„Ќе те пратам кај психологот!“ казна, закана или поддршка?
Здружението на граѓани „Младите можат“ застапува важни решенија за поддршка на менталното здравје кај младите. Оваа содржина е придонес и давање фокус на превенција, градење свесност, како и итни промени во клучните елементи за решавање на предизвиците во оваа сфера
Маја Раванска
Чувство на неразбраност, обележаност, недостиг од сеопфатна иницијатива, премолчување на предизвиците во кои се дават тие за кои сите ние најмногу се грижиме – децата и младите. Кога тема е здравјето на граѓаните се труби за рана интервенција, но менталното здравје, особено тоа на најмладите, останува недостапна територија. Депресија, анксиозност, нарушувања во однесувањето, хиперактивност и проблеми со вниманието се само дел од проблемите со кои се соочуваат младите.
„Речиси сите проблеми со менталното здравје (75 проценти) се појавуваат пред 25 години“…
„Според СЗО, на глобално ниво, едно од седум деца на возраст до 19 години ќе пројави ментално нарушување… Самоубиството е четврта по ред причина за смрт меѓу 15. и 19. години од животот…“
Ако овие податоци изнесени во документот за јавна политика „Грижа за менталното здравје“ на Здружението на граѓани „Младите можат“ стигнаа само до тие што се занимаваат со оваа проблематика, трагедијата во белградската гимназија „Владислав Рибникар“ врескаше за итно вклучување на алармот.Сите процени од оваа и други анализи што ги прават младинските организации кај нас укажуваат на потребата од најрана возраст да се преземат чекори за менталното здравје на децата.
Соочувајќи се со бавниот системски одговор на предизвиците со менталното здравје, нашата колективна негрижа, како и недоволното охрабрување на младите отворено да бараат поддршка кога им е потребна, разговараме со стручни лица што го следат феноменот на менталното здравје кај младите луѓе и нудат решенија.
Анита Николовска е извршна директорка на „Младите можат“, организација што менталното здравје на младите го има како приоритет. Со неа разговараме за најважните предизвици, меѓу кој е и ограничената достапност на специјализирани услуги.
– Иако се направени напори за зголемување на ресурсите за сервиси за ментално здравје, побарувачката често ја надминува понудата. Ова резултира со долго време на чекање и ограничен пристап за тие што имаат итна потреба – вели таа.
Социјалните медиуми – главен извор за информирање за менталното здравје
Децата и младите сега растат на интернет. Се дружат на дигиталните канали, сите информации ги примаат од таму, а често и не се свесни за предизвиците што ги носи дигиталната сфера. Големо мнозинство од нив се информираат за теми поврзани со ментално здравје од социјални медиуми и интернет (60 проценти), наспроти од училиште (девет проценти) и од родителите (12 проценти).
„Една половина од децата со ментални здравствени проблеми отпаѓаат од училиште пред 14-годишна возраст, што е највисока стапка на исклучување. Овој загрижувачки податок, наведен во националната стратегија, укажува на важноста за рана интервенција, како и на неопходноста за подобрување на пристапот до услугите за менталното здравје на младите“, се вели во истражувањето „Средношколците и пристапот до услуги за ментално здравје – анализа на моментната состојба“, на „Младите можат“.
Николовска појаснува дека државата има воспоставено солиден правно-институционален систем со стратегиска рамка предводена од Министерството за здравство. Во однос на пристапот до услуги за средношколци, посочува таа, најголемиот предизвик останува практичниот опфат на воспоставените процеси, како и нивната препознаеност од страна на крајните корисници.
– Иако се забележува напредок, средношколците сѐ уште во голема мера функционираат во средина што ги обесхрабрува да зборуваат отворено за менталното здравје. Тоа влијае врз можноста тие да пристапат до навремени и квалитетни услуги, што е диспропорционално изразено кај определени ранливи групи и средношколци што доаѓаат од помали средини – споделува Николовска.
Таа додава дека значаен дел од пристапот до услуги се однесува на тоа дали еден млад човек има време, финансии, транспорт и слични услови што ќе му овозможат континуирано да посетува психолог, психотерапевт или психијатар, во зависност од потребите.
– Ова особено доаѓа до израз во однос на пристапот до психотерапевт, професионална услуга од областа од менталното здравје, која не е покриена од Фондот за здравствено осигурување. За разлика од професионалните услуги на психијатрите и на психолозите во државните здравствени установи што се покриени од фондот, кои, од друга страна, имаат хроничен проблем со капацитетите поради што клиентите што имаат услови се решаваат за стручни лица што работат само во приватна практика.
„Ќе те пратам кај психологот!“ казна, закана или поддршка?
Во нашиот образовен систем посетата на психолог, неретко, е казна!
„Ме пратија кај психологот бидејќи бев немирен и предизвикував тепачки“, сведочи 14-годишно дете од Скопје.
„Психолозите се користат само за ученици со слаби оценки, за кои се претпоставува дека имаат проблеми. Добрите ученици не се повикуваат, се претпоставува дека тие немаат проблеми со менталното здравје”, сведочи еден средношколец.
Николовска посочува токму на недоволното препознавање на улогата на училишниот психолог кај средношколците.
– Место како механизам за поддршка во однос на менталното здравје на учениците, голем дел од психолозите повеќе се користат како корективен механизам за слаби или проблематични ученици. Еден психолог е задолжен за целото училиште. Потребно е и да се намалат нивните административни задачи – вели таа.
Решенијата, вели Николовска, се однесуваат на приоритет при воспоставување сеопфатен систем, подигање на свеста и инвестирање во превентивни мерки:
– Така можеме да поттикнеме општество што ги поддржува и ги засилува младите поединци во нивното патување за ментална благосостојба. Заедно, да се стремиме кон иднина каде што услугите за ментално здравје се достапни за сите обезбедувајќи посветла и поздрава иднина за нашите млади.
Обележаноста – еден од главните предизвици
Борче Исаковски е врснички едукатор од Охрид. Тој зборува за неопходните чекори што мора да ги преземеме.
– Силно верувам дека преземањето проактивни чекори кон превенција и промовирање на важноста на менталното здравје е од клучно значење за благосостојбата на нашето општество. Предизвик со кој треба да се соочиме во нашето општество е обележаноста што сè уште постои околу оваа тема кај повозрасната популација – вели Исаковски.
Тој дава акцент на превенцијата и на унапредувањето на менталното здравје.
– Потребен е повеќеслоен пристап, кој опфаќа образование, рана интервенција, средини за поддршка, градење отпорност, соработка и надминување на предрасудите. Со преземање на овие неопходни чекори, можеме да создадеме општество што ја цени менталната благосостојба, ги поддржува тие на кои им е потребна и на крајот го намалува товарот на предизвиците за менталното здравје – рече Исаковски.
Имаме стратегија, но во голема мера се мерки на хартија
Државата има Национална стратегија за унапредување на менталното здравје во РСМ, која во голем дел е насочена кон подобрување на менталното здравје кај децата и адолесцентите, како посебна популациска група.
– Документот дава одлична основа и поставеност кон унапредувањето на менталното здравје. Меѓутоа, за жал, и во овој случај, во најголем дел овие мерки се само на хартија – вели Николовска.
Во однос на пропустите, Николовска посочува и дека здравствениот систем за промоција и превенција на менталното здравје не е соодветно организиран во рамките на примарната здравствена заштита.
– Ова значи дека сервисите за ментално здравје не се соодветно поврзани со други државни институции, како МТСП и Министерството за локална самоуправа. Постои само еден оддел за детска и адолесцентна психијатрија во рамките на Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје. Во стратегијата има и пропусти во делот промоција и превенција во областа на менталното здравје. Забележан е и мал капацитет, како и квалитет на услугите наменети за деца и младинци. Ваквите услуги доминантно се насочени кон медицинско-психијатриски третман. Заедничко во извештаите на Советот на Европа, Владата на САД и Европската унија, е критиката за процентот на средства што се одвојуваат од Фондот за здравствено осигурување за менталното здравје, кој е значително помал во споредба со другите медицински гранки – вели таа.
При оценувањето на спроведувањето на стратегијата, децидна е Николовска, важно е да се земе предвид пристапноста до услугите за ментално здравје надвор од овие специјализирани установи.
– Во најголема мера ова се однесува на превенција на ментални состојби и нарушувања кај младите. Иницијативите засновани на заедницата, како што се училишните програми за ментално здравје, треба да се засилат и прошират за да допрат до поширока популација на деца и млади луѓе. Овие иницијативи можат да помогнат да се идентификуваат и да се решат проблемите со менталното здравје во рана фаза обезбедувајќи навремена поддршка и интервенција – вели таа.
Родителите, наставниците и општата популација не се надвор од ова.
– Стратегијата треба да ја нагласи важноста на писменоста за менталното здравје меѓу родителите, наставниците и општата популација. Со промовирање на свеста и на разбирањето за проблемите со менталното здравје, можеме да поттикнеме средина каде што децата и младите се чувствуваат удобно да бараат помош и поддршка. Засилувањето на родителите и на воспитувачите со потребните знаења и вештини може да придонесе за рана идентификација и интервенција, што на крајот ќе има корист за менталната благосостојба на нашата младина.
Како да градиме поздрава и поотпорна заедница?
Исаковски е во редовен контакт со многу тинејџери со најразлична заднина, карактер и ставови, но вели дека секогаш е потребно барем минимално да се дефинираат нештата, кои, можеби, тие ги толкуваат погрешно. Исаковски укажува на неколку клучни области за да создадеме поздрава и поотпорна заедница. Во делот на образованието и градење свесност, тој укажува на основни елементи за грижата за менталното здравје:
– Треба да ги едуцираме поединците од сите возрасти за заедничките предизвици за менталното здравје и за ресурсите за поддршка што ни се на располагање. Ова може да се постигне преку училишни програми, работилници во заедницата и медиумски кампањи што промовираат ментална писменост.
Понатаму, вели Исаковски, е создавањето средина за поддршка во училиштата, работните места и заедниците:
– Ова вклучува спроведување политика што дава приоритет на менталната благосостојба. Такви се приспособливи работни часови, програми за управување стрес и кампањи против обележаноста. Промовирањето култура на емпатија, разбирање и отворена комуникација ги охрабрува поединците да бараат помош кога е потребно.
(Содржината е објавена во 53. издание на „Лице в лице“, кое ја носи темата за решенија за градење инклузивен пазар на труд.
Може да го купите од нашите продавачи, или од веб продавницата, достапна на овој линк ).