Прослава по повод 70 години постоење на Сојуз на извидници на Македонија
Сојузот на извидници на Македонија годинава одбележува 70 години постоење на извидничко движење во земјава.
За таа цел, на 4 ноември, со почеток во 12 часот – во паркот Жена Борец, Скопје, ќе биде одржано свечено давање на Завет, каде што новите членови во македонското извидничко движење ќе даваат Завет, односно заклетва дека ќе живеат и работат согласно извидничките закони и принципи, а останатите членови ќе го обноват некогаш дадениот Завет.
Оваа церемонија има исклучителна сентиментална важност за секој извидник, истата е централна во уникатниот метод на работа кој се практикува во извидништвото. На настанот е очекувано присуство од повеќе од 300 извидници (деца, млади и возрасни) од целата држава.
Дополнително, на овој ден во хотел Континентал ќе биде одржана Свечена Академија по повод 70 години постоење на Сојузот на извидници на Македонија. Оваа Академија ќе опфати серија на истакнати говорници, ретроспективен преглед на нашата богата историја, културни изведби и ексклузивна церемонија за доделување на признанија за оние кои дале исклучителен придонес за Сојузот на извидници на Македонија низ годините.
Приемот на гости за Свечената Академија ќе трае од 19до 19.30 часот.
Цел на македонското извидништво, 70 години подоцна, сЕ уште е да придонесе во развојот на младите луѓе во достигнување на нивните потполни физички, интелектуални, општествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и како активни членови на нивните локални и национални заедници, како и во меѓународната заедница.
Сојузот на извидници на Македонија (СИМ) е младинска чадор организција основана во 1953 година. Како организација со 70 годишна традиција, преку промовирање на мир, животни вештини и позитивни вредности, согласно актуелните трендови континуирано спроведува неформално образование за младите градејќи конструктивни индивидуи, кои активно придонесуваат за општествениот развој.
Денес СИМ функционира на речиси целата територија на Република Северна Македонија и претставува најголема младинска чадор организација на 23 активни извиднички одреди во државата. Во моментов во организациите членки на СИМ, извидничка програма следат активно повеќе од 2500 деца и млади. Тие 23 извиднички (поречански / езерски) одреди, согласно извидничкиот завет и закони, практикуваат активности кои кај младите развиваат вештини и поттикнуваат градење на карактерот.
Во процесот на постигнување на целите, СИМ, како членка на најголемото младинско движење во кое членуваат повеќе од 57 милиони млади, од повеке од 180 држави и територии низ светот, ги претставува интересите на светското извидничко движење без оглед на социо-економската позиција, пол, раса, етникум и културна позадина, политички религиозни убедувања, сексуална ориентација или било каква форма на поделба.