Блог

Кој е виновен за тинејџерите што пушат цигари?

Време на читање: 3 минути

Како возрасни, лесно го обвинуваме „системот“ – институциите што не ги спроведуваат законите и инспекторите што не казнуваат. Вистинскиот проблем лежи подлабоко и се рефлектира во нас самите.

Наташа Маџевска



Колку често, со неверување дознаваме дека малолетниците  за првпат пробале електронска цигара? Шокот и разочараноста се големи. Како возрасни, со разговори и ветувања веруваме дека тоа било само момент на детска љубопитност. По некое време, навидум невино дружење дома, родителите наоѓаат отпушок од електронска цигара. „Од другар/ка“, често ќе кажат децата.
Но, никотинот тивко се вовлекол во животот на младиот тинејџер.

Си го поставив прашањето: Како е можно овие забранети производи да бидат толку лесно достапни за децата? Кој им ги продава цигарите и е-цигарите на младите? Нели строго им се забранети? Да, забранети се! Но, лесно им се достапни.

Оваа приказна е болна реалност за многу родители во Македонија. Прошетајте покрај кое било средно училиште за време на големиот одмор. Ќе забележите групи тинејџери со класични цигари, како и облачиња ароматизиран вап-чад околу нив.

Ако им се забранети, како ги набавуваат?

Маркетите, малите дуќанчиња и киосци продавачите често не бараат лична карта од малолетните момчиња и девојчиња, замижувајќи пред возраста на купувачот за неколку стотини денари профит.

Ги набавуваат и преку повозрасните пријатели или соседи кои, по молба на тинејџерите, им купуваат никотински производи.

А поново и поактуелно и со интернет-порачувања кој е лесен начин за набавка на електронски цигари и вкусови, без никаква контрола.

Дали законот е само на хартија? Зошто продажбата на овие производи кои се особено штетни за малолетниците, не е построго регулирана?

Законот за заштита од пушењето на хартија јасно забранува продажба на тутунски производи на лица под 16 годишна возраст. Предвидени се казни до 4000 € за правно лице.

Но, надвор од законот, кој е на хартија, продажбата е слободна. Инспекциските контроли се ретки, санкции речиси и да не се изрекуваат.
Инспекторите не смеат да легитимираат малолетници, без полициска поддршка – што го прави фаќањето прекршители речиси невозможна мисија. Секако, и никотинските производи (како на пример „снус“ или никотинските ќесиња) долго време не била опфатена од законските забрани, оставајќи простор за дополнителна злоупотреба.

Многу често сите го поставувам прашањето „Кој е виновен, системот или сите ние поединечно?

Како возрасни, лесно го обвинуваме „системот“ – институциите што не ги спроведуваат законите и инспекторите што не казнуваат. Вистинскиот проблем лежи подлабоко и се рефлектира во нас самите.
Половина од возрасните во Македонија се пушачи. Децата секојдневно гледаат возрасни како палат цигара на улица, во кафуле и дома. Пораката која се праќа е дека цигарите се вообичаен, „нормален“ дел од животот.

Кога ќе видиме тинејџер со цигара, замижуваме и продолжуваме понатаму. Колку нашиот молк е соучесништво?
„Сите деца пробуваат“, слушам честопати од други родители. Ова е оправдување и откажување. Родителите мораат да разговараат отворено, емпатично и со факти за ризиците од никотинот.

Како одговорноста да ја направиме заедничка?

  • Родителите треба да ја развијат својата будност и да дадат позитивен пример на своите деца.
  • Сите возрасни треба да престанат да нормализираат пушење пред деца и да пријавуваат забележан прекршок.
  • Институциите и властите треба да спроведат почести и поагресивни инспекции, со креативни методи за фаќање прекршители и јавна објава на казнените мерки.
  • Трговците и угостителите безрезервно треба да ги почитуваат законите и да бараат лични карти од сите купувачи.

Болката и гневот на родителите чии деца се вовлекуваат во порокот на никотинот се оправдани. Тие имаат право да прашаат каде потфрла системот и зошто не ги заштитува најмладите. Одговорот за тоа „како е дозволено она што е забрането“ не е едноставен, ниту лежи само во една канцеларија или институција. Лежи во огледалото на општеството.
Секој од нас – од министерот, инспекторот и продавачот, до родителот и случајниот минувач – е дел од сложувалката. Ако затвораме очи пред малолетничкиот дим, соучесници сме во уништувањето на нивната иднина.
Да почнеме да делуваме!
Во спротивно, ќе продолжиме да живееме во лицемерна противречност: да го плукаме системот за пороците на младите, а истовремено да гледаме како системот тоне пред нашите очи и иднината на децата.

Напишете коментар