Доза вести

Како да израснеме деца кои нема да осудуваат?

Како родители и учители, имаме одговорност да ги учиме нашите деца за разликите, да ги едуцираме за другите луѓе кои според нешто се поразлични од нас, за да имаат вистинско разбирање и да ја изградат на цврсти темели својата емпатија и сочувство.

Зорица Николова

„Ако ги осудуваш луѓето, немаш време да ги сакаш“ – Мајка Тереза

Сите ние во даден момент сме биле таму, ги осудуваме луѓето според нашите стандарди, морали, идеали и принципи – според тоа како се облекуваат и изгледат,  каде живеат и работат, па сѐ до начинот на кој го водат својот приватен живот и како го поминуваат своето слободно време.

На прашањето: зошто луѓето им судат на другите? – ќе добиеме одговор дека судењето е природен инстинкт, им судиме на другите луѓе околу нас бидејќи тие изгледаат, звучат или се однесуваат поинаку од нас. Тоа е примарен инстинкт да ја браниме нашата територија, при што реагираме со борба или со бегство, и ова можеби имало смисла за пештерските луѓе кои требало да ги заштитат своите области на живеење, но, денес тоа оди на многу подлабоко ниво.

Главните причини за судењето на другите се недостаток на разбирање, различни перцепциони гледишта од сопствено искуство или воспитување и недостаток на емпатија и сочувство. Перцепциони гледишта и недостатокот на емпатија се во голема мера научени и изградени врз однесувањето што произлегува од нашето детство и воспитување.

Како родители и учители, имаме одговорност да ги учиме нашите деца за разликите, да ги едуцираме за другите луѓе кои според нешто се поразлични од нас, за да имаат вистинско разбирање и да ја изградат на цврсти темели својата емпатија и сочувство.

Постојат различни начини како ние можеме да ги научиме нашите деца да не осудуваат. На пример изложете ги на интеракција со луѓе кои имаат поразличен животен пат од нивниот, дозволете им на вашите деца да се запознаат со повеќе различни култури, употребувајте неосудувачки јазик, објаснете им ја разликата помеѓу вашето мислење и факти, разговарајте со децата за различности, за различни религии, култури, појави, болести. Ако овие работи не им се непознати, тие ќе ги препознаат различностите и ќе ги перцепираат како дел од секојдневното нормално функционирање, а со тоа и нема да ги осудуваат сите кои се поразлични од нив.

За да им помогнеме во целост да го отфрлат осудувањето и да израснат во толернатни, самоуверени, резилиентни и емоционално интелигентни деца бара од нас да ги редефинираме работите кои ни се важни на нас, во сегашниот момент и во иднина. На крај, нели, децата најдобро учат од примери, тие ќе имаат многу примери на својот пат но токму вие сте примарниот и најдобар пример за нив. Бидете современи херои во очите на своите деца!

(Авторката е дипломиран психолог)
(Текстот е објавен во 31 издание на „Лице в лице“)

Напишете коментар