Ја загубив работата, зошто во оваа земја никој не ве брани од насилникот
Сведоштво на жена жртва на семејно насилство која се соочува со непостоење на системски механизми за справување со насилникот. Ваквата аномалија го подрива и економското зајакнување на личност која одлучила да излезе од насилната средина.
„Жртва сум на семејно насилство. Направив многу за да излезам од тој круг. Жртва сум и на системска негрижа, оставена да бидам нападната од насилникот – на јавно место. Тој ме демне насекаде, ме следи. Сето ова влијае да ги губам работните места, каде влегувам со многу ентузијазам, учење и верба дека ќе си изградам поинаква иднина“.
Оваа изјава за „Лице в лице“ деновиве ја сподели жена жртва на семејно насилство, која поминува низ програмата социјално менторство за работна интеграција на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, со цел економски да зајакне и да го напушти насилникот и насилничката средина.
Но, за жал, неусогласеноста на дејствувањата на сите институционални актери, ваквата потреба и итност за промена, ја прават потешка, или дури – нереална.
Социјалната менторка на жената жртва, Магдалена Чадиноска Кузманоски, вели дека пасивноста на улогата на општеството, во конкретниот случај со нејзиното менторирано лице, е компензирана со грижата, дејствувањето и заложбите на менторката, чија носечка цел е лицето да биде работно интегрирано, и со тоа да ја добие независноста која е услов за напуштање на насилната средина.
„Можете да ги земете на грб сите улоги кои потфрлиле во моментот во поддршка на жената жртва на семејно насилство, но, самото тоа што не постои системско справување со семејното насилство, целиот процес постојано може да се враќа на почеток. Конкретно, жената која беше нападната деновиве, ја изгуби својата работа, не по своја вина. Главни причини – насилникот, но, и дражавата која нема механизми како да се избори со ситуацијата, и при тоа го штити насилникот, наместо жртвата“, вели Чадинсока Кузманоски.
Жената жртва доби правна и психолошка поддршка, но, во моментот кога следеше и економската, следеа сцени од страна насилникот, несанкционирани од системот, кои беа причина таа да ги губи работните места.
Целото видео за предизвиците со кои се соочуваат жените жртви при обидот економски да бидат зајакнати и да продолжат со нормален живот – на линкот.
Македонија, иако, е земја потписник на Истанбулската конвенција, сепак, во пракса има низа недоследности во заштитата на жртвите на семејно насилство.
Сите податоци укажуваат на тоа дека се семејното насилство е во подем, а сѐ помал број сторители се казнуваат.
Статистичките податоци од Државниот завод за ревизија објавени во март годинава по анализа на податоци од Министерството за внатрешни работи, покажуваат дека осум од десет жртви се жени, а девет од десет насилници. Ако бројките на случаи растат, бројките на случаи кои завршиле на суд, паѓаат.
Во 2022 година се бележи алармантен пораст од 61 отсто на примени пријави за семејно насилство во споредба со 2018 година. Од жртвите на семејно насилство – приближно 80 отсто се жени, а 92 отсто од сторителите на семејно насилство се мажи.
„Интимните партнери, сегашни или поранешни, се три отсто од сите сторители. Особено изненадувачки е тоа што во втората најголема група на сторители се синовите, со 16 отсто“, се наведува во извештајот.
Според податоците на ДЗР, во 2019 година само 24 отсто од сите пријавени случаи на семејно насилство завршиле на суд. Сторителите биле казнети во само 15 отсто од овие случаи, а само во 3 отсто од случаите била изречена казна затвор. До 2022 година, процентот на сторители на семејно насилство на кои им била изречена казна затвор се намалил на само еден процент.
Според ДЗР, јавната доверба во судскиот систем значително опаднала од 48 отсто во 2020 година на 24 отсто во 2022 година.
Според последното истражување на ОБСЕ за благосостојбата на жените во Македонија – само два отсто од случаите се пријавуваат и се регистрираат кај нас, додека во Европа овој процент е 14 отсто. Во однос на казнивоста има голем број на пресуди против насилниците во кои се изрекува алтернативна мерка условна осуда и условна осуда со заштитетен надзор.
Photo: Freepik