Доза вести

Ивана Мирчевска е добитничка на наградата „ДЕНЕС“ 2022 за млади визуелни уметници

Време на читање: 4 минути

Ивана Мирчевска е добитничка на XVI награда ДЕНЕС 2022 за млад а/а визуел(е)/на уметни(к)/чка до 35 години.

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата ДЕНЕС 2022 за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

По јавните презентации и изложбата на четворицата уметници – финалисти: Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова, и Зоран Шекеров, кои се случија на 22 и 23 јуни во НГРСМ – Мала станица, жири комисијата составена од: Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк, одлучи наградата да и ја додели на Ивана Мирчевска. .

Образложение на жирито

Работата на финалистите покажува разновидност на уметничка продукција, стратегии и теми од интерес на современата македонска визуелна уметничка сцена и голем потенцијал за развој на идниот визуелен дискурс, уметнички практики и општествено-политичка критика, најави и спекулативни замислувања.

По внимателно и повеќеслојно размислување, за овогодишен добитник на наградата ДЕНЕС, жирито ја избра Ивана Мирчевска. Овој избор е направен земајќи ја предвид вешто развиената уметничка продукција на Мирчевска и прецизното истражување што се протега низ подвижни слики, текст и инсталации. Ние цениме како работата на Ивана се однесува, ангажира и критички го преиспитува напредувањето на технологиите на видот и функционира како моќно афективно и хаптичко посредување помеѓу телата и просторите на припадност. Исто така, би сакале да го истакнеме сложениот ангажман во работата на Ивана, од една страна, со современи и политички итни дискурси во трансдисциплинарните области на хуманистичките и општествените науки, и, од друга страна, со различни, но заплеткани и вкрстени проблеми и аспекти на нашата современост, вклучително и антропоцен, екологија, капиталистичка екстракција, урбан развој и трансформација, родови нормативни феноменологии, дихотомии природа/култура и тело/технологија и многу други.

Одлуката на жирито беше поттикната од свесноста дека Ивана ќе има бенефит од двомесечната резиденција, врз основа на нејзината решителност и зрелоста на нејзината пракса.

За наградата Денес 

Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во 2023 година, но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата. Добитникот/добитничката на наградата добива двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU).

Мирчевска на изложбата на четирите финалисти која ќе биде отворена до 14 јули во НГРСМ- Мала станица,  го претстави делото Медиум пукнатина: Aлтернативен сет на подлоги за искачување од 2021 година кое е хибридна инсталација составена од видео снимки, објекти, текст, 3Д анимации и звучен пејзаж. Медиум пукнатина е спекулативна средина изградена врз остатоци од материјална култура, објекти на меморија, звучни духови и визуелни прогонувања, поместени во времето и просторот. Црпејќи од постоечките пукнатини на планината Водно – траги од постојаното нагризување и пригибување на нејзината материја во корист на економска ефикасност и урбано проширување и во улога на ископувачи и истражувачи, делото испреплетува мрежа од семиотски, материјални и историски релации, халуцинации и ехоа, во кои домуваме заедно со пријатели, хтонски сожители и мноштво други.

ИВАНА МИРЧЕВСКА (1992 година) е визуелна уметничка и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото. Ивана има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2015 година) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018 година). Нејзините неодамнешни дела и ангажмани вклучуваат: уметничка книга “At an angle of 45 degrees” издадена во соработка со „Приватен принт“, „Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ во Галерија Ко-Ра (2021 година), “Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees” Студио Приватен Принт (2021 година), како и колаборативните проекти:  „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“  во Галерија МКЦ (2021 година) и „Ничии прагови конкретно“ Галерија МКЦ (2020 година). Како активна учесничка во локалната независна и експериментална уметничка сцена, преку својата практика таа соработува со колеги од различни дисциплини и контексти.

Напишете коментар