помага читањето.

Како учеството на книжевните фестивали влијае на Вашето пишување? Колку Ви значи вмрежувањето на книжевната сцена?

– Некои од најубавите доживеани искуства во поглед на тоа што го пишувам ми се книжевните фестивали. Струшки вечери на поезијата ме номинираа за европската поетска платформа „Версополис“, а од Скопскиот поетски фестивал и Поетска ноќ во Велестово видов како младите автори во Македонија може да се третираат светски, заедно со целата организација на фестивалот. Сум била претставена неколкупати надвор од земјава, два пати во Германија и еднаш на фестивал во Хрватска. Од тие искуства, не само што се вратив со прекрасни контакти и многу добри книги за читање, туку и со чувство колку европските книжевни фестивали се фокусирани на авторите, без разлика на нивната возраст и број на објавени книги. Се следат некои воспоставени принципи на работа од кои не се отстапува и тоа прави авторите да се чувствуваат добро кога се претставени надвор. Никогаш нема да го заборавам првиот фестивал на кој учествував во Хаусах, Германија. Токму таму сфатив што значи еднаков третман на сите автори и видов шанса за своето претставување, иако отидов само со мојата дебитантска стихозбирка и новото членство во „Версополис“.

Што Ве научи студирањето книжевност во поглед на пишувањето и односот кон текстот воопшто?

– Сомневањето во себе го научив таму и многу ми е драго поради тоа. Компаративната книжевност како широко поле кое прегрнува врски со толку многу уметности е еден од најдобрите избори што сум ги направила (секако, тука мислам и на нашата Катедра за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје). Текстот е сложена работа. Тој е жив организам преку кој, не само што градиме однос со светот и некаква комуникација, туку тој е простор за бесконечно растење и паѓање. Затоа ми е важно да читам многу. За да ги пополнувам празнините кои би ми помогнале да видам што мене ми значи добрата книжевност, каков е мојот однос кон пишувањето, но и да станам свесна за книжевните критериуми што определуваат нешто да биде добро или не. Секако, во сите овие процеси, да ја задржам критичката мисла и способноста да споредувам, постојано да истражувам и да го размислувам тоа што ми проаѓа низ рацете.

На што работите периодов и од каде црпите поттик за тоа што го пишувате сега?                                 

– Работам на нова збирка поезија. Некаде на моето биро се наоѓа и идеја за роман на која сè уште не сум се свртела како што треба. Низ пишувањето сфаќам дека не можам да се одвојам од она што се случува околу мене. Станувам поексплицитна во изразувањето на својот бунт, го критикувам тоа што сум го пишувала порано и ја барам таа ангажираност. Од болката и неправдата, од невините луѓе кои гинат секој ден, од нашата игнорантност и од стравот од губење на човечноста и емпатизирањето се нурнувам во последно време во поезијата како крик и мој вид на отпор.

Напишете коментар