Изложба на избрани дела настанати на фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно 2023“ во КИЦ
Во Културно Информативниот Центар – Скопје, во среда, на 8-ми ноември, ќе се отвори завршната изложба на дела настанати на работилниците за алтернативна фотографија кои се одржаа во јули, во село Цапари, во организација на Фестивалот Зрно.
Оваа година на Зрно имаше седум работилници на кои се експериментираше и се градеше креативен однос кон фотографијата. Во периодот од 10-16 јули се одржаа работилници за мокар колодиум, креативни игри со полароиди, лумен принтови, Морденсаж техника, сендвич принтови, класична аналогна фотографија и цијанотипија.
„Зрно ја негува фотографијата на автентичен начин, невиден до сега на овие простори и за само две години се етаблира во светот како единствен настан од ваков вид. Годинава успеа да обедини триесетина фотографи и љубители на фотографијата од цела Европа и да ги донесе во прекрасната природа под Пелистер, во преубав простор каде што редовно се одржува уметничката колонија Де Ниро“, велат од Фестивалот.
На изложбата ќе бидат претставени автентични, оригинални, уникатни дела од учесниците на работилниците. Некои од фотографските техники никогаш претходно не биле изучувани и изложени во земјава.