„Кц 750: турни ме да кинисам“ вечер во МКЦ
Во Младинскиот културен центар вечер ќе се одржи настанот „КЦ 750: турни ме да кинисам”, на кој ќе биде претставен проектот КЦ 750 на Иван Шопов и Владимир Лукаш – приказна за едно фиќо што кога ќе порасне сака да стане културен центар.
Како што наведуваат организаторите, целта на проектот, поддржан од Министерството за култура е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. „КЦ 750“, преку мобилниот концепт, ќе се обиде на неконвенционален начин, не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје, туку и да понуди децентрализирачки концепт на ширење на културата, велат авторите на проектот.
Културниот центар „ќе го турнат да киниса” повеќе автори од земјава и гости од странство кои ќе читаат поезија и кратка проза во рамки на тн „Астални проекции”: Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Владимир Лукаш, Милена Илиќ, Николина Андова Шопова, Васко Марковски, Ива Дамјановски, Ѓорѓи Крстевски и Иван Шопов.
Ѕвездан Георгиевски, поранешен сопственик на Застава 750, во рубриката „Слушај паталец” ќе зборува за фиќото како културен феномен, како и за мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750″ од Иван Шопов.
Книгата ќе се продава по цена од 100 денари, а собраните средства ќе бидат употребени за одржување на фиќото-културен центар, кое е познато како табиетлија меѓу автомобилите.
Настанот ќе го заокружи вокално-инструменталната банда „Фиќести трубадури”, во состав: Ана Голејшка Џикова, Васко Марковски, Дејан Шкартов, Душан Кировски и Владимир Лукаш.