Избрани победниците на натпреварот „Зелени идеи“
Здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците од натпреварот „Зелени идеи“ што годинава се одржа во онлајн формат.
За најдобри се избрани идеите „Вајс адитив“ на ВАЈС Груп ДООЕЛ – Скопје, „Пријатели на пчелите“ на Здружение јадрена група на пчелари од Брегалничкиот регион „Меден Исток“ кои ќе се натпреваруваат за поддршка од 10.000 долари, како и „Заштита на феноменот колибарање во Македонија и промовирање на традиционалните Малешевски специјалитети“ на Душица Крстеска од Берово, која ќе се натпреварува за поддршка од 5.000 долари на регионален натпревар.
За националните победници обезбедени се вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“, а за првопласираната „Вајс адитив“ е обезбедена котизација за учество на меѓународен онлајн настан/обука од Фондот за иновации и технолошки развој.
За прв пат годинава ќе се доделат вредносни ваучери од 2.000 американски долари за првите две зелени идеи и 1.500 американски долари за победникот во категоријата зелени концепти. Годинава, за победниците обезбедено е и бесплатно двегодишно членство во Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Годинава, вкупно 15 зелени концепти и идеи се натпреваруваа во националното финале, а покрај победничките идеи, во конкуренција беа и идеите: Преработка на отпадни лушпи од јајца во додатоци на исхрана за човечка употреба, Хидропоник систем, Сервис за генерирање и валидирање на електронски билет, Соларна сушара за сушење органски плодови, Blink Delivery, Рурални тестенини, Bank of Trees, Bee varroa killer, Еко студио за масажа, Smart green eco trap, Производство на автохтони сорти винова лоза со примена на in vitro технологија и GREEN VIVO.
– Особено се радувам што оваа година имавме успешно реализиран натпревар и 32 апликации, што е навистина голем број ако се земат предвид околностите и кризата со коронавирусот што ја зафати и нашата земја. Тоа не ги спречи сите оние кои имаат зелени идеи да аплицираат на натпреварот, а како и секоја година конкуренцијата во финалето беше огромна. Им посакуваме успех на победниците и се надеваме дека и оваа година ќе се вратиме со награди од регионалниот натпревар, со што уште еднаш ќе покажеме дека сме земја која се грижи за зелената и социјалната економија, вели Ивона Крстевска од АРНО, координатор на проектот „Зелени идеи“.