Кога законот ќе се сретне со алгоритмот: Кичево гради генерација на техно-правници! – Интервју со проф. д-р Светлана Вељановска, деканка на Правниот факултет во Кичево

Новата студиската програма „Право и нови технологии“ ќе биде стратегиски чекор напред во насока на едукација на генерации правници подготвени да се соочат со дигиталните предизвици на 21 век
Анета Ристеска
Дигиталната трансформација носи многубројни правни предизвици со кои образовните институции мора да држат чекор. Правниот факултет во Кичево ја препозна оваа потреба и воведува студиска програма за втор циклус Право и нови технологии, која ќе ги подготвува студентите за растечкиот пресек меѓу правото и технолошкиот развој.
Разговараме со деканката, проф. д-р Светлана Вељановска, за тоа како оваа програма ќе им овозможи на идните правни стручњаци да се соочат со комплексните прашања на дигиталните права и слободи следејќи ги глобалните трендови во правното образование каде што интердисциплинарниот пристап веќе станува стандард.
Неодамна, на работилница за дигитални права и слободи во Кичево беше најавена новата студиска програма Право и нови технологии.
Кој е мотивот за една ваква иницијатива и кои конкретни правни и технолошки области ќе ги опфати?
Во последната деценија сме сведоци на интензивна информатичка трансформација, која навлегува сè подлабоко во сите пори на општеството, па и во правниот систем.
Воведувањето системи за управување предмети во судовите, аудио и видеоснимање на сослушувањата и на судењата, дигитализација на буџетските и другите административни процеси, ги сменија контурите на судскиот систем. Нашата мотивација произлегува токму од оваа реалност за која како академска заедница сме повеќе од свесни. Преку програмата Право и нови технологии имаме намера да создадеме правници со специфични знаења и компетенции, кои ќе имаат можност да се соочат со сите предизвици на дигиталната ера. Но, исто така, сакаме да вклучиме стручњаци од други професии, кои ги владеат информатичките вештини, но сакаат да имаат поголеми познавања од правните науки.
Студиумот, меѓу другото, ќе вклучува едукација за правната регулатива поврзана со вештачката интелигенција, кибернетската безбедност, дигиталната приватност, како и новите предизвици на медиумската индустрија.
Како оваа програма ќе ги подготви студентите да се соочат со актуелните предизвици како измами на интернет, злоупотреба на вештачка интелигенција и нарушување на приватноста? Односно, како нивниот потенцијал понатаму ќе биде ставен во прилог во општествениот контекст?
Програмата вклучува наставни предмети што ги покриваат феноменолошките и правните аспекти на дигиталниот криминал. Студентите ќе ги изучуваат видовите дигитална девијантност, домашните и меѓународните правни инструменти, ќе здобијат вештини за анализа, интервенција и заштита во дигиталниот простор. Покрај тоа, ќе се обработуваат и прашања поврзани со медиумската етика, дигиталната цензура, телекомуникациите и новите медиуми.
Целта ни е студентите да бидат не само теоретски подготвени туку и практично оспособени да придонесат кон градењето правна култура што одговара на современиот дигитален контекст на живеење и работење.
Кои правни механизми и решенија за заштита на дигиталните права и слободи ќе бидат во фокусот на програмата?
Фокусот ќе биде ставен на неколку клучни области: заштита на лични податоци, слобода на изразување, правото на приватност, заштита на дигиталната дискриминација и говор на омраза, пристап до правна помош во дигиталниот контекст и сл.
Иако основата е правна, програмата ќе овозможи интердисциплинарен пристап преку предмети поврзани со дигиталната економија, владеење, етика и социолошки аспекти на практикување на дигиталните права. На тој начин сакаме да создадеме сеопфатна подлога за разбирање и практична примена на концептите поврзани со дигиталните права.
Дали сметате дека сегашната правна рамка во Македонија е соодветна за заштита на дигиталните права и кои законски промени се неопходни?
Сметам дека како држава имаме направено значителни напори за усогласување на нашата правна рамка во оваа сфера со европското законодавство. Но, сепак, тоа не може да ги одрази во целост предизвиците што ги носи дигиталната реалност. На пример, Законот за заштита на податоците е солидно втемелен, но неговото спроведување, особено во помалобројните институции и компании, не е на соодветно ниво. Потребни се поефикасни механизми за надзор, поголема институционална одговорност и ажурирање на законската регулатива во согласност со технолошкиот напредок. Само така може да гарантираме вистинска заштита на дигиталните права на граѓаните.
Каква соработка планирате со ИТ-секторот и правните институции за да се обезбеди практична примена на знаењата што ќе ги здобијат дипломците од оваа програма?
Соработката со ИТ-секторот и правните институции е од суштинско значење. Веќе имаме склучено меморандуми за соработка со технолошки компании од регионот, кои се активни во областа на вештачката интелигенција, блокчејн и кибернетска безбедност, како и со институции од сферата на судството, обвинителството, адвокатските и нотарските комори, локалната власт. Планираме вклучување стручњаци од индустријата и институциите како предавачи и ментори во реални проекти. Практиката ќе се реализира во судовите, обвинителствата, адвокатските и нотарските канцеларии, општинските служби и други институции во земјата.
Нашите студенти ќе имаат можност да се вклучат во пилот-проекти за дигитализација на јавната администрација, но и да придонесат во креирање иновативни решенија и законски предлози за подобрување на дигиталното право.
Правниот факултет од Кичево ја препозна неопходноста од интердисциплинарен пристап во високото образование отворајќи нови можности за академска и професионална мобилност. Сметам дека студиската програма ,,Право и нови технологии“ ќе биде стратегиски чекор напред во насока на едукација на генерации правници подготвени да се соочат со дигиталните предизвици на 21 век.

Photo: Freepik
Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија. Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.
