Кога работам – сакам да ми е добро, менторството ми го овозможува тоа
Преку својата работа, менторката за вработување од Босна и Херцеговина, Сенада Сушиќ, ги поттикнува менторираните лица да може да се видат себе си во многу подобро светло на пазарот на трудот, па и да отворат сопствени бизниси.
Анета Ристеска
Сенада Сушиќ е менторка за вработување од Брчко, Босна и Херцеговина, која пред три години ја помина обуката од Програмата социјално менторство за работна интеграција што ја разви Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“. Вели дека кога работи, сака да се чувствува добро. Така добива енергија и тоа ја движи да биде се’ подобра во она што го прави. Како што нагласува, менторството ѝ го овозможува ова чувство. Во исто време, важно ѝ е и нејзините менторирани лица да се чувствуваат добро и затоа на изборот на работно место става особено внимание, исто како и на препознавањето на капацитетите и талентите на нејзините менторирани лица.
Работи со млади жени кои сакаат да влезат на пазарот на трудот, притоа ставајќи акцент на подигнување на свеста за личните капацитети и можности што може да ги дадат во работата и професионалната реализација. Но, во исто време, оди чекор и понатаму. Поттикнува и отвора можност овие луѓе да се видат себе си и во претприемачка приказна, односно да отворат сопствен бизнис.
Под нејзино водство, неодамна, една од жените (менторирано лице), беше вработена во голема прехранбена фирма, а друга во невладина организација. Сушиќ, преку својата работа, ги поттикнува менторираните лица да може да се видат себе си во многу подобро светло на пазарот на трудот, па и да отворат сопствени бизниси.
Нејзината мисија подразбира поврзување на локалните актери со тоа што се потреби и можности кај менторираните лица. Смета дека е важно сите засегнати страни да го видат „networkingot“ како важен сегмент од професионалниот живот.
Како менторка за вработување, опишете ни како ги идентификувате потенцијалните можности за вашите менторирани во локалните бизниси и организации?
Сегашната ситуација во округот Брчко во Босна и Херцеговина, да речеме, е поволна за нови работни места, но, тоа секогаш е на некој начин условено. Тоа се пониски позиции во услужната индустрија (келнери, готвачи, домаќини, чистачи, администрација, возачи, дистрибуција итн.). Работам со жени и досега сите четири менторирани лица, според вештините, потребите, беа над тие работни места. Би рекла дека е идеално да се направи истражување за реалната состојба, кое би вклучувало разбирање кои сектори растат, кои работодавци вработуваат и кои се моменталните реални потреби за работна сила. Се разбира, ова може да се заснова на прелистување огласи за работа, посета на саеми за вработување и воспоставување контакти со локалните комори. И, за се’ тоа, потребно е време.
Кои стратегии ги користите за да ги поттикнете вашите менторирани лица да ги препознаат и искористат своите уникатности, потенцијал и силни страни на работното место?
Откако ќе се идентификуваат потенцијалните можности, се обидувам да ги прилагодам на специфичните потреби и вештини на менторираниот. Ова вклучува разговори и презентирање на визија за чекори во иднина, различни можности, проценка какви врати се отвораат со тоа.
Што е најважно кога лицето ќе почне да работи?
Штом менторираните лица ќе почнат да работат, важно е да се обезбеди континуирана поддршка преку редовни состаноци и евалуација на нивниот напредок. Ова исто така вклучува работа со работодавците за да се осигура дека и тие имаат корист од програмата и се задоволни со работата на менторираниот.
Едно од вашите менторирани лица е на пат да отвори свој бизнис? Како се случи оваа промена – од долгорочно невработено лице до сопственик на микро бизнис?
Таа е фитнес инструкторка која сака да развива свој бизнис за да им помогне на жените да го подобрат своето целокупно здравје, преку фитнес програми, советувања и исхрана. Во моментов го истражуваме системот на поддршка за отворање бизнис воден од жена, за што постојат бројни можности во БиХ. Моето искуство во подготовка на проекти и креирање стратегии ми носи многу информации. На овој начин ги мотивирам и некои од моите менторирани лица да започнат сопствен бизнис. Им давам информации за можностите и средствата кои може да се добијат за започнување бизнис, за поддршка – кофинансирање на опрема, работници итн. Најмногу зборуваме за приликите и можностите кои реално ги прикажувам преку вистински примери во околината. Ваквите реални приказни поттикнуваат понатамошно размислување и можни чекори за стартап.
Еден коментар на “Кога работам – сакам да ми е добро, менторството ми го овозможува тоа”