Ќе ја „донесеме“ Германија на Балканот или младите ќе ни се иселуваат во западните земји
Чистиот воздух и заштитата на животната средина се меѓу најважните теми за младите од Балканот. Технологијата и дигиталните алатки треба да се искористат за да се поттикне промена.
Ова се заклучоците од серијата фокус групи со млади луѓе – студенти од Македонија, Албанија и Србија за тоа како различни еко-апликации може да помогнат во подигнувањето на јавната свест за заштита на животната средина. Фокус групите кои беа спроведени од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во текот на февруари годинава, покажаа дека младите го гледаат решението во повеќе достапни и функционални еко-дигитални алатки, наменети кон справување со постоечки проблеми, кои истовремено ќе придонесат и кон менување на еколошката свест на целата јавност.
Комуникологот Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, е еден од авторите на ова истражување. Со него поразговаравме за сите предизвици со кои се соочува денешната „дигитална“ генерација, за нејзината вклученост во носењето одлуки за важни општествени прашања, за одговорноста што ја има како идна лидерска сила.
Живееме во време на дигитализација на секоја сфера од нашето дејствување. Ова посебно е карактеристично за младата генерација, која е иднината на промените, но, и на свеста за придобивките од одржливото живеење. Истражувањето кое го спроведе ИДУЕП, со млади луѓе од Македонија, Албанија и Србија, покажува дека улогата на дигиталните алатки во подигнување на еколошката свест е од огромно значење за младите од Балканот. Што друго донесе тоа? Што добивте како очекувани наоди, а што ве изненади?
Кордалов: Како и многу пати до сега, повторно се покажа дека младите од сите три земји се охрабрени, мотивирани и со огромна волја да ги менуваат состојбите во своите земји, но и севкупно во регионот на „Отворен Балкан“.
Ние многу зборуваме за младите во контекст на нивно иселување од Балканот кон Запад, но многу малку или ретко ја бараме вината кај себе за ваквите процеси. Ако сакате да зборуваме со бројки, според најновиот македонски попис, кај населението на возраст помеѓу 15-29 години, МОФ пресмета 32% помалку или со бројки дури 154 илјади млади помалку отколку пред 20 години. Ова се поразителни бројки и главниот доказ дека мора да ги вклучиме целосно младите во процесите на одлучување за да ги променат состојбите според нивна мерка, но и да се обидеме да ги мотивираме да останат дома, во земјите од целиот регион. Со оваа активност имаше за цел да го засили гласот на младите луѓе, да ги праша во каква еколошка средина тие сакаат да живеат, но и како дигитализацијата според нив би одиграла позитивна улога во справувањето со загаденоста и другите еко проблеми на Балканот.
Тие ги кажаа своите ставови и барања до властите од трите земји, но истовремено дадоа и повеќе од 20 урнек дигитални, односно мобилни апликации кои развиените земји од светот ги користат за решавање на еко предизвиците преку вклучување на младите и генерално луѓето во целокупниот процес.
Треба да бидеме искрени и директни: Или ќе ја „донесеме“ Германија, САД, Франција во Македонија и на Балканот или, пак, и понатаму младите од регионот масовно ќе ни се иселуваат во западните земји. Младите луѓе со право бараат егзистенција, но првенствено можност самите да создаваат, да се развиваат, да го креираат општеството во кое ќе има квалитет на живот: образование по нивна мерка, чист воздух, среден јавен превоз, поголема слобода и права…
Кои се најгорливите еко предизвици за младите? И, каде ги гледаат решенијата? На кој начин се остварливи?
Кордалов: Како еден од погорливите проблеми, младите од трите земји ја посочија потребата од намалување на отпадот од храна и пластичниот отпад кој според нив е важен фактор за заштита на животната средина, но ја нагласуваат и недоволната информираност на јавноста за тоа како може да придонесат кон негово решавање. Затоа, сметаат дека се потребни различни видови апликации со кои ќе се таргетира различен аспект поврзан со заштита на животната средина.
Како пример, дадоа апликации за намалување на отпадот од храна, за следење на загадување на воздухот, апликации за заедничко користење на автомобили, апликации за велосипеди и тротинети кои ќе придонесат да се намали загадувањето, апликации кои ќе даваат совети поврзани со екологијата, ќе поттикнуваат на паметно користење и заштеда на енергија и сл.
Во кого гледаат сојузници за своите замисли? Од каде очекуваат поддршка, поттик, мотивација?
Кордалов: Младите бараат од државата, односно од владите во своите земји да поддржат развивање на апликации за заштита на животната средина кои особено ќе бидат наменети и адаптирани за помладата генерација, со цел нивна поголема искористеност и примена во општеството.
Како една од позитивните пракси кои нашите држави може да ги аплицираат, студентите го наведоа и примерот од Нов Зеланд каде тамошната влада креирала апликација наречена „Snap Send Solve“, преку која корисниците може да пријават локални проблеми за помалку од 30 секунди (од нелегално паркирање до дупки на патот, исфрлено ѓубре на несоодветна локација, со напуштени автомобили итн.).
Учесниците и учесничките на фокус групите решението за тоа како повеќе млади да се поттикнат на еко-акции го гледаат во понуда на апликации со гејмификација и награди – на пример, за рециклирање на одреден број шишиња да добијат некаков надомест како што се билети за културни настани и слично.
Младите од регионот бараат чист воздух и здрава средина за живеење – тоа е она што ги засега подеднакво без разлика од која земја доаѓаат. Но, тие јасно ја истакнаа свесноста дека е неопходно уште од најрана возраст да се вклучат во креирањето политики и преземање на конкретни активности за решавање на еколошките предизвици. Бидејќи каква вода ќе пијат, каков воздух ќе дишат или каква почва за храна ќе има за идните генерации се одлучува токму денес. Уште поважно е што овие фокус групи покажаа дека младите се свесни оти промената мора да почне од нив самите, односно, сите заедно треба да се менуваме ако сакаме да ги видиме промените. Она што охрабрува е дека освен што тие сакаат да ја искористат технологијата и дигитализацијата за испраќање на пораки за позитивна промена, тие се стремат и преку личен пример да придонесат кон подобрување на состојбата.
Колку младите сметаат дека образовниот процес е клучна фаза во која ќе се гради неопходната свест за еко-одржливото живеење? Колку, според нив, овие прашања се адресирани во едукативните содржини со кои се сретнуваат?
Кордалов: Како Институт, на почетокот на годинава спроведовме онлајн анкета меѓу млади луѓе од земјите од „Отворен Балкан“ за тоа колку се задоволни од квалитетот на образованието за време на целата пандемија. Најголем број од младите, над 70%, не сакаат да продолжат со онлајн настава и сметаат дека ниту тие, а ниту професорите не вложуваат доволно напори за квалитетна настава преку интернет што резултира во ниско до средно ниво на стекнато знаење и несоодветна едукација.
Понатаму, мнозинство од младите во Македонија (50,2%) и Србија (47,6%) сметаат дека е возможно да се учи на социјалните мрежи, како и дека просторот на социјалните медиуми нуди многу можности за учење, ама не е доволно искористен. (Србија 45,1%, Македонија 37,8%). За разлика од нив, младите во Албанија не гледаат таква можност – над 44% одговориле дека не е возможно да се учи преку социјалните мрежи, ниту пак дека овие дигитални канали нудат такви можности (50%).
Сепак, генерално огромен број на млади во целиот регион на „Отворен Балкан“ сметаат дека е потребна реформа преку дигитализација на наставата што вклучува и наставна програма направена на интересен и иновативен начин, прилагодена на потребите на учениците и студентите. Со ваквиот пристап, според младите вклучени во онлајн анкетата на ИДУЕП, ќе се зголеми и квалитетот на нивното знаење и вештини.
Она што охрабрува е дека огромен број млади во регионот се подготвени да креираат и прифатат позитивни промени и иновативни решенија за учење, вклучувајќи ја тука и заштита на животната средина на која сметаат дека дефинитивно треба да се даде приоритет во наставните курикулуми, но и на вонучилишните активности кои ги треба да ги организираат училиштата и факултетите.
Кои се мобилните апликации во кои младите веруваат како во генератори на позитивни промени во сферата на екологијата? На што го темелат изборот? Што забележуваат дека недостасува од дигиталните еко алатки?
Кордалов: Во рамки на фокус групите кои како Институт ги спроведовме, младите споделија и конкретни примери на апликации од светот со кои успешно се решаваат одредени еколошки проблеми. Меѓу нив се апликации за „споделување“ како на пример „BlaBlaCar“ – апликација за заедничко користење автомобил и делење на патните трошоци достапна во 22 земји во Европа и Латинска Америка, со што се влијае врз намалување на емисијата на штетни гасови, потоа eco-friendly апликации за заштита на животната средина и решавањето на еко проблеми на локално ниво како што е „Geco air“, придружник за мобилност што овозможува да се намали загадувањето, која и визуелно покажува и дава совет како да се постапи за да се подобри квалитетот на воздухот кој сте го загадиле.
Апликацијата „Oroeco“ која има за цел да ја подигне свеста за влијанието на една личност врз климатските промени, глобалното затоплување преку мерење на нашиот „еколошки“ отпечаток кој го оставаме во околината, до апликации за намалување на отпадот од храна, меѓу кои е и „Карма“ – шведска компанија за отпадоци од храна и која преку својата истоимена апликација го „спасува“ вишокот храна од ресторани, продавници и фарми, и ја нуди за половина цена – храна која инаку би завршила во ѓубре.
Од она што беше истакнато, младите го темелат својот избор на мобилни интернет апликации на начинот на живот, новите навики кои тие ги имаат, на технологијата и нејзината практичност која им е многу блиска, но и на можноста за речиси неограничена мобилност, контакти и соработки со свои врсници и врснички од целиот свет.
Тие, како примери во своите земји, ги посочија: македонската мобилна апликација „Мој воздух“ која го мери загадувањето на воздухот, или „Андерва“ во Албанија која нуди попусти во еко-пријателски продавници. Младите истакнаа дека ваквите апликации се добар чекор и придонесуваат за одредени промени во позитивна насока, но сметаат дека владите од земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ треба многу повеќе да инвестираат, но и поддржуваат ваков вид на онлајн апликации. Младите луѓе од Србија го поздравија креирањето на апликацијата „gReact“ од страна на тамошната Влада, истовремено нагласувајќи дека ваквите апликации бараат подобра функционалност, систем на постојано надградување и применливост во праксата.
Дали мислите дека новата генерација млади, идни одговорни граѓани, соодветно ги препознава општествени предизвици со еко предзнак, кои може да ги решава со социјални иновации или со дигитални алатки? Учествуваат ли активно во посакуваните промени?
Кордалов: Младите генерации сакаат и можат да направат позитивна промена во општеството. Затоа мора да бидат активно вклучени во процесите на носење одлуки на централно и локално ниво. Решенијата на проблемите во општеството тие често ги гледаат преку користење на напредната технологија од причина што тие се родени, живеат и работат во ера на дигитализација и интернет. Процесот на дигитализација во сите сфери, меѓу кои и екологијата, одамна веќе не е избор, туку обврска за секое општество кое сака да напредува. Ефикасната дигитализација отвора повеќе можности за граѓаните, а особено за младите. Затоа мора да ги користиме ваквите дигитални алатки кои светот одамна ги препознава. Дигиталната трансформација е клучна за создавање поодржлив, праведен и попросперитетен свет кој ќе им го оставиме на идните генерации.
Едноставно, неопходно е да веруваме во новите генерации и наместо ние да одлучуваме за нив, потребно е да ги прашаме што е она кое им е потребно и истото заеднички да го издејствуваме и примениме. Така се гради зрело општество, особено во време кога зборуваме за невидено голем генерациски јаз: на возрасни генерации кои учеле, се развивале и стекнувале работни вештини во едно традиционално време и млади генерации кои на дофат ги имаат сите можности, немерливи опции кои ги нуди интернетот и дигитализацијата која тие ја среќаваат и ползуваат со самото свое доаѓање на овој свет.
Мора да им се даде можност, но и да се соработува со цел овој јаз да се намали и перспективно да се надмине. Потсетувам и тука дека учениците и студентите денес се всушност лидерите и лидерките на државите, бизнисот и организациите за 10 до 15 години отсега!
Имате ли порака до сите нив?
Кордалов: Директната порака е секоја млада личност да продолжи да биде гласна, своја и единствена. Да продолжат да не се плашат да ги предизвикуваат авторитетите, но и постојано да бараат повеќе и подобро. Така ја личи и така треба да изгледа млада генерација која може, знае и сака да направи промена. Само со ваквиот пристап, а не со молчење и прифаќање на сѐ што се сервира, може да се направат долго бараните позитивни промени во општеството кои секој човек во нашиот регион, независно од возраста, долго ги бара и заговара.
Од друга страна главната порака до авторитетите и генерално до возрасните генерации е да се отстапи значителен простор на сцената токму на младите луѓе, да се има доверба во нив и да се охрабрува да се обидуваат да наоѓаат решенија за општествените проблеми, па дури и да погрешат. Бидејќи ако не се обидувате и често не правите грешки додека сте млади, како ќе се изградите како зрела и професионално подготвена личност да дејствува и носи позитивни промени?