Јоргос Арванитис, лауреатот на „Браќа Манаки“, одржа мастер-класа
Се бараше место повеќе за синоќешната проекција на „Медена земја“, во рамки на програмата на фестивалот „Браќа Манаки“. Салата на Центарот за култура беше преполна и речиси немаше место за сите битолчани што дојдоа да го видат македонскиот кандидат за Оскар. Продуцентот Атанас Георгиев и кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума беа поздравени со громогласен аплауз, а потоа одговараа на прашања од публиката.
Речиси во исто време, во Битола пристигна вториот добитник на Златна камера 300 за животно дело, Јоргос Арванитис, кој денеска одржа мастер-класа: „Кога си млад и ентузијаст ги преземаш ризиците“, порача мајсторот на европската кинематографија.
Грчкиот кинематографер со култен статус во Европа и светот, и со близу 150 наслови во неговата кариера ужива посебен статус на своевиден родоначалник на арт-филмот во Грција и Европа.
Арванитис е роден во едно грчко село во 1941 година, во мрачните денови на Втората светска војна. По разурнувањата во војната неговото семејство се преселило кај роднини коишто имале млекара, па Јоргос како петгодишно дете наутро разнесувал млеко, а попладне одел на училиште. Школувањето го продолжил учејќи за електричар, а првпат отишол в кино на 15годишна возраст.
Првиот контакт со професионалниот филм му било кога во соседството се снимал некој филм, па Јоргос го замолил кино-операторот од локалното кино да му помогне да работи нешто на сетот. Најмногу бил фасциниран од камерата, и вели дека за тогашните деца камерманите биле вистински богови.
-Најдов една црно-бела трака, и со помош на две светла го снимив мојот прв филм. Филмот го прикажав во киното и добив понуда да бидам асистент на камера. Следните пет години бев асистент на камера, Арванитис се присети на неговата младешка фасцинација со филмот.
На млада возраст го снимил неговиот прв филм како снимател, а иако не одел во филмско школо, го почитувал советот на постариот камерман да гледа и да памети сè на снимањата, бидејќи само така можел да стекне поголеми знаења.
Пресврт во неговиот живот било кога го сретнал неколку години постариот Тео Ангелопулос, кој во почетокот на 60-те години се вратил од Франција. Модераторот Масимо Леки забележа дека е необичен спојот на Ангелопулос, кој бил марксистички настроен филмски критичар, и самоукиот кинематографер Арванитис, кој научил сè за камерата снимајќи филмови.
-Заедно со пријателите снимавме некои кратки филмови, помагајќи си еден на друг. Еден ден дојде Ангелопулос со негово сценарио. Го прочитав и сфатив дека во него лежи филм. По 33 дена и со четворица актери, од кои само еден беше професионален, го завршивме филмот, раскажува Арванитис.
Арванитис потенцираше дека во пионерските денови на неговата кариера бил голем ентузијаст и ги преземал ризиците. Леки, пак, примети дека уште во првите заеднички дела на Арванитис и Ангелопулос се гледаат пејзажите од Грција коишто ќе бидат доминантни во целиот опус на Ангелопулос.
Имав проблем со Ангелопулос бидејќи тој во неговите филмови постојано ја избираше истата локација – Воден (Лерин), вели Арванитис. Пресвртна точка во интернационализирање на нивните кариери е филмот „Пејзажи во магла“ од 1980 година, а нивниот последен заеднички филм е „Вечност и еден ден“ од 1998 година. Тој филм беше овенчан со „Златна палма“ во Кан.
Веќе вториот заеднички филм „Деновите од 1936“ е снимен во колор. Во тој период Арванитис бил вработен во едно филмско студио, а секој ден во попладневните и вечерните часови работел со Ангелопулос. Од филтрите кои „отпаѓале“ заради неадекватната боја во процесот на снимање на филмови во студиото со Ангелопулос го снимиле нивниот втор филм. Кога требало да снима комедија, Арванитис си дал отказ и ја продолжил кариерата како freelancer. Останатото е подобриот дел на историјата на грчкиот и европскиот филм од 60-те години до денес.
Во тој период со Грција владеела воената хунта, па Арванитис раскажуваше анегдотски случки како ја избегнувале цензурата за левичарските арт-филмови што ги снимале со Ангелопулос.
Раскажувајќи за неговото професорско искуство на филмската академија „Фемис“ во Париз, Арванитис потенцираше дека може да се направи добра сцена со малку светло и многу организација.
Тоа е и неговото кредо. Арванитис потсети на значењето на зборот фотографија, кој значи пишување со светлина.
Доминик Велински, дистрибутерка-продуцентка од Франција и годинашен член на жирито во главна компетиција на ИФФК „Браќа Манаки“ и македонската режисерка Елеонора Венинова денеска споделија искуства од реализацијата на проектот ЈИЕ ФАБРИКА, кој вчера беше прикажан во рамките на програмата Европски перспективи.
-Станува збор за еден филмски омнибус наречен ЈИЕ ФАБРИКА, кој на сараевскиот филмски фестивал беше прикажан под насловот „Сараево, љубов моја“ и продолживме да го користиме тој наслов. Тоа се 5 филма од 10 режисери, секој филм е направен во тандем на режисер од Југоисточна Европа и режисери од други држави од Европа, објасни Слаѓан Пенев, селектор на програмата „Европски перспективи“.
Доминик Велински за концептот рече дека „идејата ја добила пред 8 години, бидејќи како продуцент подолго време имала чувство дека повеќето луѓе не гледаат филмови од овие земји“.
-Можноста се појави на фестивалот во Кан, кога се побара поголема промоција на Ирска. Ја искористив таа можност како идеја, им посочив дека ако сакаат да ја претстават земјата која има талент, која е гостопримлива итн. треба да правиме филмови заедно. Во Кан проектот беше одобрен и стана идеја за откривање нови гласови, нови режисерски идеи и првата година проектот беше претставен во Тајпеј, па потоа следуваа Финска, Данска, Чиле, Тунис, Либан и еве сега во Југоисточна Европа. Идејата беше секоја година да се менува земјата, да се оди во друга земја и да ја направи истата видлива во Кан, бидејќи овде не станува збор само за режисерите, туку и за земјата, раскажа Велински.
ЈИЕ ФАБРИКА ги поврза филмските центри од регионот: Македонија, Босна, Србија, Црна Гора и Словенија, а во Хрватска во тоа време се менувал раководителот на филмскиот центар и не биле во можност да учествуваат.
-Работевме во двојка, налик на брачна заедница и имавме добра комуникација со мојата режисерка, бидејќи на самиот почеток се договоривме дека за секој конфликт ќе зборуваме отворено за тоа. Имаме многу слично чувство за работите, на сетот се одеше мазно, се консултиравме за секоја одлука, рече Венинова, која додаде дека со познатата актерка Сека Сабљиќ имале одлична соработка.
Селекторката на програмата „Мак поинт“, Ана Василевска ги соопшти добитниците на наградите од публиката за најдобар филм што го гледала на „Браќа Манаки“ во оваа категорија.
– Најголем број гласови од публиката доби филмот „Скопје 2020“ на Радован Петровиќ, второто место го освои филмот „Другарот“ на Димитар Оровчанец, а третото место го делат филмовите „Писмото ми го донесе шампионот“, документарен филм на авторите Александар Манасиев и Мирко Трајановски и „Јас не сум Игор“ на Сергеј Георгиев. Филмот Скопје 2020“ освен што е добро сработен со автентичен авторски печат, е и многу важен во моментов бидејќи во него има ангажираност и гласно зборува за загадувањето-проблемот со кој се соочува не само нашата држава, туку и светот. Треба да се подигне свеста и индивидуално и колективно, зборува за тоа колку сите ние забораваме на елементарните човечки потреби. Морам да потенцирам дека на оваа тема говори и филмот „Пепел“ на Ѓорѓи Лазов, но на сосема поинаков начин и со друга естетика, истакна Василевска.
Според Александар Манасиев „годинава има многу поквалитетна програма во „Мак поинт“ програмата, но тоа е поттик за професионалците да целат малку повисоко“, а за филмот „Другарот“, говореше Самир Љума кој е продуцент на овој филм, и изрази задоволство што филмот е дел од Мак поинт програмата бидејќи „ова е дебитанстки филм на Оровчанец, Петар Арсовски има улога за паметење, а Владимир Самоиловски зад камерата завршил одлична работа“. Мирко Трајановски, режисер и сценарист на филмот „Писмото ми го донесе шампионот“ рече дека првичната идеја била да се раскаже приказната за поштарот од Велес кој е државен рекордер на Македонија во трчање ултрамаратон, но и изумирањето на испраќање писма по пошта како комуникација.
И членовите на Американската Академија за филм бараат од медот…
Проекцијата на македонскиот кандидат за Оскар, „Медена земја“ предизвика огромно интересирање кај публиката, но и денеска кај новинарите. Кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума, како и продуцентот и монтажер Атанас Георгиев открија интересни моменти од снимањето на филмот.
-Сите комунициравме без проблем иако стануваше збор за двајца режисери и двајца кинематографери. И сега на проекциите кога го гледам филмот не можам да препознам кои кадри јас сум ги снимал, а кои Фејми. Таа компатибилност, на двајца кинематографери кои се комплетно различни укажува на тоа дека успеавме да направиме филмот да изгледа како да е снимен од еден човек, рече Љума, кој појасни дека причината поради која дошло до ангажирање на двајца кинематографери и двајца режисери е всушност видео кој требало да го снимат за три месеци, финансирано од Швајцарската организација за развој, тоа всушност било проект за заштита на животната средина и поради брзината која им била потребна се направил тимот, а снимањето на видеото се претворило во овој резултат кој го имаме денес.
Во филмот, мајката на Атиџе умира и тие денеска раскажуваа за тие денови од снимањето:
-Навистина мајката на Атиџе почина за време на снимањето. Таа беше во тешка состојба извесен период и кога ни јавија дека починала се организиравме да стигнеме до таму и бидејќи сметавме дека тоа навистина е интимен момент, буквално само 15 минути влеговме внатре. Но, во документаристиката тоа е експлозивниот момент. Се двоумевме околу тоа, но сфативме дека тие моменти даваат тежина на документаристиката и одлучивме дека ќе ги снимиме, смртта, раѓањето на животот-кога се пораѓа кравата и пчелите кои го затвораат кругот, рече кинематограферот Фејми Даут.
За монтажерот и продуцент Атанас Георгиев било кој да недостигал од оваа екипа, филмот немаше да биде ова што е, а во однос на кампањата за негово претставување подвлече дека треба да бидат креативни.
-Во документаристиката нема пари. Најголемите пари ни стигнаа кога филмот беше завршен, а сите пари пак ги потрошивме на филмот. Поголемиот дел од филмот, 80% е финансиран од странство, од Филмскиот фонд на Сан Франциско и Турската телевизија, Агенција за филм на Северна Македонија. Американската компанија која не застапува во САД во кампањата не поддржа со еден милион. Немаме скапа кампања и мораме да бидеме креативни за да можеме некако да се носиме со другите кандидати. Од американска призма ние сме кампања со екстремно низок буџет и ќе пробаме да бидеме креативни. Тегличките со мед се дел од креативниот дел од кампањата кои всушност се продаваат од врата на врата и секој плаќа колку што мисли дека треба да даде за тегличката мед и парите одат за заедницата. Лимитирани се тегличките, имаме околу 100 килограми мед, но и членовите на Академијата која доделува Оскар почнуваат да бараат од медот така што станува интересно, објасни Георгиев.
Фејми Даут раскажа за искуството кога бил искасан од пчелите додека снимале.
-Немавме заштите додека снимавме. Гледајќи ја Атиџе стекнавме доверба дека сето тоа ќе биде безопасно, но јас бев единствениот што беше каснат од пчела во текот на снимањето, но се заврши добро. Ме нападнаа пчелите на високите карпи каде Атиџе оди да го земе медот, среде лето снимав без маичка и кога ме нападнаа како дивокоза се искачив до врвот за да избегам и сеуште не сум свесен како успеав да се качам, рече Даут.
Атиџе по нејзина желба присуствувала на неколку фестивали, но тимот смета дека таа треба да остане пчеларка и да си се врати на нормалниот живот кој и онака и е испревртен по снимањето на „Медена земја“.
-Таа избра да патува во Турција и во САД, но досега не патувала со авион, никогаш не била во хотел, никогаш не гледала филм во кино и сето тоа имавме можност да видиме како и го поремети животот. Инаку таа е родена ѕвезда само досега немала можност да го покаже тоа. Многу одбро се однесува пред камера и пред микрофон, излегува на сцена, компонира песни…За неа, од буџетот кој го имавме, набавивме мала куќа каде што таа има роднини и каде што сакаше да се пресели. Им помагаме и на децата од другото семејство за кои сакаме да излезат на прав пат. Според мене, повеќе би сакал едно од повозрасните деца да го образуваме за филм и да патува со нас по фестивали, отколку Атиџе, рече Георгиев.
Тој потенцираше дека и покрај прикажувањето на оскудните услови за живот, целта е да се пренесе пораката за животната средина, а не убавината или сиромаштијата. Сите сцени се само фасада за приказната која сакавме да ја раскажеме.
Јоргос Карвелас, кинематографер на филмот „Келнер“, кој беше прикажан во програмата „Европски перспективи“ го пренесе искуството од работата на оваа урбана драма која се случува во Атина.
-Навистина ми беше задоволство што бев прв гостин во програмата на кино на отворено во Музејот. Филмот е дебитантски филм на режисерот, инспириран е од фактичка приказна која ја искусил режисерот пред неколку години во Њујорк, за девојка која исчезнува, а претходно се среќавале секој ден. Се подготвувавме околу два месеци, снимавме 4 недели, а монтажата траеше околу 2 недели, рече Карвелас, кој призна дека му влијаеле во работата дела од Караваџо, од филмови на Дејвид Линч итн.
Инаку, од годинава „Браќа Манаки“ доби уште еден фестивалски простор, тоа е дворот или како што битолчани го нарекуваат „пацио“ на Музеј и завод Битола, каде на отворено се прикажуваат дел од фестивалските филмски програми. Програмата на Кинотека, традиционалниот партнер на фестивалот се одржува во „Магаза“.