Доза вести

Кисела Вода ќе добие урбан парк: Инклузивен простор за деца, семејства и домашни миленици

Време на читање: < 1 минута

Ова лето започнува изградбата на нов „Парк на еднаквоста“, инклузивен и целосно пристапен јавен простор кој ќе нуди безброј можности за рекреација, дружење и едукација на граѓаните од сите возрасти, најавија од здружението „Икуалити“.

Паркот ќе биде прв од ваков вид во Скопје, креиран со внимание кон лицата со попреченост, децата, родителите, постарите лица, како и љубителите на домашни миленици.

Новото урбано катче ќе содржи интегративни и едукативни содржини што ја стимулираат креативноста и учењето преку игра, катчиња за релаксација и активности на отворено, зелени површини и простор отворен за миленици, што го прави идеален за целото семејство. Исто така, ќе овозможи архитектонска пристапност за лица со попреченост, вклучително и соодветен паркинг.

– Паркот ќе содржи интегративни содржини, ќе биде урбано уреден, ќе ја поттикнува креативноста кај наjмладите и децата и ќе има за цел да ги едуцира и информира посетителите за значењето на учењето и осознавањето преку игра, релаксација и интегративни катчиња. Преку разновидни содржини и можности за интегративно дружење, овој парк ќе поттикне заедништво и ќе ја оживее можноста за поврзување со природата во Скопје – велат од „Икуалити“, кои за овој проект соработуваат со Општина Кисела Вода.

Појаснуваат дека станува збор за јавно-приватна соработка на невладина организација и локална самоуправа, во соработка со локални фирми, кои ќе создадат општествено значаен проект.
– Ќе имаме карактеристики и на знаменитост, а ќе биде корисен од заедниците од општините Кисела Вода, Аеродром, Центар, како и поширокото подрачје на Скопје, но и ќе поттикнува интеграција и дружење како кај најмалите и кај повозрасните – велат од организацијата.

Изградбата започнува летово, а официјалното отворање се очекува до крајот на 2025 година.

Напишете коментар