Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров се избрани за финалисти за наградата „Денес“ за 2022 година која се доделува на млад визуелен уметник во Македонија до 35 години. Наградата се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување.
Наградата е двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк, во Residency Unlimited (RU) во 2022 година. Оозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири-комисија и да продуцираат дело во рамки на изложба како финалисти на наградата.
Отворениот повик за наградата траеше од 17 март до 30 април 2022 и се пријавиле дваесет кандидати. Процесот за доделување на наградата по 16-ти пат го спроведе Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ – Скопје во соработка со Центарот за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU) – Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding – Њујорк.
Четирите финалисти кои понатаму ќе се натпреваруваат за наградата ги избра жири во состав: Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк, Нора Халими (Тетово), уметница и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово, и Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметница и добитничка на наградата „Денес“ во 2021 година.
Покрај избраните четворица финалисти, жирито посебно ги пофали уметниците Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Марија Трпеска.
Добитникот на наградата кој два месеца ќе престојува во Њујорк, во Residency Unlimited (RU), ќе биде соопштен на отворање на групна изложба на дела од избраните финалисти, на 23 јуни 2022 во галеријата Мала станица.