Кога графитите повредуваат
Мултикултурни ли сме, или само културни пред другите? Тогаш, ја бараме раката на уметникот, со убав мурал да ги покрие грдите зборови.
Aко дојдете во Струга, ќе ви кажат дека сме пример за мултикултурализам, почитување на различности и негување на различни визии во едно општество.
Можеби и има вистина во тоа. Во градот на мостовите цветаат пријателства помеѓу Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби и сите други присутни националности.
И баклава за Бајрам и црвено јајце за Велигден со чест и почит се прифаќаат. Но, на sидовите во овој убав град на различности, ноќе, кога никој не гледа некои го истураат насобраниот и скриен бес.
„Fuck MK“, ,,Смрт за Шиптари““, се само дел од натписите кои неретко знаат да ни осамнат наутро и да се зачудиме.
Мултикултурни ли сме, или само културни пред другите?
Тогаш, ја бараме раката на уметникот, со убав мурал да ги покрие грдите зборови.
Ни треба промена на менталитетот
Денот кога ги слушнавме празничните камбани од Соборниот храм „Свети Ѓорги“ и гласот на оџата од џамијата во Струга, ги запознавме и Ана Наумоска и Дијон Бануши. Изминатава година тие беа дел од проектот „Мултикултурализам и радикализација – нови пристапи кон старите проблеми” кој го спроведува локалната организација „Аква“.
Aна е младa и успешена девојка, по вокација правник, по темперамент личност која често го крева гласот и ја буди свеста за различностите, нивното прифаќање и спречување говор на омраза. Младинскиот активизам е нејзина уметност на живеење и делување.
Таа смета дека коренот на говорот на омраза не се младите, бидејќи како што вели, „ниту еден млад човек не се раѓа со омраза или предрасуди, туку напротив, таквите светогледи ги стекнува како дел од општеството или му се пренесени од повозрасните“.
-За жал сѐ уште живееме во крајно поделено и партизирано општество. Политичката реторика влијае на зајакнување и на национализмот и на етноцентризмот. Младите живеат во свет каде говорот на омраза се нормализирал и секојдневно сведочат и се привикнуваат на нетолеранција. Затоа таквите шаблони на однесување ги пресликуваат и во сопствените односи – објаснува Ана.
Потребно ни е ажурирање на образовниот систем, особено во делот на граѓанското образование, за да се влијае на изградба на критичка свест, медиумска писменост, но и да се придонесе за запознавање со разликите и нивна толеранција:
– Важна е интеграцијата и градење соживот преку повеќе воннаставни активности и неформално образование, каде младите од различни етнички заедници ќе работат и учат заедно. И секако, неопходна ни е промена на менталитетот. И едните и другите, мора да сфатиме дека живееме во мултиетничко, мултирелигиско и мултикултурно општество. Дека тоа е богатство кое мора да го негуваме, а не да бараме разлики и да правиме раздор. Мора нашите светогледи да ги засноваме на идејата дека, пред да бидеме припадници на една или друга група – сме луѓе – потенцира Наумоска.
Апатични наспроти активни млади
Искуството на Ана говори дека постојат две групи: оние кои се активни и се вклучуваат во општествените процеси и оние со кои завладеала апатија.
-Младинската апатија е посебен општествен проблем. Оваа група млади не се занимава со младинско учество, активизам, не учествува во вон-наставни активности или неформално образование. За жал, ова е мнозинството од младите. Кај нив не постои свест за различноста, ниту за потребата од справување со говорот на омраза. Нив не ги интересираат графитите со негативни пораки бидејќи најчесто живеат во својата хомогена група на врсници, каде не се чувствуваат општествените проблеми- вели таа.
Другата група млади луѓе се поагилни и поактивни, а со тоа и посвесни. Во ваквата средина тие градат врски кои се над етничката, верската или друга припадност и се засноваат на чистите човечки вредности.
Апатијата кај своите врсници ја препознава и средношколецот Дијон Бауши.
Вели дека има мал број врсници што реагираат на натписите по sидови со навредлива содржина на етничка основа, бидејќи малкумина и се свесни за овој проблем во Струга.
– Сите мора да придонесеме за да се стопира ваквото навредливо однесување. Од една страна го прави нашиот град да биде грд, а од друга, може и да влијае негативно на младите. Некој може лесно да биде навреден или повреден – вели тој.
Според Бауши во образовниот процес не се посветува доволно внимание на едукација за толеранција, ниту на класните часови, ниту на предмети како социологија, граѓанско образование и слично.
– Потребно е да има повеќе настава на темата, бидејќи единствено сознанија на оваа тема добиваме од активности надвор од училиштето – додава младиот средношколец кој не крие дека графитите со навредлива содржина го повредуваат.
Тајно ги храниме предрасудите
Дека мултикултурализмот, особено неговото значење преку јазиците, кои ако се сфатат како богатство на различности, а не опасност за другата нација која живее на исто место, можат да направат многу позитивни промени на свеста, нова визија ни отвори Еди Ќела, докторка на науки на тема билингвизам и трилингвизам. Таа држи предавања на македонски, турски и албански, а на тие три јазици и размислува. Вели дека за вистинско живеење и поимање на мултикултурализмот, пред сѐ, потребна е љубов и свесност дека во секоја култура има нешто подобро од нашата.
– Ние во Струга, ги прикриваме проблемите и за нив зборуваме само зад затворени врати. Мора да признаеме дека во Струга не постои кафуле во кое се пушта музика на сите три јазици. Ако прашате некој интелектуалец за мултикултурализмот, ќе ви каже дека го чита Орхан Памук и Кадаре, но така не се станува мултикултурна личност. Елементарната насока која ни ја даваат родителите кога сме деца е многу важна. Многу е важно што ние зборуваме во нашите домови. Друг фактор е образовниот систем и општествено политичките збиднувања- објаснува Ќела.
Додава дека во нејзиното досегашно искуство има примери во кои некој одбива да учи албански, македонски или труски затоа што, како што вели, јазикот е една од најсилните алатки за идентификации и преку јазикот една етничка група се обидува да биде подоминантна над другата. Посочува дека учењето на друга култура и јазик не значи побивање на сопствената култура и сопствениот јазик – туку надградување на сопствената интелигенција. Ќела потенцира дека имаме многу предрасуди, и свеста за позитивно прифаќање на различностите мора да се менува.
– Ние сите овде живееме заедно, а не се познаваме, и имаме многу предрасуди едни кон други. Наместо да работиме на решавање на тој проблем, ние тајно ги храниме тие предрасуди. До некаде е позитивно што веќе јавно не се зборува за меѓуетничка омраза, но, тука не смее да се застане, затоа што во иднина, тајната омраза може да прерасне во нешто многу опасно. За жал, кога и да се организира мултикултурна активност, присуствуваат луѓе кои веќе се отворени, а со оние со кои навистина треба да се работи, не доаѓаат- вели Еди.
Како дел од решенијата за надминување на овие проблеми според неа, се менување на политиката, и државата да направи сериозна стратегија со која ќе научиме да ги менуваме нашите сфаќања, да не генерализираме.
– Интегрираните часови во образованието треба сериозно да се спроведуваат, затоа што така се учи и живее мултикултурализам од рана возраст. Друг фактор е политиката, многу често за добивање почитички поени, партиите знаат да играат на ,,национална карта“ и така потхрануваат омраза на национална основа- заклучува Ќела.
Прифаќањето на различностите почнува од мали нозе
Според социолозите, мултикултурализмот ветува корисна матрица за унапредување на односите во мултиетничките општества. Меѓутоа во практичната политика, релативно честа е злоупотребата на идејата за мултикултурализам, особено во ситуации на дезинтеграција на мултиетнички држави и доминација на етничкиот национализам во сите сфери на општеството.
– Во држава како нашата каде политиката е максимално навлезена во сите општествени сфери, многу е тешко, но, не и невоможно за правилни одлуки и справување со ситуација. Само преку правилна примена на закони, добри државни политики со стручни лица без политичка позадина, добри проекти, посветено работење и искреност во делувањето од страна на институциите, може да изградиме една поинаква држава каде мултикултурата ќе биде разбрана како национално богатство и ќе го постигнеме посакуваниот просперитет и благосостојба- вели Ивана Милеска, социолог.
Таа е оптимист дека работите се менуваат и тргнуваат кон подобро. Повторно фокусот е во образванието.
-Можам да зборувам како социолог од сферата образование, каде секојдневно се градат политики за прифаќање на мултикултурализмот. Образованието е столб на општеството, а со будење свест и прифаќање на различностите треба работа од мали нозе. Ниту една промена не се случува преку ноќ, а со работа и посветеност може да има резултати – изјави Милеска.
Таа смета дека првиот чекор за прифаќање на мултикултурата е осознавање на различноста. Со добри политики и добри проекти кои не се само на хартија, може да се изнајде решение, посочува Милеска.
Повеќе уметност – за помалку омраза и поголеми промени
Проблемите и можните решенија внимателно ги сослушавме, но повторно треба да ја побараме раката на уметникот, зашто последниот мурал, посветен на Браќата Миладиновци, некој го уништи, по само две недели постоење. Ноќе, со спреј, кога никој не гледа.
Талентираните раце на уметниците се важни исто колку и нивниот глас во општеството.
-Една од функциите на уметноста е преку своите методи постојано да настојува кон поставување на нови похумани рамки за сфаќањето на светот, трагање кон некакви промени во оптштеството. Уметноста исто има за цел да критикува, да инспирира, провоцира сѐ со намера за покренување на размисли за одредени теми кои ги исполнуваат нашите животи. Уметноста треба да биде достапна за сите, а особено практикувана во помладите години од животот, но не треба таа да се користи и сфати само како форма на некаква декорација туку и како алатка со која тие би можеле да поттикнат на промени – рече Горан Ристовски, уметник од Струга.
На непосакуваните акции, како уништениот мурал, Горан вели дека треба да се спротивставиме со уште повеќе уметност во Струга.
(Содржината е подготвена во рамки на проектот „Лице в лице со различностите“ , со финансиска поддршка од Европската унија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Европската унија)